Образованието во Етиопија многу векови било во рацете на Етиопската православна црква сè додека не било прифатено секуларното образование во почетокот на 1900 година. Пред 1974 година, Етиопија имала стапка на неписменост од над 90% и заостанувала во однос на остатокот од Африка во застапеноста на училишта и универзитети. По револуцијата во 1974, акцентот бил ставен на зголемување на писменоста во руралните средини. Нагласок бил ставен на практичните предмети, како наставата по социјализм. Образованието добило околу 13% од националниот буџет во 1992 година. До 1995 година стапката на неписменост значително опаднала на 64,5%. Проектираната стапка на неписменост на возрасните за 2003 година е пониска дури од 61,3% (мажи, 56,1%; жени, 66,6%). Од 1999 година јавните расходи за образование биле проценети на 4,3% од бруто-домашниот производ .Сегашниот систем за проширување на училишната мрежа во руралните средини следи многу слична шема како и претходниот систем од 1980-тите со продлабочување на ренационализацијата во руралните средини, така што се обезбедува образование на мајчин јазик започнувајќи од основно ниво. Редоследот на општото образование во Етиопија е осум години во основно училиште, две години нижо средно училиште и две години високо средно училиште.[1]
Иако постоењето на записи докажало дека писменоста претходела на усвојувањето на христијанството како призната религија во Етиопија, од времето на најстарите сочувани записи се забележува дека формалното образование било контролирано од страна на црквата. Образовнието се гледало како средство преку кое владеачката класа Амхара можела да си ја зацврсти својата власт. Сепак, ваквото настојување обезбедило можност за образование само на малкумина,. Самуел Гобат проценил дека "онаму каде што се зборува амхарски јазик, само околу една петтина од машката популација знае малку да чита, а во Тигре околу една дванаестина ".[2]
Според Ричард Пенкхрст, традиционалното образование обезбедено од страна на црквата започнувало со учење на азбуката наречена сулабари, составена од 26 основни букви, секоја со седум форми, кои ги означувале различните самогалски. Во втората фаза ученикот го учел на памет првото поглавје од Првото послание на апостол Јован во Гиз. Некаде во таа фаза веројатно се учело и пишување, а во помодерните времиња можеби се додавало и нешто од аритметиката. Во третата фаза се проучувале Делата на Апосолите, а воедно се учеле и одредени молитви, додека и понатаму се одржувале часови по пишување и аритметика. Децата кои учеле и пеење, во оваа фаза веќе можеле да станат хористи. Во четвртата фаза се проучувале Давидовите Псалми. Оваа фаза се сметала за занчајно достигнување во образованието на децата и била прославувана од страна на родителите кои на прославата го канеле учителот, свештеникот за исповедање, роднините и соседите. Момчето кое ќе ја достигнело оваа фаза обично било способно да пишува, а можело да работи и како книжевник. Останати дела кои се изучувале во оваа фаза биле Фалбите на Бог и на Дева Марија, Песната на Соломон и Песните на Пророците. Многумина ја научиле песната на Соломон.[3]
Повисокото образование на Етиопската црква содржело црковна музика (поделена на дигуа, земаре, мауасет и кидасе), поезија, математика, историја, филозофија и пишување манускрипти. Друга област на студирање бил акуакуамот, или верскиот танц, кој се изведувал како дел од богослужбите.[2]
До раните 1900-ти години, формалното образование се сведувало само на еден систем на веронаука организиран и презентиран под покровителство на етиопската православна црква. Црковните училишта подготвувале поединци за свештеници и за други религиозни обврски и позиции. Во тој процес, овие училишта обезбедувале верско образование за децата од благородните семејства и за синовите на ограничен број на земјоделци и службеници поврзани со елитните семејства. Таквите училишта главно ги користеле жителите на Амхара и Тигре од висорамнините на Етиопија. Заради ваквите несоодветни политики, многу малку деца добиле образование. Како резултат на тоа, Етиопија не ги исполнувала образовните стандарди на другите африкански земји во раните 1900-ти години.[1]
Кон крајот на XIX век, царот Менелик II дозволил основање на Европски мисионерски училишта. Во исто време, Исламските училишта нуделе образование за мал дел од муслиманското население. Во почетокот на дваесеттиот век, неуспехот на образовниот систем да ги задоволи потребите на луѓето во областа на политиката, дипломатијата, трговијата и индустријата довел до воведување на секуларно образование спонзорирано од владата. Првото јавно училиште кое обезбедило образование со западен стил било Екол Империјал Менелик II, кое било отворено во октомври 1908 година, под водство на Хана Салиб и голем број на Копти учители. До 1924 година, Панкхурст забележал дека "не помалку од 3.000 ученици поминале низ училиштето" и навел дека во 1935 година училиште имало 150 ученици. Истата година, царот Менелик II основал основно училиште во Харар.[4]
