Кравари | |
![]() Воздушен поглед на селото Кравари | |
Координати 40°58′59″N 21°22′0″E / 40.98306°N 21.36667°E | |
Регион | ![]() |
Општина | ![]() |
Област | Пелагонија |
Население | 819 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7000 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02065, 02565 |
Надм. вис. | 587 м |
Слава | Голема Богородица |
![]() |
Кравари — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Името го добило по првите доселеници, кои биле одгледувачи на крави.[2]
Според турските пописни дефтери од XV и XVI век, во 1468 година стои забележано името на селото Краварина. Самото име упатува на заклучокот дека тоа било сточарска населба каде се чуваат повеќе крави, бидејќи постоеле и постојат потребните услови за одгледување на секаков вид на стока, особено крави. Со текот на времето името се модифицирало во денешното име Кравари.
Селото се наоѓа во Пелагонија, во јужниот дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, од десната страна на Црна Река.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 587 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 7 километри.[3]
Низ селото поминува државниот пат А3.
Кравари е полско село составено од два дела: Старо и Ново Кравари. Ново Кравари се наоѓа покрај патот Битола-Солун, додека Старо Кравари лежи 700 метри позападно. Околни села се Бистрица, Жабени и Поешево. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари (длабоки 3-4 метри).[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Жеждево, Маштакојца, Бел Камен, Меѓа, Огради, Ѓоргој Дупки, Бучало и Влашка Нива.[4]
Селото има разбиен тип, поделено на два дела, кои меѓусебно биле оддалечени 700 метри (сост. 1953 година). Во секој дел постојат групи на роднински куќи.[4] Во поново време, поради доселувањето и растот на селото, овие разлики се непрепознатливи и селото е една целина.
Со отворањето на голем број на фабрики во градот Битола во периодот 1960-1970 година, селото Кравари со својата близина на градот се соочило со силен раст на бројот на население, со што тоа прераснало во современа приградска населба. Во Кравари постои водоводна мрежна, канализациска мрежа (од 1983 г.), телефон, кабелска телевизија, интернет и сите улици се асфалтирани.
Во месноста Жеждево, југоисточно од Кравари (покрај железничката пруга), се наоѓаат винови лози и ниви. Таму, мештаните ископувале темели на куќи, големи и мали земјени ќупови, како и остатоци на други старини. Во народот се говорело дека таму се наоѓало село, кое го раселиле Турците за време на Грчкото востание. Тогаш, било раселено и големото село Старо Жабјани (денес Жабени), кое се наоѓало јужно од Кравари.[4]
Според изнесените податоци во турските пописни дефтери, во 1468 година Кравари имало 35 христијански семејства. Според истиот извор, во 1568 година бројот на христијанските семејства се намалил и имало вкупно 9 христијански семејства и 7 муслимански семејства.
Истражувачот Јован Трифуноски пак не ги наведува турските дефтери и кажува дека денешното село не е многу старо село и тоа било основано од македонски доселеници во XVIII или XIX век, кои дошле да работат на чифликсахабијската земја. До 1924 година, селото било составено само од делот, кое денес се нарекува Старо Кравари.[4]
Во 1912 година, во селото имало само седум чифликсахабијски куќи, една кула и големи амбари.[4]
Во периодот од 1919 година започнала српска колонизација на Кравари, која траела сè до 1941 година. Во овој период, во Кравари биле донесени 14 српски семејства од околината на Пирот, Чачак и Кралево. Биле сместени по 7 семејства од двете страни на главниот пат кој врви низ село Кравари и продолжува за Грција и со тоа тие го основале Ново Кравари. Во 1941 година, тие биле приморани да се иселат од Кравари и во нивните домови се населиле селани од постариот дел на селото. По војната, иселените не можеле да се вратат во Кравари, бидејќи нивните имоти биле заземени и се вратило само едно семејство.[4]
Во Народноослободителната војна, во периодот од 1941 до 1945 година од Кравари биле вклучени 15 борци. Некои од нив добиле воени одликувања. На бојното поле животите ги положиле Спасе Ристевски, Светозар Поповски, Ристе Ивановски и Киро Соклевски.
