Stria vascularis (латински: „васкуларна лента“) е лентовиден орган со епителна структура сместен на надворешниот ѕид на кохлеарниот канал во кохлеата на внатрешното уво. Оваа структура ја регулира концентрацијата на јони во ендолимфата. [1]
Тоа е единствениот епител во човечкото тело кој е васкуларизиран, т.е. содржи крвни садови и се состои од три слоја на различни клетки (базални клетки, интермедијални и маргинални клетки). Маргиналните клетки поседуваат на нивната базолатерална страна котранспортер на Na-K-2Cl (NKCC1), а на апикалната страна канал за калиум кој овозможува одлив на калиум од маргиналните клетки во ендолимфата. Како резултат на тоа, ендолимфата е силно збогатена со калиум така што се формира електричен потенцијал од околу 80-90 mV (ендокохлеарен потенцијал) помеѓу ендолимфата и перилимфата, што е од клучно значење за процесите на трансдукција во влакнестите клетки на органот Корти. Ендотелните клетки на stria vascularis формираат таканаречена крвно-лавиринтска бариера, која не само што ја одржува концентрацијата на јони, туку и го спречува преминувањето на високомолекуларните супстанции во внатрешното уво. [1]
Во случај на оштетување на NKCC1 каналот, на пример, поради инхибиција од страна на ототоксични супстанции (на пр. фуросемид), доаѓа до губење на слухот во рамките од 30 до 50 dB.