Во 1925 година владата усвоила план за проширување на секуларното образование, но десет години подоцна имало само 8.000 студенти запишани во дваесете јавни училишта. Исто така само мал број студенти студирале во странство со владини стипендии; Панкхурст ги навел минималните броеви за неколку држави: Најмалку 20 учеле во Либан, 19 во Египет, 12 во Судан, 63 во Франција, 25 во Англија, 8 во САД, 10 во Швајцарија, 10 во Италија и помал број во Германија, Белгија и Шпанија.[5]
По освојувањето на Етиопија, Италијанците брзо дејствувале да го реорганизираат образовниот систем во Етиопија. Декларацијата која била издадена на 24 јули 1936 година, го потврдила принципот дека новосвоената земја, како во постарите колонии, ќе има два различни видови на образовни институции, имено "училишта од италијански тип" и училишта за "колонијални предмети".[6] Постоечкото Тафари Маконен училиште било претворено во две училишта од “италијански тип”, Liceo-Ginnasio Vittorio Emanuele III и Istituto Tecnico Benito Mussolini, и двете резервирни за децата од Европа, додека предвоеното училиште за девојки „Царица Менен“ било претворено во воена болница Регина Елена. Многу други постоечки училишта биле претворени во само-италијански училишта, додека новите училишта отворени за месното население, според зборовите на Патрик Робертс "не беа вистински училишта, туку беа формирани за пропагандни цели".</ref> Иако италијанската влада во 1939 се фалела дека има тринаесет основни училишта во провинцијата Шева, во кои наводно работеле над шеесет наставници и дека биле запишани 1481 ученици, вистинското присуство варирало во голема мера, како што се признало во една официјална изјава дека многу ученици биле отсутни од наставата со цел да ги гледаат италијанските камиони, или да го минуваат своето време "со скрстени раце во нивните колиби".[7]
По италијанскиот пораз, земјата почнала да го гради овој сектор, но системот се соочил со недостиг на наставници, учебници и помагала. Владата регрутирала странски наставници во основните и средните училишта за да се надомести недостигот од наставнички кадар. До 1952 година, вкупно 60.000 студенти биле запишани во 400 основни училишта, единаесет средни училишта, и три институции кои нуделе настава на колеџ-ниво. Во 1960-тите години, 310 мисионерски и приватни училишта, во кои биле запишани 52.000 ученици, го дополниле јавниот училиштен систем на земјата. Иако биле направени реформи со цел да се подобри образованието, училишниот систем на Етиопија останал непроменет од она што било утврдено во 1950-тите години.[1]
Во мај 1961 година, Етиопија била домаќин на Конференцијата на Африканските Земји за Развој на Образованието спонзорирана од Обединетите Нации. Меѓу другото, на конференцијата биле истакнати недостатоците на образованието во Етиопија. Етиопскиот образовен систем, особено основното и средното образование, бил рангиран на дното помеѓу африканските нации. Бил забележан недостаток на училишта и наставници, висока стапка на напуштање на училиштата и ниска општа стапка на присутност на часовите, особено помеѓу девојчињата, не-христијаните и помеѓу децата од руралните средини. Засрамено од овој рекорд, Министерството за Образование развило нова образовна политика, која била во сила сè до 1974 година. Дизајнирана во согласност со целите на вториот и третиот петгодишен развоен план на владата, кој го опфатил периодот од 1962 до 1973 година, образовната политика дала предност на основање на училишта за техничка обука, иако и академското образование, исто така било проширено. Ревизијата на наставната програма вовела микс на академски и неакадемски предмети. Но наставен јазик во целото основно образование станал амхарскиот јазик, што претставувало хендикеп за секое дете кое имало поинаков мајчин јазик.[1]