Вкупно 3 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]
Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од само 2 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 160 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото работат продавници, фабрички погон, услужни и угостителски објекти.[3]
До ослободувањето од Турците, целата земја била чифликсахабијска и се паметат двајцата последни сопственици на земјата - Шабедин и Рифат. Првиот бил главен чифликсахабија и бил битолски Турчин. Во 1924 година, земјата била поделена на чифлигарите и новите доселеници.[4]
Целиот атар е покриен со мрежа од xидросистемот за наводнување „Стрежево“. Овој систем овозможува наводнување на сите земјоделски површини и успешно одгледување на сите земјоделски култури.
Населението на Кравари претежно се занимава со земјоделство и сточарство. Во минатото, населението на своите ниви одгледувало индустриска пиперка, а на поголем број ниви се одгледувал и оризот. Затоа во периодот на 1950 и 1952 година бил изграден погон за мелење на пипер. Во наредниот период бил изграден уште едeн погон за лупење на оризовата арпа. Овие погони сега не работат.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Кравари живееле 160 жители, сите Македонци.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Кравари се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 20 куќи.[7]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Кравари имало 48 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[9]
Кравари е имиграциска населба, бидејќи бројот на населението се зголемил од 234 жители во 1961 година, на 1.208 жители во 1994 година, од кои 1.192 биле Македонци, 11 Турци и 4 жители Срби.[3]
Според пописот од 2002 селото брои 880 жители и претставува едно од средните по големина села во пошироката околина на градот Битола. Во него живееле 871 Македонец, 1 Албанец, 7 Турци и 1 Србин.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 819 жители, од кои 778 Македонци, 2 Албанци, 4 Турци, 4 останати и 31 лице без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 160 | 48 | 158 | 185 | 234 | 536 | 1.219 | 1.252 | 1.208 | 880 | 819 |
Кравари е чисто македонско православно село, сите родови во селото се доселенички.[4]
Според истражувањата од 1951 година, родови во селото:
Најголемото доселување во Кравари е во периодот од 1970 до 1990 година. Во Кравари се доселени семејства од скоро 70 населби од сите краишта на Македонија. Најмногу доселеници има од Охридско, Струшко, потоа мариовските и моштенските села.
Иселеници има во Оптичари (Иловци), Поешево (Вичоровци) и во Бистрица (Парчевци).[4]
Наставата на мајчин македонски јазик започнала во декември 1944 година во помошните простории на црквата. Прв учител бил Милојко Поповски. Во периодот од 1968 до 1970 година се изградило ново современо училиште со две училници и помошни простории. Наставата во новото училиште започнала во 1970 година.
На крајот од XIX век, Кравари било чисто македонско село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Бистрица.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било седиште на рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната општина Буково, во која покрај селото Кравари се наоѓале селата Бистрица, Буково, Злокуќани, Крстоар и Орехово. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Бистрица, во која влегувале селата Бистрица, Злокуќани, Кравари, Крстоар и Олевени.
Во селото постојат избирачките места бр. 0150 и 0150/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.014 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.024 гласачи.[18]
Од 1958 година постои културно-уметничко друштво „Спасе Ристевски“, а подоцна преименувано со името „Везилка“. Во кореографија на Димитар Таневски имале бројни настапи во повеќе места.
Фудбалот во Кравари секогаш бил омилена игра. Фудбалската екипа ги имала следните имиња: „Млад разарач“, „Работник“ и последно фудбалски клуб „Кравари“, кое име го носи и денес. Многу години со ред биле на врвот на општинската лига.
Од 1990 година во Кравари се одржува и турнир на ветерани, играчи постари од 35 години. Овој турнир се одржува помеѓу спортските екипи на селата од Кравари, Лавци, Бистрица и Оптичари.