Јован Андревски

Јован Андревски (роден на 14 јануари 1942 во с. Турје, Охридско) — македонски воен генерал, четврт началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија од 2000 до 2001 година.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Андревски е роден во селото Турје, денес во Општина Дебрца, за време на Втората светска војна. Основното образование го завршил во блиското село Врбјани.

Во 1962 година завршил Инженериска подофицерска школа. Во 1967 година ја завршил Воената академија на Копнената војска на Југословенската народна армија. Од истата година бил командир на вод во гарнизонот во Охрид, каде што во 1972 година бил унапреден во командир на чета. Во 1974 година бил преместен во гарнизонот во Струмица, каде што служел до 1979 година, и бил унапреден во командант на баталјон. Во 1978 година ја завршил Командно-штабната академија на Копнената војска на ЈНА. Андревски завршил и Школа за национална одбрана. Од 1978 до 1979 година бил началник на инженеријата во 168. пешадиска бригада на 3. Армија на Копнената војска на ЈНА. Во 1979 година бил произведен во чин мајор и унапреден во заменик командант на инженериски полк и бил преместен во гарнизонот во Скопје. Од 1982 до 1983 година бил референт во органот „Инженерија“ во командата на 3. Армија. Од 1983 до 1988 година бил командант на инженериски полк. Во 1984 година бил произведен во чин потполковник, а во 1989 година во чин полковник. Тогаш бил унапреден во началник на органот „Инженерија“ во командата на 3. Армија, која што должност ја вршел до 1992 година.

По осамостојувањето на Република Македонија и формирањето на Армијата на Република Македонија, од 1992 до 1993 година Андревски бил началник на Управата за инженерија при Генералштабот на АРМ. Потоа бил назначен за командант на 3. Корпус на АРМ. Во 1995 година бил произведен во чин генерал-мајор и бил преместен во гарнизонот во Куманово. Од 1996 година бил командант на 1. Корпус на АРМ.[1]

Во 2000 година Андревски бил произведен во чин генерал-потполковник. На 11 февруари бил именуван за началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, наследувајќи го генералот Трајче Крстевски. Андревски бил четвртиот началник на ГШ на АРМ и ја водел Армијата за време на воените дејства во 2001 година. Должноста ја вршел до 12 јуни 2001 година, кога си поднел неотповиклива оставка, и на должноста бил наследен од генералот Панде Петровски.[2] Андревски бил советник за воени прашања во кабинетот на претседателот на Република Македонија Борис Трајковски од 2001 до 2002 година, кога и се пензионирал.

Воени чинови

[уреди | уреди извор]
  • инженер-потпоручник (1967)
  • Поручник (1970)
  • Капетан (1972)
  • Капетан од I класа (1975)
  • Мајор (1979)
  • Потполковник (1984)
  • Полковник (1989)
  • Генерал-мајор (1995)
  • Генерал-потполковник (2000)

Одликувања и признанија

[уреди | уреди извор]
  • Орден за воени заслуги со сребрени мечеви (1975)
  • Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда (1975)
  • Орден за воени заслуги со златни мечеви (1980)
  • Орден на трудот со сребрен венец (1984)
  • Орден на Народната армија со златна ѕвезда (1989)
  1. Стојановски, Мирослав; Стојаноски, Борис (2017). Стојановски, Мирослав (уред.). Воени генерали од Mакедонија (1943–2017), второ издание. Скопје: Клуб на генерали на Република Македонија. стр. 20.
  2. „Macedonian Army chief resigns“. The Washington Times (англиски). 13 јуни 2001. Посетено на 15 јануари 2022.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]