Постоеле две институции за високо образование: Универзитетот „Хајле Селасие“ I во Адис Абеба, формиран со царска повелба во 1961 година, и приватниот Универзитет на Асмара, основан од страна на Римокатоличкиот верски поредок со седиште во Италија. Владата го проширила јавниот училиштен систем и во 1971 година имало 1.300 основни и средни училишта и 13.000 ученици. Но системот страдал од недостаток на квалификуван наставен персонал, недостаток на средства и пренатрупани објекти. Често финансирана со странска помош, изградбата на училиштата обично се одвивала побрзо отколку обуката и сертификацијата на наставниците. Покрај тоа, повеќето училишта биле во поголемите градови. Преполнети и со недостаток на персонал, училиштата во малите градови и руралните подрачја обезбедувале ниско ниво на образование. Недостатоците на јавното образование пред средината на 1970-тите делумно биле последица од лошиот систем за финансирање на училиштата. Затоа владата вовела посебен данок во земјоделството за финансирање на основното образование. Локалните образовни одбори ја надгледувале исплатата на даночните приходи. Нееднаквоста на системот повеќе го поттикнувала развојот на основното образование во побогатите региони, отколку во посиромашните. Згора на тоа, урбаните жители, кои не морале да го платат данокот, а кои биле претежно застапени во училиштата, ги испраќале своите деца на училиште на сметка на сопствениците на земјиште во руралните средини и сиромашните селани кои го плаќале данокот. Владата се обидела да ја поправи оваа нерамнотежа во 1970 година со наметнување на данок за образование на урбаните земјопоседници и 2 процентен данок од персоналниот приход на урбаните жители. Но, Министерството за Финансии собраните средства ги третирло како дел од општите приходи и никогаш не ги трошеле парите за наменетата цел. Расходите за образование биле само 1.4 до 3 проценти од бруто-националниот производ (БНП) помеѓу 1968 и 1974 година, во споредба со 2.5 до 6 проценти во другите африкански земји за време на истиот период. Под притисок на зголеменото јавно незадоволство и организираното дејствување на студентите на универзитетите и во средните училишта, царската влада иницирала сеопфатна студија на образовниот систем. Студијата била завршена во јули 1972 година од страна на Секторот за Ревизија на Образованието (СРО), кој препорачал воведување на универзално основно образование што е можно побрзо и со најниски можни трошоци, рурализирање на наставните програми преку вклучување на неформална обука, изедначување на можностите за образование и поврзување на целиот образовен систем со процесот на национален развој.[1]
СРО го критикувал фокусот на образовниот систем за подготовката на студентите за следното ниво на академски студии и за полагањето на нефлексибилни квалификациони испити. Исто така била критикувана негрижата на владата за младите луѓе кои го напуштиле образованието пред да ги научат маркетиншките вештини, ситуација што придонела за невработеност. Во извештајот било наведено дека, спротивно на тоа, "Препорачаниот систем треба да обезбеди автономни програми на секое ниво кои ќе бидат конечни за повеќето студенти". Извештајот не бил објавен сè до февруари 1974 година, што дало време гласините да создадат противење за препораките на СРО од страна на учениците, родителите и унијата на наставници. Највеќе биле огорчени заради тоа што ги сметале овие препораки како оддалечување на образованието од елитната позиција. Многу наставници исто така стравувале од намалување на платите. Следеле штрајкови и широко распространети немири и кризата во образованието станала фактор што придонел за пад на империјалниот режим подоцна истата година.[1]
Со почетокот на Етиопската револуција во 1974 година, името на универзитетот било променето во Универзитет во Адис Абеба (AAU). Во 1974 година, и покрај напорите на Владата за подобрување на состојбата, помалку од 10 проценти од вкупното население било писмено. Националната кампања за описменување започнала во почетокот на 1975 година, кога Владата мобилизирала повеќе од 60.000 ученици и наставници, кои ги испратила низ целата земја задолжувајќи ги со две годишна служба. Повеќето критичари сепак на тоа гледале како средство на владата за да го сопре растот на опозицијата додека во исто време создава мрежа на владини шпиони во руралните области. Генерално кампањата за зголемување на писменоста останала илузија, иако владините извештаи покажале подобрувања.[1]
Одборот на Високо Образовни Институции ги разгледува и ги приспособува плановите и буџетите на секоја институција. Универзитетите имаат сенати, кои спаѓаат некаде помеѓу одборите и академските комисии според нивните овластувања и должности. Секое од овие управни тела создава разни комисии кои им помагаат во остварување на нивните должности. Академската Комисија (AК) од секој колеџ или факултет разгледува и поднесува предлози за програми, планови, курсеви, сертификации, промоции, како и предлози за статусот на студентите. Одборот за советување е составен исклучиво од академски кадар со полно работно време и со него претседава раководител на одделот. Советот подготвува и доставува препораки до AК во врска со студиските програми, наставните програми, курсевите, промоцијата на персоналот, истражувачките проекти, наставните материјали и испитите.[8]
