„Head Crusher“ | |||||
---|---|---|---|---|---|
Сингл од Мегадет | |||||
од албумот Endgame | |||||
Издаден | 11 август 2009 | ||||
Формат | ЦД сингл, дигитално спуштање | ||||
Снимен | 2009 г. | ||||
Жанр | Треш метал | ||||
Должина | 3:26 | ||||
Издавачка куќа | Роудранер | ||||
Композитор | Дејв Мастејн, Шон Дровер | ||||
Продуцент | Енди Снип и Дејв Мастејн | ||||
Хронологија на синглови на Мегадет | |||||
|
„Head Crusher“ е песна на Мегадет од нивниот дванаесетти студиски албум Endgame. Оваа песна воедно била и првиот издаден сингл од овој албум. Датумот на издавање бил 7 јули 2009 год, а нумерата можела да се симне од официјалното мрежно место на Роудранер Рекордс.[1] За првпат во живо била изведена на 24 јуни истата година, за време на турнејата на Мегадет низ Канада. Оваа композиција била првата песна на Мегадет што била номинирана за Греми награда по песната „Trust“ во 1998 г.[2]
Песната го добила името според истоимената направа за мачење. Кршачот на глави бил користен во Средниот век, особено од страна на Инквизицијата. Вилицата била поставена на најниското скалило (подлогата), додека металната капа била наменета за главата. Вртејќи ја горната рачка, капата се стеснувала и вршела огромен притисок врз черепот и коските на главата постепено се дробеле. Најпрво почнувале да се кршат забите, што предизвикувало неиздржлива агонија кај жртвата, а веднаш потоа и очите полека излегувале од очните јами.
Овој инструмент бил еден од наједноставните начини да се изнуди признание од жртвите, бидејќи мачењето можело да трае со часови. Со повлекување на контролната рачка во двете насоки, болката можела да се намали или да се интензивира, по желба на џелатот. Ако мачењето би прекинало по подолго дејство, жртвата сепак доживотно би носела трајни оштетувања на черепот, забите или вилицата. Постојат повеќе варијанти на оваа справа, некои со мало дополнување во пределот на очите, каде биле вградени мали садови што би ги собрале испаднатите очи.[3]
Head Crusher, или во превод кршач на глави била средновековна направа за мачење и тортура на затворениците. Во текстот се опишува патот на грешните луѓе во подземјето, како би биле подложени на болното дејство на оваа направа. Под притисок на неподносливата болка ќе проговорат за сторените гревови и потоа соодветно ќе бидат казнети. Исто така се дава опис на телесните последици кои би ги доживеало лицето што ќе ја испроба силата на овој изум.[4]
Две различни верзии на видео записот беа објавени во септември 2009: екстремна и цензурирана. И двете беа во режија на Патрик Кендал. За да го филмува записот, режисерот Кендал комбинирал некои елементи од култните филмови „Дождовен човек“ и „Гладијатор“, како би создал сценарио што ќе одговара на големата енергија присутна во песната. Содржината била едноставна, но делотворна: Мастејн го играл водителот (како Ричард Доусон во „Дождовен човек“), во едно ТВ шоу каде најголемите криминалци биле приведени и претставени на жедната за крв публика. Потоа биле испратени во рингот каде се соочувале со борачи обучени со боречки вештини, кои ги претепувале до смрт. Истовремено бендот свирел на подигната платформа.
Слушајќи ја песната, првото нешто на што помислив беа затворениците и веднаш на ум ми дојде да искористам некои елементи од филмот „Дождовен човек“. Случајно ги репризирав сцените од „Гладијатор“, па така го составив целиот концепт на содржината. Додадов и малку агресија од ММА борбите.
—Патрик Кендал, за Noisecreep списанието
Во спотот се појавува и бразилскиот џиуџицу борач Жорж Оливеира, како и други помалку познати професионалци од овој спорт. Сите овие дечки се вистински борци или пак луѓе кои тренирале напорно на усовршување на боречките вештини, вели Кендал. Задолжените за кастинг биле одлучни дека сите кои евентуално би глумеле во филмуваната верзија треба да си ја знаат работата, за спотот да изгледа што е можно повистинито.
Едно од попознатите холивудски имиња кои учествувале во видеото бил Чед Бенон, кој претходно играл поважни улоги во филмовите „Планета на мајмуните“ и во хоророт „Куќа со 1000 трупови“. Бенон исто така глуми еден од боксерите, на кој му била доделена задачата да ја претепа девојката која ја толкува глумицата Мишел Вотерсон. Но, наместо тоа, девојката на крајот успеала да го совлада Бенон. За улогите на Бенон и Вотерсон во спотот, режисерот Кендал прокоментирал:
За Чед можам да кажам дека беше навистина сконцентриран на неговата ролја како немилосрден боксер. Претходно имал некакви познавања за боречките вештини, што се покажа како олеснителна околност при снимањето. Мишел е една од ретките жени која истовремено знае да биде и агресивна и убава. Таа порано била модел, и одлично се вклопи во нашата идеја да имаме убава девојка која знае да се тепа. Пред да ја запознаеме нејзе, насекаде баравме кандидати за таа позиција, но ниедна не беше ни близу до Мишел. Таа всушност е солиден борец, а нејзините добиени мечеви говорат во полза на тоа. Интересно е тоа што нејзините удари спрема Чед беа многу жестоки, па така тој излезе од рингот со неколку исекотини.
Бендот заедно со глумечката екипа снимале на 28 јули во студиото во северен Лос Анџелес. Процесот минал во пријатна атмосфера придружена со благ хумор, но на моменти станувало напнато, посебно за време на борбените кадри. Интересно е тоа што членовите на Мегадет биле врзани за платформата за да не би случајно некој паднал од височина од преку десетина метри. За искуството со Мастејн, режисерот кажал:
Атмосферата беше вжештена, а целиот тим добро се испоти за да го изработиме спотот според планираното. Морам да истакнам и дека Мастејн беше прилично отворен за идеи и соработка. Сите мои совети ги примаше без никакви негодувања.
Освен што бил тимски играч, Мастејн бил и еден од најкреативните членови во екипата. Често давал свои предлози до Кендал, меѓу кои и идејата некои боречки сцени да се снимаат од друг агол. Поради неговите вештини во теквондо, Мастејн му помогнал на режисерот при техничките проблеми со дел од кадрите.
Всушност, Мастејн ме поправи за еден кадар. Неговите познавања за теквондото се покажаа многу корисни, најмногу заради гледиштето од каде некои посебни зафати би изгледале поуверливо
—вели Патрик Кендал