Бадмингтонс (музичка група)

Бадмингтонс
ПотеклоСкопје, Македонија
Жанровипост панк, алтернативен рок, електронска музика
Период на активност1984–1987, рејунион 2005-2007
ИздавачиHelidon
Avalon
Lithium
СоработнициПадот на Византија
Поранешни членови
Борис Георгиев-Бут
Владимир Петровски-Картер

Бадмингтонс – македонска рок група, активна од 1984-1987 година и рејунион 2005-2007 година, од Борис Георгиев-Бут (тапани) и Владимир Петровски-Картер (гитара). Првично групата била позната како Култ Група Бадмингтонс или скратено КГБ. По само неколку месеци името било скратено во Бадмингтонс.

Активности

[уреди | уреди извор]

Првиот посериозен настап на групата бил во 1984 година на изборниот натпревар „Поздрав од Скопје за Сараево“, во Домот на младите „25 Мај“, а по неколку месеци, во сопствена организација заминале за Сараево и настапиле во тамошниот Дом на млади. Групата се пријавила и на „Рок фест ’84“, со пет песни, денес исто така изгубени. Во февруари 1985 година групата влегла во студио и за рекордно време ги снимила Депресија, денес позната како Морам ли јас, и Доаѓа сабота. За да го искористат преостанатото време од 30-тина минути, групата набрзина се договорила да ја сними и денес легендарната песна Сите обични луѓе.

На 24 март 1985 имале уште еден концерт надвор од Македонија, во Ниш, во рамките на манифестацијата „Поздрав од Скопје за Ниш“, заедно со Падот на Византија, Меморија, Урбан и со Карамела.

На 12 и 13 мај 1985 година бендот снимил осум песни, со помош на Слободан Пашиќ-Пајо. Овие песни, заедно со трите студиски, Картер ги ставал на една касета што ја нарекол После мене што ти е гајле, која претставува првото македонско независно издание. На крајот од летото на групен настан, пред Олимпискиот базен во Скопје, го промовирале новиот тапанар Шпенд Ибрахими. Со Шпенд во поставата, во октомври, групата направила уште едно снимање, на пет песни – Хочеш ли живети заувек, Улица богова, Свечан дан, Твој свет и Сите обични луѓе – отпеани на српскохрватски јазик. И овие снимки Картер ги ставил на касета, именувана како Интимно тетовирање.

Групата се појавила на два фестивала во Босна и Херцеговина, во Сараево и во Тузла. Во април 1986, по една година од студискиот запис, Сите обични луѓе добиле и видео, промовирано во емисијата „Видео метроном“, а на крајот од тој месец групата одржала и самостоен концерт во „Домот 25 Мај“ во Скопје.

Од март 1987 година, Бадмингтонс повеќе не постоеле.

Повторно појавување

[уреди | уреди извор]

Осумнаесет години по разидувањето на групата, на првиот отворен фестивал „Аларм“ одржан во периодот 14-17 јули 2005 година во с. Љубаништа, Бадмингтонс го имале својот прв рејунион.

Во 2007 година, следувал уште еден рејунион, на кој му претходела употребата на антологиската Сите oбични луѓе и на уште две други теми во филмот „Превртено“ на Игор Иванов-Изи.

За промотивни цели на филмот, „Стотројка“, издавачката куќа на радиото „Канал 103“, објавиле цеде-сингл со три песни. Иако е синглот официјално објавен како издание на Бадмингтонс, две од песните – Ако ми дадеш и Убав ден – се нумери на Александар Македонски, објавени на албумот Моето Царство. Изданието е промовирано на 20 септември 2007 во арт-кафето „Мала станица“.

Во рамките на „Таксират 9“, на 3 декември 2007 во МКЦ, бил организиран големиот рејунион-концерт, по кој Бадмингтонс повторно престанале да работат.

Во 2009 година, независниот алтернативен режисер Јане Алтипармаков го реализирал концертниот документарец за бендот, кој ги прошетал релевантните балкански фестивали за музички документарци.[1]

  1. Филиповски, Тошо (2018). Македонска рок енциклопедија (1963-2028). Скопје: Корпус Деликтри Рекордс ,Тошо Филиповски. стр. 54–55.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]