Адријан Монк

Едријан Монк
Податотека:Adrain Monk.jpg
Фотографија од Шалуб како Монк.
Прво појавувањеГ-дин Монк и кандидатот
Последно појавувањеГ-дин Монк и крајот - II дел
СоздавачЕнди Брекмен
Дејвид Хоберман
ТолкуваТони Шалуб
(2002–2009)
Информации
АлијасЛери Тилберт („Г-дин Монк и црвената харинга“)
Френк Конвеј („Г-дин Монк добива треска“)
Џери Литл („Г-дин Монк си ја удира главата“)
Едријан Мелвил („Г-дин Монк ви стои на располагање“)
Брат Едријан („Г-дин Монк влегува во секта“)
Лиланд Родригес („Г-дин Монк е во бегство“)
Френк Де Палма („Г-дин Монк е некој друг“)
„Капетан Кул“ („Г-дин Монк и генерациската средба“)
ЗанимањеКонсултант на полицијата; поранешен СФДП детектив
СемејствоЏек Монк, постариот
(татко)
Г-ѓа Монк
(мајка; почината)
Емброуз Монк
(брат)
Џек Монк, помладиот
(полубрат)
ДецаМоли Еванс (поќерка)

Едријан Монк, познат поранешен детектив при полицискиот оддел за убиства во Сан Франциско, е главниот лик и протагонист во телевизиската серија Монк чијашто улога ја толкува Тони Шалуб. По убиството на неговата жена Труди, опсесивно-компулсивното нарушување и големиот број на фобии од кои пати Монк стануваат сè поизразени и придонесуваат за негова суспензија. Тој потоа продолжува да работи како приватен полициски консултант за убиства и оди на терапија со цел да ја надмине тагата, да се справи со фобиите и нарушувањето и да се врати на своето старо работно место.

Ко-создавачот на серијата Дејвид Хоберман вели дека ликот на Монк се заснова делумно на неговите лични искуства, како и на други фиктивни детективи како што се поручник Колумбо и Шерлок Холмс. Дејв Фоли, Џон Ритер, Хенри Винклер, Стенли Тучи, Алфред Молина и Мајкл Ричардс се дел од глумците кои биле земени предвид за оваа улога. Но, телевизиската мрежа USA Network сепак се одлучила за Шалуб бидејќи сметала дека тој може да го долови хуморот и страста на Монк. Стенли Тучи и Алфред Молина гостуваа во Монк; Тучи се појави во 5 сезона во епизодата „Mr. Monk and the Actor“ („Г-дин Монк и глумецот“), а Молина во 6 сезона во епизодата „Mr. Monk and the Naked Man“ („Г-дин Монк и нудистот“).

Монк и Шалуб добија многубројни пофалби. Монк влезе во списокот на 100 најдобри телевизиски ликови на сите времиња, а Шалуб освои многубројни награди за неговото толкување на улогата, меѓу кои позначајни се Златен глобус, три Primetime Emmy награди и две Screen Actors Guild награди.

Развој на ликот

[уреди | уреди извор]

Создавање

[уреди | уреди извор]

Монк првично бил замислен како лик сличен на инспектор Клузо. Идејата за детектив со опсесивно-компулсивно нарушување потекнува од Дејвид Хоберман, ко-создавачот на серијата. Како инспирација му послужила сопствената борба со опсесивно-компулсивното нарушување откриено преку само-дијагноза. Во интервју за „Pittsburgh Post-Gazette“ Дејвид раскажува дека како и Монк, и тој не можел да стапне на пукнатини и морал да допира столбови, а доколку не ги правел овие работи, нешто ужасно ќе се случело.

Други инспирации за ликот на Монк се Колумбо и Шерлок Холмс. Неговата опседнатост со уредноста би можела да претставува еден вид искажување на почит кон Херкул Поаро. Како што Холмс и Поаро имаат придружници (доктор Ватсон и капетан Хејстингс), така и Монк покрај себе има верен асистент кој не поседува речиси никакви детективски способности. Двата најголеми сојузника на Монк од полицијата, капетан Стотлмајер и поручник Дишер, наликуваат на инспектор Лестрејд кој е колега на Холмс и главниот инспектор Џеп, колега на Поаро, кои се добронамерни но неефикасни полициски пандани. Монк исто така има и брат, чиишто способности за дедукција се далеку поимпресивни од неговите, но кој поради своите проблеми просторно е поограничен од Монк. Сличен лик на овој би бил Мајкрофт Холмс, кој исто така е поспособен од Шерлок но мрзелив.

Кога требало да се смисли име за ликот, ко-создавачот Енди Брекмен се одлучил за едноставно едносложно презиме.

Ко-создавачот Дејвид Хоберман открива дека аудициите за оваа улога биле депресирачки. Џеф Вахтел, извршниот потпретседател на USA Network, изјавил дека наоѓањето на соодветен глумец за ликот на Монк е аудициски пекол. Дури и по две години продуцентите не нашле глумец за улогата. Иако Мајкл Ричардс бил земен предвид за оваа улога, дистрибутерите на шоуто ABC и Touchstone биле загрижени дека по неговиот настап како Космо Крејмер во серијата Сајнфелд, публиката повеќе би го поистоветувала со комични улоги. Откако Ричардс се откажал од проектот, заминал да работи на друга серија за приватен детектив наречена Шоуто на Мајкл Ричардс, која била укината по само шест епизоди.

