Род претставува бог во словенската митологија.
Тој бил сметан за заштитник на родот и семејството и поврзуван е со култот кон предците. Негови придружнички биле рожаниците, кои некои ги сметаат за пандан на грчките божици на судбината. Меѓутоа, според рускиот академик Борис Рибаков[1], Род е божество од највисок ранг, од кого зависи сѐ во природата, тој е владетел на небесните светови, покровител на плодородноста, родот и семејството. Како небесен бог, тој се поврзува со Сварог. Сосема е возможно Род и Сварог да се две имиња за едно исто божество, два аспекта на небесниот апсолут. За него дознаваме од разните проповеди и поученија на црквата, која со сите сили се обидувала да го искорени култот кон Род и неговите небесни (две или три) придружнички, рожаниците.
Така, во еден коментар на Евангелието, познат под името „О вдуновении духа в человека“ датиран во 15 век, се вели:
...Еден бесмртен и неуништлив творец. Му вдахна (на човекот) в лице дух на животот и би човекот со душа жива“
Тоа не е Род, кој седи на воздухот и фрла на земјата грутки, и од тоа се раѓаат деца... Творец на сѐ е Бог, а не Род.
Според овој цитат, во словенските верувања, Род седи на воздухот и фрла на земјата (некакви) грутки, од кои се раѓаат децата. За творец на сѐ бил сметан Род. За тоа колку силен бил култот кон Род и рожаниците, јасно се гледа во скратениот и прераскажан превод на „Словото на пророкот Исаја“ од 12 век. Таму Род е претставен како божји противник и е наречен Сатана:
Голема несреќа - да не се разбере прочитаното; големо зло - да не се послушаат помудрите... Браќа, почујте што ви е кажано, откажете се од служењето на Сатаната; од правењето на тие идолски пирови на Род и рожаниците! Исполнете ја, браќа, волјата Божја, како што нѐ учат книгите на пророците, апостолите и црковните отци, за да добиете живот вечен кај спасителот Исус, нашиот Господ, нему слава во веки веков. Амин!
Исто така, во средновековните извори се говори и за тоа дека Словените прво почнале да им принесуваат жртви на Род и рожаниците, а дури потоа на Перун, богот свој.
Оваа статија поврзана со митологијата е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |
|