Драготин Προμαχώνας | |
---|---|
Координати: 41°21.46′N 23°21.33′E / 41.35767° СГШ; 23.35550° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Серски |
Општина | Синтика |
Општ. единица | Драготин |
Надм. вис. | 80 м |
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 140 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Драготин (грчки: Προμαχώνας, Промахонас; до 1927 г. Δραγοτίν, Драготин[2]) — село во Валовишко (Демирхисарско), Егејска Македонија, денес во општината Синтика на Серскиот округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 140 жители (2001).
Драготин е лежи во Светиврачко-петричката Котлина, 32 км северно од градот Сер и 16 км северно од Валовишта (Демир Хисар). Сместен е на северното подножје на Сенгелска Планина, крај границата со денешна Бугарија,[3] т.е. со Петричко, Пиринска Македонија. Западно од селото тече реката Струма, која јужно од него навлегува во Рупелската Клисура. До селото се наоѓа граничкипт премин „Кулата-Драготин“, кој преку границата го поврзува со петричкото село Кулата.
Драготин е мошне старо село. На 3,5 км северозападно од селото во месноста Кременица, од обете страни на границата е откриена доцнонелоитска населба[4].
Според чешко-бугарскиот балканист Константин Јиречек (1854-1918), местото е наречено по војводата Драгота, кој во 1246 г. му го предал градот Сер на никејскиот цар Јован III Дука Ватац.[5] Според Јордан Иванов,[6] можно е името да произлегува просто од придавката драг.[7]
На крајот на XIX век Драготин било мало македонско чифлигарско село во Демирхисарската каза на Серскиот санџак. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Драготин (Dragotine) е село со 60 домаќинства од 200 жители Македонци.[8][9] Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во Драготин живееле 110 Македонци.[8][10]
Сите жители на селото потпаднале под врховенството на Бугарската егзархија. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Драготин имало 200 Македонци, сите под егзархијата.[8][11]
Во Првата балканска војна селото е преземено од VII Пешадиска рилска дивизија на бугарската армија, но по Втората балканска војна во 1913 г. Драготин сепак е припоен кон Грција. Истата 1913 г. селото е заведено како напуштено, бидејќи неговото население побегнало пред настапувањето на грчката војска во летото истата година[3] Наскоро по крајот на војната дел од населението се повратило, и тогаш во Драготин се запишани 120 лица.[3] На пописот во 1920 г. селото се намалило на 73 жители, кои пак во 1924-25 г. биле истерани во Бугарија од страна на грчките власти.[3]
На местото на прогонетите Македонци власта довела Грци од Турција. Истата судбина ги снашла и двете околни села — Рајковци и Рупел. На пописот од 1928 г. Драготин е заведен како наполно дојденско грчко село со 18 семејства кои броеле 87[3] или 70 лица; според други извори, во селото имало 463 лица.[12]
Во 1940 г. во Драготин се попишани 1.382, кои набргу подоцна достигнале 1.528 лица; големата бројка се должи на тоа што пописот ги опфатил и стационираните војници од пограничниот полк, за што сведочи половата нерамнотежа на пребројаното население — 1.202 мажи и само 180 жени, што значи дека вистинскиот број на жители не бил поголем од 360.[3] Со капитулацијата на Грција во Априлската војна, во 1941 г. подрачјето подлегнало на германски напади, а потоа и бугарска окупација, па така Драготин и двете соседни села се евакуирани како населби на грчки дојденци. Затоа, истата година бугарската статистика го води Драготин како напуштен.[3]
По извојуваната победа во Втората светска и Грчката граѓанска војна, Рајковци и Рупел останале напуштени, а во Драготино е обновено, и во 1951 г. во него се попишани 245 лица. Во 1961 населението се зголемило на 416, а во 1971 г. на 459 жители. Во 1981 г. опаднало на 210 лица, за да доживее умерен раст на 270 во 1991 г.[3] Во следното десетлетие тоа се одржало релативно стабилно, со 252 жители во 2001 г., иако на пописот во 2011 г. се забележува значително смалување, на само 140 лица.
Во 1927 г. селото е преименувано во Промахон, што во превод значи пушкарница.[13]
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.382 (~360)а | 245 | 416 | 459 | 210 | 270 | 252 | 140 |
а реален приближен број на населението, имајќи предвид дека таа година формално се попишани и стационираните војници.
Населението на Драготин се занимава со одгледување на тутун, жито, компири и други земјоделски производи, а делумно и со сточарство.[3]
|