Високообразовните институции го регрутираат сопствениот персонал врз основа на одредени критериуми. Еднаш вработени, наставниците се оценуваат на крајот од секој семестар (двапати годишно) од страна на нивните студенти, колеги и од шефот на одделот. Наставникот мора да добие над просечен рејтинг за да го задржи своето работно место. Договорите се обновуваат на секои 2 години. Оние наставници чија изведба е под просекот во два последователни семестри, нема да добијат продолжување на нивните договори. Во последните 5 години, неколку договори биле прекинати поради ниските проценки од страна на студентите на ААУ.[8]
Факултетските плати се засновани според ранкингот на наставниците. Постојат шест степени на плата, и по две години служба наставникот оди нагоре во следниот ранг. Претходно сите биле еднакво платени и немале поттик. Така новиот план предвидува наставниците да добиваат зголемување на платите секои две години. Еден добар учител може да биде промовиран на секои 2 или 3 години и да има постепено покачување на платата секоја година. Како последица на ова, наставниците сега се високо мотивирани, иако многу инструктори с уште се жалат дека нивните плати се премногу ниски.[8]
Почнувајќи од 2008 година, во Етиопија има 16.161.528 деца кои се запишани од 1 до 12 одделение; 13.476.104 се во државните училишта, а 2.685.424 се во приватните училишта, додека 8,760.958 се момчиња, а 7.380.570 се девојчиња. Овие се подучувани од страна на 267.191 наставници во 23.516 училишта, кои имаат вкупно над 161.796 училници.[9]
Во периодот помеѓу 1989 и 1999 година имало 2228 наставници во високо образовните институции. Професорите и асистентите сочинувале само 2,29%, односно 6,78%, соодветно. Над 66% од инструкторите имале магистерска или докторска диплома, а останатите имале универзитетска диплома или еквивалентна на неа. Во помошниот персонал имало 5169 членови, кои работеле во високо образовните институции во Етиопија помеѓу 1998 и 1999. Во 1999 година, 48,36% од персоналот за поддршка биле жени. Академскиот кадар на етиопските високо образовни институции троши 75% од своето време за предавање и 25% за истражувачки активности. Оние кои работат во истражувачките институти трошат 25% за предавање и 75% за истражувачката работа.[8]
Институтот за Етиопски Студии (ИЕС), првиот истражувачки центар во земјата, бил основан во 1963 година. Во 1999 година имало шест етаблирани истражувачки единици во рамки на високообразовните институции: IES, Земјоделскиот Истражувачки Центар Дебре Зеит (под Алемајскиот земјоделски универзитет), Геофизичка опсерваторија, Институт за развој и истражување, Институт за образовни истражувања и Институтот за патобиологија. Научните и стручните списанија објавени од страна на истражувачките институти, професионалните здруженија или колеџи вклучуваат: Билтен за Хемија, Етиопски Весник за Земјоделство, Етиопски весник за развој и истражување, Етиопски Весник за Образование, Етиопски Весник за Развој на Здравството, Етиопски Медицински Журнал, Етиопски Фармацевтски Весник, Весник за Етиопското Право, Весник за Етиопските Студии, СИНЕТ: Етиопски весник за наука и ЗЕДЕ: Весник на Асоцијацијата на Етиопските Инженери и Архитекти.[8]
Списанијата поврзани со ААУ се оценуваат секои 2-3 години од страна на комитет составен од 7 членови од различни дисциплини. Средствата за истражувачката работа доаѓаат од државниот буџет и од дарители. Високото образование во Етиопија се финансира главно од страна на владата. Средствата за капиталните и тековните трошоци за институциите се обезбедуваат преку Министерството за Финансии. Околу 12% од буџетот за образование се резервирани за високото образование. Од периодичниот буџет, околу 50% се наменети за плати. Етиопската школарина се зголемува со текот на годините. Надоместоците за странските студенти се приближно двојно повисоки. Стапката на прием за жените е само околу 15% во изминатите неколку години до 1999 година. Се направени некои напори за да се подобри стапката на прием со намалување на оценката за прием за 0,2 (на пример, момчињата да се примаат со просек 3.0, а девојките со просек 2.8 на истата програма). Оваа афирмативна акција ја подобрила стапката на прием на жените, но не резултирала со значајни промени; стапката на намалување на оваа група е повисока од просечната.[8]
