Славко Брезоски | |
---|---|
Роден(а) | 10 јуни 1922 Галичник, Кралство Југославија |
Починал(а) | 7 март 2017 Скопје, Македонија |
Националност | Македонец |
Награди | Андреја Дамјанов (награда) |
Зданија | Црква „Св. Климент Охридски“ - Скопје |
Славко Брезоски (10 јуни 1922, Галичник - 7 март 2017, Скопје) — македонски архитект.
Славко Брезоски дипломирал на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград во 1950 година, под менторство на професорот Милан Злоковиќ. Работел како професор на Архитектонскиот факултет во периодот помеѓу 1969 и 1987, на Катедрата за проектирање општествени згради. Припаѓа на првата генерација македонски архитекти школувани во Белград и Загреб (заедно со Пота, Жупан, Пецовски, Ќосевски, Маленкова, Галиќ и Шеќерински).[1][2]
Славко Брезовски се приклучува кон Групата Денес во педесеттите години на XX век. Групата Денес обединува повеќе млади уметници (Белогаски, Лазески, Протуѓер, Кондовски, Грабулоски, Лозановски, Бафети) и тројца архитекти (Брезоски, Константинов и Шеќерински). Групата се залага за интeграција на ликовната уметност, архитектурата и скулптурата, и за потврдување на националниот идентитет во сите сфери на творештвото. Првата изложба на Групата Денес се случува во 1953 година.
Зградата на амбасадата на СФРЈ во Бразилија е изградена во 1963 година. Во конкуренција од девет реномирани југословенски тимови (архитектите Равникар, Михевц, Остроговиќ, Иблер, Брашован, Рашица и Бркиќ), Брезоски ја освојува првата награда. Нејзините архитектонски квалитети се забележани и од меѓународната јавност. Историчарот на архитектура Крум Томовски вели дека за неа е објавена критика во Architectural Review која ја толкува архитектурата на Брезоски како успешно инкорпорирање на бразилскиот архитектонски дух.
1993 Андреја Дамјанов Награда за архитектура.