Големо Коњари се наоѓа во средишниот дел на Прилепското Поле во западниот дел на Општина Прилеп од десна страна на патот Прилеп - Кривогаштани - Крушево. Селото е рамничарско и лежи на 607 метри надморска височина. Од Прилеп е оддалечено 9 км, а во неговата близина е блатото кое е собиралиште на многу видови птици. Атарот на селото граничи со атарите на селата: Варош на исток, Мало Коњари на југ, Врбјани на запад и Славеј, Заполжани и Мажучиште на север. Покрај селото поминува регионалниот пат R516 Прилеп-Крушево-Сладуево.
Големо Коњари има дадено многу борци за Македонија особено во Илинденско востание и Втора светска војна. Поради тоа што е во рамнината на Прилепското Поле (на мета на турските власти од Прилеп) за време на Илинденското востание борците од ова село и околните села не биле организирани во посебна чета туку биле дел од многуте чети.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Големо Коњаре се води како мешано македонско-турско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 77 куќи.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[5]
Според пописот од 2002 година, селото Големо Коњари има 699 жители, сите Македонци.[6] Големо Коњари не го зафатило процесот на масовна миграција и бројот на жители не варирал во големи граници.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 613 жители, од кои 592 Македонци и 21 лице без податоци.[7]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Големо Коњари е чисто македонско православно село. Сите родови во селото се доселенички. Родовите се делат во три маала: Горно Маало, Долно Маало и Маало Албанија.[12]
Родови во Горно Маало се:
Доселеници:Параловци (10 к.), најстар род во селото, се доселил нивниот предок Ристо на самиот почеток на XIX век од селото Паралово во Битолско, го знаат следното родословие: Панто (70 г. во 1951 година) Никола-Коте-Ристо, кој се доселил; Бумбаровци (12 к.), доселени се од селото Света во Железник, го знаат следното родословие: Јосиф (80 г. во 1951 година) Ѓоре-Никола; Сваќаровци (4 к.) и Петревци (4 к.) доселени се од соседното село Мало Коњари и таму се доселени однекаде; Бунтевци (11 к.), доселени се од некое село во мијачкиот крај; Макаловци (10 к.), „скитале по селата“ во Големо Коњари се доселени од Мало Коњари; Мантаровци (5 к.) доселени се од селото Чепигово; Пацановци (2 к.), Северковци (2 к.), Царчевци (2 к.) и Дановци (4 к.), доселени родови од непозната старина.
Родови во Долно Маало се:
Доселеници:Мијаковци (8 к.), доселени се од некое село во мијачкиот крај, тие се втор најстар род во селото после Параловци; Срќевци (7 к.) и Талимџиовци (9 к.) имаат исто место на потекло, а тоа е селото Вирово во Железник; Недановци (1 к.), доселени се од селото Крушеани; Клаповци (6 к.) и Црневци (2 к.), доселени се од селото Бело Поле, каде имаат роднини, во Бело Поле се доселени од раселеното село Дабјани; Чапраговци (1 к.), доселени се од селото Кадино Село и таму се однекаде доселени; Седловци (3 к.) гранка се од родот Мантаровци во Горно Маало, доселени од Чепигово, од овој род потекнува Гоце Седлоски; Иљомановци (5 к.) и Љумевци (2 к.), доселени се од Мало Коњари, и таму се однекаде доселени; Ќиртовци (1 к.), „скитале по селата како момци“, овде се доселени од селото Врбјани; Видановци (1 к.), порано живееле во селата Врбјани, Мало Коњари и други села и Бутраковци (2 к.) не знаат од каде се доселени.
Во маалото Албанија се родовите:
Доселеници:Касниовци (5 к.) и Чуљевци (3 к.) порано биле еден род, доселени се од Мало Коњари, таму им се род Сваќаровци; Пуцаковци (6 к.) доселени се од некое село во Железник.
Во близина на селото се наоѓа месноста Локва, кој е строг природен резерват. Тој е составен од три бари, остатоци од некогашното Пелагониско блато. Во нив живеат 50 различни видови на организми, од кои 16 се природно ретки видови. Наоѓалиштето е познато по реликтниот ендемски вид вилинско ракче (Chirocephalus pelagonicus), кое опстојува само на ова место.[15]
ФК Големо Коњари. Во минатото го носи името ФК Братство (Големо Коњари), а под тоа име во сезона 1993/94 клубот настапува во 2 МФЛ (Втора македонска фудбалска лига).
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“