Горно Мелничани | |
![]() Воздушен поглед на селото Горно Мелничани | |
Координати 41°31′8″N 20°35′17″E / 41.51889°N 20.58806°E | |
Регион | ![]() |
Општина | ![]() |
Област | Мала Река/Жупа |
Население | 0 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1258 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 08012 |
Надм. вис. | 940 м |
![]() |
Горно Мелничани — раселено село во Општина Центар Жупа, на граница на областите Мала Река и Жупа, во околината на градот Дебар.
Поради ваквата местоположба, врз основа на одликите на населението, кое е од мијачко потекло, Томо Смилјаниќ - Брадина селото го смета за дел од Мијачијата (или Мала Река), а врз основа на географските одлики географот Митко Панов смета дека тоа припаѓа на областа Жупа во Дебарско.
Своето име селото го добило според повремената река Мел(е)ница, која тече крај селото, а чие име доаѓа од старословенскиот збор за воденица. Името на селото настанало според занимањето на првобитните жители (мелничани), а за разликување од пониското истоимено село било наречено Горно Мелничани.[2]
Селото се наоѓа во североисточниот дел на територијата на Општина Центар Жупа, сместено во областа Дебарска Жупа.[3] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 940 метри.[3]
До селото води локален земјен пат, кој се исклучува од регионалниот пат 1202 пред Мелничкиот мост. Пристапот до селото, порано, бил многу тежок. Се одело преку Долно Мелничани, каде патот поминувал вертикално по падината „Кошево“ и „Ленишча“.[2] Кон крајот на XX век бил пробиен денешниот земјен пат до селото.
Горно Мелничани се наоѓа на повисоката терасеста површина во однос на Долно Мелничани. Просторот над селото се вика „Планина“, а шумата е „Под Село“ и „Над Село“. Порано овде биле и обработливи површини: ниви и лозја. На местото „Осој“ е заедничкиот синор со Долно Мелничани.[2]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Кошево Ленишче, Старо Лојзе, Шулковица, Чанакица, Браненица, Грагор, Рупије, Црвени Прелики, Комаришче и Драга. Имињата на шумите се следниве: Стол, Греда, Волачица, Плоча, Маврица, Змијинец, Влашко Ограѓе, Големо Мочило, Менка и Лиска.[2]
Над селото е планината Стогово со огранокот Маруша, од кој се спуштаат два потока Мелница и Леденица. Драга исто е поток кој се спушта од Маруша и е река од камења. Помали рекички се: Буче, Трескин Дол (со име на крастата што се наоѓа во овој дел), Девојкин Камен и Рупина. Во селото има повеќе чешми и тоа: Гумнишче, Бука, Млака, Маврица, Тодоромашница, Расадишче, Винишче, Горни Равен, Кочишча и други.[2]
Селото се дели на два краја (маала) разделени 300 до 400 метри.[2][4]
Запишано е дека ова село е постаро од соседното село Долно Мелничани.[2]
Според турските пописни дефтери, Горно Мелничани е христијанско село источно од Дебар, во нахијата Река.
Во 1467 година имало 9 семејства; во 1536-39 година имало 16 семејства, 2 неженети и 1 вдовица; додека во 1583 година имало 33 семејства и 8 неженети.[5]
Тома Смиљаниќ во својата книга „Мијаци, Горна Река и Мавровско Поле“ за Горно Мелничани како дел од регионот Голема Река (во кој се и селата Долно Мелничани и Долно Косоврасти) пишува дека во 1920 година во селото имало 44 куќи со 44 мажи и 82 жени, вкупно 190.[2]
Иако селото е одамна раселено, најголем дел од селаните што живееле во селото сега имаат своја куќа и свое земјиште и тој број изнесува 32 семејства, чии членови повремено доаѓаат во селото.
Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]
Атарот на селото зафаќа простор од 5,7 км2.[3]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото имало 30 домаќинства со 96 жители, сите христијани (Македонци).[7]
Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Горно Мелничани живееле 275 жители, сите Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Горно Мелничани имало 320 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Горно Мелничане се води како чисто македонско село во Реканската каза на Дебарскиот санџак со 40 куќи.[10]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[11]
Селото е наполно раселено по 1971 година, кога што броело 18 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, селото немало жители.[12] Истото било потврдено и на последниот попис од 2021 година.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 275 | 320 | 179 | 190 | 126 | 18 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 |
Според записите на Томо Смилјаниќ - Брадина од 1912 година, во селото Горно Мелничани живееле следниве родови: Бисовци (15 к.), кои слават Свети Ѓорѓија; Влкановци (12 к.), најстар род во селото, слават Петковден и Стојановци (13 к.), слават Свети Никола.[2]
Семејства кои живееле во Горно Мелничани во 1926 година сè до нивното иселување: Велковски, Таневски, Макревски, Кузмановски, Цветковски, Стаматовски, Неделковски, Даниловски, Крстевски, Стојановски, Милошевски, Чоловиќ, Веловски, Мојсовски, Фидановски, Јаковлевски, Маневски, Савевски, Србиновски, Петревски, Штерјовски, Секуловски, Серафимовски, Божиновски, Симоновски, Костовски, Јаковлевски, Николовски, Арсовски, Јовановски и други.[4]
Брадина забележал во 1912 година дека од селото има доста иселеници во Лазарополе, Крушево, Смилево и на Бабуна.[2]
Карактеристично за селото Горно Мелничани е дека сите иселени не се обиделе да го продадат имотот. Од 45 семејства, 17 се иселиле во Скопје и уште 20 други членови на семејствата создале свои семејства и живеат во Скопје. Во Белград се иселиле 7 семејства и уште 7 нивни членови таму создале семејства; во Дебар се иселиле 9 семејства; во Бугарија 7 и во Струга, Кавадарци, Тетово, Чачак и Загреб се иселило по едно семејство. Од вкупниот број семејства само 7 изумреле во селото.
Кон крајот на XIX век, Горно Мелничани било село во Реканската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Центар Жупа, која била една од ретките општини, кои не биле променети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така припаѓало на некогашната Општина Центар Жупа.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Косоврасти, во која влегувале селата Горно Косоврасти, Горно Мелничани, Долно Косоврасти, Долно Мелничани, Могорче, Осој и Скудриње. Во периодот 1950-1952 година селото било дел на некогашната Општина Долно Косоврасти, во која влегувале селата Горно Косоврасти, Долно Косоврасти, Горно Мелничани, Долно Мелничани, Могорче и Осој.
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0559 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото Горенци. Во ова избирачко место се опфатени и селата Горенци, Долно Мелничани и Пареши.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 296 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 318 гласачи.[19]
|