Каматна алка (англиски: interest rate collar) претставува комбинација на каматна капа и каматен под. Притоа, купувачот на каматната алка купува каматна капа и истовремено продава каматен под, кои гласат на иста референтна каматна стапка и номинална вредност и имаат ист рок на важење. Каматната капа спаѓа во групата на финансиски деривати и претставува еден вид опција.
Со купувањето на каматната капа, банката се заштитува од порастот на каматните стапки, а со продажбата на каматниот под, таа остварува одреден приход во вид на премија. Всушност, на тој начин, банката сака да се заштити од каматниот ризик и истовремено да ги намали трошоците од заштитата. Притоа, ако пазарните каматни стапки пораснат над каматната капа, банката ќе добие одреден надомест, но ако каматните стапки паднат под каматниот под, таа ќе мора да исплати одреден надомест. Се разбира, доколку каматните стапки се движат меѓу каматниот под и каматната капа, банката нема ниту да прими, ниту да исплати надомест. На тој начин, всушност, банката се обезбедува дека каматната стапка ќе се движи во одреден интервал. На пример, ако една банка купи каматна капа од 5% и продаде каматен под од 3,5%, тогаш таа ќе добие одреден надомест, ако референтната каматна стапка изнесува, на пример, 5,28%. Ако пак референтната каматна стапка падне на 3,17%, банката ќе биде должна да исплати одреден надомест. Меѓутоа, ако референтната каматна стапка изнесува, на пример, 4,22%, банката нема ниту да прими ниту да плати надомест. Оттука, купувајќи ја каматната алка, банката е сигурна дека нејзината каматна стапка ќе се движи од 3,5% до 5%.
Спротивната каматна алка (reverse collar), исто така, претставува комбинација на каматна капа и каматен под, но во овој случај, купувачот на спротивната алка купува каматен под и истовремено продава каматна капа. Со купувањето на каматниот под, банката се заштитува од опаѓањето на каматните стапки, а со продажбата на каматната капа, таа остварува одреден приход во вид на премија. Повторно, целта е банката да се заштити од каматниот ризик и истовремено да ги намали трошоците на заштитата. Притоа, ако каматните стапки паднат под каматниот под, банката ќе добие одреден надомест, но ако пазарните каматни стапки пораснат над каматната капа, таа ќе мора да плати одреден надомест. Се разбира, доколку каматните стапки се движат меѓу каматниот под и каматната капа, банката нема ниту да прими ниту да исплати надомест. На тој начин, банката се обезбедува дека нејзината каматна стапка ќе се движи во одредени граници. На пример, ако една банка купи каматен под од 4,5% и продаде каматна капа од 5,5%, тогаш таа ќе добие одреден надомест, ако референтната каматна стапка изнесува, на пример, 4,13%. Ако пак референтната каматна стапка порасне на 5,67%, банката ќе биде должна да исплати одреден надомест. Меѓутоа, ако референтната каматна стапка изнесува, на пример, 4,62%, банката нема ниту да прими, ниту да плати надомест. Оттука, купувајќи ја каматната алка, банката е сигурна дека нејзината каматна стапка ќе се движи од 4,5% до 5,5%.[1]