Повеќето жени исто така се запишани на социјални и педагошки науки и на дипломски програми. Од вкупно 864 студенти на додипломски студии, само 62 (7,18%) се жени. Во инженерството, земјоделството и фармацијата има најмалку запишани жени. Во изминатите неколку години, новите приватни колеџи се акредитирани од страна на Министерството за Образование. Постојат разни официјално признати универзитети, вклучувајќи ги: Универзитетот за Единство во Адис Абеба, Универзитетскиот Колеџ Света Марија, Универзитетскиот Колеџ Алфа, Универзитетскиот Колеџ Адмас, Колеџот Луѓе за Луѓе во Харар, Адвентистичкиот Колеџ Аваса и други. Вкупниот владин буџет за образование е зголемен за 84%. Во обид да се обезбеди образование за сите, била иницирана огромна експанзија на образованието преку изградба на нови училишта во близина на заедниците во кои тие служат. По воведување на регионализацијата во 1993 година, речиси сите Етиопјани имале право на образование на нивниот мајчин јазик. Текстовите, иако проверени од страна на Министерството за Образование, биле осмислени од страна на образовните бироа во регионите, со цел да бидат соодветни за различните култури на Етиопија. Програми за социјална свест, кои ја поттикнуваат идејата дека образованието е од витално значење, се формирани за борба против културните и историските бариери.[8] Регионалната влада треба да игра улога во разгледување и засилување на образованието во основните и средните сектори, но високото образование останува во надлежност на централната влада. Владата прави нов план да се формира по еден нов универзитет во секоја регионална држава и еден образовен колеџ, еден технолошки колеџ и еден медицински колеџ. Бројот на запишани девојки двојно се зголемил од 1996 до 2000 година. Повеќето сè уште немаат еднаков статус со момчињата, но постојат мерки како што се "позитивна дискриминација", кои помагаат да се поправи оваа нерамнотежа. Во 2004 година Институтот за статистика на УНЕСКО покажал дека процентот на женски наставници во основното образование достигнал до 44,6 проценти и дека основната бруто стапката на запишување е 93,4 проценти.[10] Постојат поголем број на приватни и јавни универзитети и колеџи во Етиопија. Од 2007 година, Програмата за Градење на Универзитетски Капацитети, која има за цел да се изградат 13 нови универзитети, се изведува на национално ниво.[11]
Постојат објекти за образование на странските жители, иако странските државјани не се примаат во јавните училишта на Етиопија. Сепак, постојат неколку приватни училишта во Адис Абеба специјално наменети за децата на странските жители. Меѓу нив се Училиштето на Шведската Заедница, Училиштето на индиската заедница, Академијата Бингам, Училиштето на меѓународната заедница и други.
Етиопија се соочува со многу историски, културни, социјални и политички пречки кои многу векови го ограничуваат напредокот на образованието. Според извештаите од УНЕСКО, повеќето луѓе во Етиопија чувствуваат дека работата е поважна од образованието, па тие започнуваат да работат на многу рана возраст, со мало или без никакво образование. Постои помала веројатност децата од руралните области да се запишат на училиште отколку децата од урбаните области. Иако стапката постепено се подобрува, повеќето рурални семејства не можат да си дозволат да ги пратат своите деца на училиште затоа што родителите сметаат дека додека нивните деца се на училиште тие не можат да придонесат за домашните задолженија и приход. Социјалната свест дека образованието е важно е нешто што ѝ недостасува на Етиопија, но постепено се подобрува. Постои потреба за промена на важноста на образованието во социјалната структура на земјата, а децата треба да се охрабруваат, и да се бара од нив да одат на училиште за да станат образовани. Општеството во Етиопија очекува наставниците и родителите да користат телесно казнување за одржување на редот и дисциплината. Повеќето веруваат дека казнувањето на децата за лошите навики ќе придонесе за возврат да научат добри. Исто така, од средина на 1970-тите има драстично губење на професионалци кои ја напуштаат земјата, главно од економски причини. Многу образовани Етиопјани бараат повисоки плати во странските земји и на тој начин многу од оние кои завршуваат високо образование емигрираат надвор од Етиопија, при што се создава бескраен недостиг од квалификувани професионалци во секој сектор на земјата. Започнувајќи од 2006 година, постојат повеќе лекари обучени во Етиопија кои живеат во Чикаго, отколку во целата земја.[12]
„Образованието во Етиопија“ на Ризницата ? |