Срѓан Срдиќ | |
---|---|
Срѓан Срдиќ, Белград, август 2013 | |
Роден/а | 3 ноември 1977 Кикинда, Србија |
Занимање | писател |
Значајни дела | Мртво поле, Еспирандо, Сатори |
Срѓан Срдиќ (роден 03.11.1977 г. во Кикинда) [1] е српски романописец, автор на куси раскази и предавач на творечко пишување. Објавил два романи и збирка раскази, а како автор или уредник објавил текстови во неколку антологии на куси раскази и многубројни литературни списанија.
По завршувањето на средното музичко училиште,[2] Срдиќ дипломирал на катедрата за општа книжевност и теорија на книжевноста на Филолошкиот факултет на Универзитетот во Белград, каде и моментално се наоѓа на докторски студии и пишува теза за имплементација на теоријата за вистината и теоријата на фикционални светови на прозата на Џонатан Свифт.[3]
Во 2007 г. додека работел како професор во гимназија, Срдиќ освоил прва награда за краток расказ на конкурсот на списанието Влезница, додека во 2009 г. ја освоил наградата Лаза Лазаревиќ. Наредната година му е доделена стипендија од Фондацијата Борислав Пекиќ (Пекиќ е сосема случајно еден од Срдиќевите литерарни примери) [2] за синопсис на кусите раскази.[3] Неколку години Срдиќ се наоѓал на местото на главен уредник на меѓународниот фестивал на кратки раскази Kikinda Short.
Срдиќ во 2010 г. ја објавил својата прва книга, road horrоr романот [4] Мртво поле (Mrtvo polje), кој добива низа позитивни критики,[5] и кој се најде во неколку потесни избори за престижни литерарни награди во Србија (НИН, Витал , Борисав Станковиќ), а номиниран е и за регионалната награда Меша Селимовиќ.[3] Романот е пофален поради специфичната употреба на јазикот и поради изнаоѓањето на стилистички и формални средства неопходни за обавување на одбрана тематика, со употреба како на модерни (неретки биле споредбите со романот Уликс на Џејмс Џојс), така и на постмодернистички техники, чести промени на перспективата и регистарот.[5]
Дејствието на романот е сместено во времето на граѓанската војна 1993 г. во Србија и следи неколку испреплетени линии на приказната, Пабло и Паоло патуваат од Белград во Кикинда со намера да ја избегнат мобилизацијата, првиот под влијание на актуелните насилни идеологии, додека вториот бесцелно го следи. Стела се наоѓа на истиот пат, но тргнува од спротивна насока, следена од квазипсихопатски капетан, низ чиј лик е можно да се констатира влијанието на Кормак Макарти.[6] Според зборовите на Срдиќ, романот е заснован на принципите на античката трагедија, што е очигледно по расплетот кој го обележуваат неизбежна смрт и инцест. Трагичното се наоѓа „во контекстот, а не во ликовите.“ [6]
Како и сите текстови на Срдиќ, романот се темели на обемна интертекстуалност вклучувајќи ги, покрај веќе спомнатите, врските со авторите како што се: Јежи Кошињски, Вилијам Фокнер, Жорж Батај, Godflesh, Khanate итн. Исто така романот содржи издвоена дискографија и видеографија.[6]>[7]
Книгата Еспирандо: Песните на смрт се состои од девет раскази кои, секој на свој начин, ја третираат темата на смртта (умирање, последици од смртта...) Печатена во 2011 г., книгата ја добила наградата Билјана Јовановиќ и меѓународната награда Едо Будиша,[8] како и исклучително позитивни критики [9][10] кои го истакнуваат елиптичниот и формално дифузен пристап на јазикот, со распон на раскажувачки гласови кои се движат од конвенционалното прво лице до разулавена полифонија и успешна јазична репрезентација на граничните ситуации во кои ликовите се наоѓаат - оплакувања, насилства, болести, сексуални копнежи, самоубиства, „застрашувачки баналности“.[11]
Збирката содржи бројни интертекстуални врски , силно влијание на Семјуел Бекет во ликовите „во сосема спротивставен свет“,[11] во пастишираниот Фокнеров расказ Роза за Емилија, цитатите на Пери Фарел, расказот Зозобра чие име Срдиќ го презема од американскиот авангарден музички состав Old Man Gloom, разказот Медицина инспириран од песната на групата Jesu, ref >"Sutlovic">Leda Sutlović, Espirando Booksa, декември 2011.</ref> референците на делата на Томас Ман, Анри Мишо и Мишел Уелбек.[12]
Сите девет раскази порано се објавени во литратурни списанија во Србија и Хрватска. Украинскиот превод на книгата објавен е во 2013 г. , англиски превод на расказот Сиво, мрачно нешто објавен е во списанието The Ofi Press Magazine од Мексико Сити, додека Комарците се преведени на албански и печатени во антологија на куси раскази од Белград со љубов, ( Nga Beogradi, me dashuri) Расказите на Срдиќ исто така се преведувани на романски, унгарски и полски јазик.[3]
Вториот роман на Срдиќ, Сатори, печатен е во 2013 г. Тоа е првата книга на Срдиќ која ја објавила издавачката куќа КрР (Книжевна работилница Рашиќ).[8] Раскажувачот во романот Возач, радио-водител кој никогаш немал возачка дозвола го напушта сопственото семејство и тргнува пешки на патување својствено на јунаците на bildungs романот. Возачот излегува од градот, сеќавајќи се и среќавајќи се со луѓето на општествената ивица, подавајќи исчашено , наизглед неусогласено раскажување, одбележано со чувствата на солипсистичкиот ужас кој е изложен низ јазикот на ликовите.[13] „Ова не е книга за нешто, туку книга за ништо“,[14] Романот исто така се занимава со прашањата на баналности и стравот од слобода, со фокус на контактот на возачот со војската посредно укажувајќи на последиците од војните злосторства („постоењето на ПТСП синдромот кај оние кои не учествувале дирекно во војната“) [15]
Во романот се јавуваат страници со наводи од романот Обломов на Гончаров, Сентиментално воспитување на Флобер како и интервју со водачот на групата Kayo Dot, стихови од композицијата The Dead Flag Blues на канадската пост рок група Godspeed You Black Emperor и наводи од анимираниот филм Stripy. Иако има елементи на bildungs роман и road роман, Срдиќ за книгата зборувал како за анти-bildungs роман, со средишниот јунак кој не дознава ништо и не стигнува никаде.[13]
Сатори е пофален како текст на понатамошното напредување на Срдиќ, посебно очигледен во ирониската дистанца недоволнo изразена во неговите поранешни дела, како и поради пружањето на нови можности на читање низ цитати, како на текстот на Срдиќ, така и на цитираните текстови. Критиката го сместила дејствието на романот во пост –светот, земајќи ги предвид воведните наводи од пост-структуралистичките текстови на Ролан Барт, Жан Франсоа Лиотар, но и Шкотската пост рок група Mogwai.[15] Подвосмислените критичари, и покрај истакнувањето на раскажувачките доблести и значење на Срдиќ, искажувале одредена скепса кон намерната невнимателност и недоволното присуство на значењата.[16]
Срдиќ исто така истакнува како Дејвид Фостер Волас, Дон Делило, Иво Андриќ, Јукио Мишима, романот Исправки на Џонатан Френзен , Роберто Болањо, Луи Фердинанд Селин, Томас Бернхард, Милан Оклопџиќ и Михаил Булгаков се исклучително значајни за неговото читачко и писателско искуство.[17]
|