Карактер

[уреди | уреди извор]

Во сценариото за првата епизодата од серијата, „Mr. Monk and the Candidate“ („Г-дин Монк и кандидатот“), Монк е опишан како современ, но луд Шерлок Холмс. Во воведната сцена од првата епизода го гледаме Монк како го истражува убиството на Никол Васкес и врши увид на местото на злосторството. Тој наоѓа неколку важни траги но постојано го прекинува увидот прашувајќи се на глас дали го исклучил шпоретот кога излегол од дома тоа утро. Во епизодата „Mr. Monk and the Daredevil“ („Г-дин Монк и егзибиционистот“) од шестата сезона, Монк ни открива дека има 312 фобии. Најсилни од овие фобии се: фобија од бглумеции (мизофобија), фобија од заболекари (одонтофобија), фобија од остри и шилести предмети (аикмофобија), фобија од млеко (лактофобија), фобија од повраќање (еметофобија), фобија од смртта и мртви нешта (некрофобија), фобија од змии (офидофобија), фобија од толпа луѓе (оклофобија), фобија од височини (акрофобија), фобија од стравот (фобофобија), фобија од печурки (микофобија) и фобија од мали и тесни простори (клаустрофобија). Исто така, Монк пати од нови фобии кои се појавуваат од време на време, како што е фобијата од ќебиња која се појавува на крајот од петтата сезона во епизодата „Mr. Monk Gets a New Shrink“ („Г-дин Монк и новиот психијатар“). Иако е невозможно да се одреди неговата најголема фобија, сепак можеме да забележиме дека постои некој вид на хиерархија: во последната епизода од серијата, „Mr. Monk and the End“ („Г-дин Монк и крајот“), тој јасно кажува дека неговиот страв од повраќање е поголем од стравот од смртта. Поради огромниот страв од бглумеции, Монк одбива да ги допре кваките како и повеќето други предмети со рацете, избегнува контакт со сè што е нечисто, и секогаш користи влажни марамчиња по контактот со луѓе, особено кога се ракува со некој. Тој исто така не може да ја јаде храната ако други луѓе ја допрат.

Неговите фобии го прават зависен од лични асистенти, кои го возат, купуваат наместо него и секогаш со себе носат влажни марамчиња, како што може да се види во епизодите „Mr. Monk Meets the Playboy“ („Г-дин Монк се сретнува со плејбојот“), „Mr. Monk Goes to the Carnival“ („Г-дин Монк оди на карневал“) итн. Асистентите исто така играат улога во организирањето на неговата консултантска работа, а понекогаш и самите се наоѓаат во улога на детектив. Прва асистентка на Монк е Шерона Флеминг (Бити Шрам), самохрана мајка и негувателка по професија, ангажирана од полицијата со цел да му помогне да ја преброди тригодишната кататонична состојба во која се нашол по смртта на Труди. Шерона ја напушта серијата во третата сезона, се враќа назад во Њу Џерси и повторно се мажи со поранешниот сопруг Тревор. По нејзиното ненадејно заминување Монк случајно се сретнува со Натали Тигер (Трејлор Хауард) и ја ангажира како негова нова асистентка во епизодата „Mr. Monk and the Red Herring“ („Г-дин Монк и црвената харинга“).

Безбројните обиди на Монк да воспостави рамнотежа во светот се залудни. Тој е толку опседнат со симетрија, што дури и палачинките ги сече во форма на квадрат. Се држи до нештата што му се познати и до рутината во неговите активности. Во првите пет сезони пие вода само од марката Сиера Спрингс, а во преостанатите ја користи фиктивната марка Самит Крик. Во втората сезона, во епизодата „Mr. Monk Goes to Mexico“ („Г-дин Монк оди во Мексико“), Монк не пие вода неколку дена бидејќи не може да најде Сиера Спрингс. Тој се соочува со големи тешкотии во комуникацијата со другите и оди дотаму што дури си запишува фрази за разговор. Неговата опсесија со детали можеби не му оди во прилог кога станува збор за комуницирање со другите, но затоа пак придонесува за неговата надареност во детективската работа и профилирањето. Монк поседува фотографска меморија и е способен да реконструира цели кривични дела со помош на нецелосни детали кои според неговите колеги се неважни. Неговиот препознатлив метод на вршење увид на местото на злосторството е да се шета наоколу навидум без идеја и повремено да ги подига рацете како да сака да фотографира. Шалуб објаснува во интервју дека Монк го прави ова за да го подели местото на злосторството на помали делови и да се сконцентрира на нив.

Поради неговата деликатна ментална состојба, неговата способност за функционирање можат да ја нарушат разни фактори. Пример за ова е смрдеата на отпадот во епизодата „Mr. Monk and the Garbage Strike“ („Г-дин Монк и штрајкот на ѓубреџиите“) од петтата сезона која го попречува Монк успешно да го идентификува убиецот на Џими Кјузак. Друг пример среќаваме во епизодата „Mr. Monk Meets Dale the Whale“ („Г-дин Монк се среќава со Дејл Китот“) кога првиот импулс откако пристигнува на местото на злосторството е да ги исправи светилките. Но, тој сепак може да ги контролира овие импулси кога треба да го прегледа телото на жртвата и да собере докази. Иако неговата ментална состојба во голема мера се должи на смртта на жена му, Монк покажува знаци на опсесивно-компулсивно нарушување уште во неговото детство. За да се справи со ова и со фобиите, тој посетува психијатар (д-р Чарлс Кругер во првите шест сезони и д-р Невин Бел во последните две) секоја недела, а во неколку наврати посетите се одвиваат секој ден.

За период од околу 8 години Монк успева да надмине повеќето од неговите фобии, како и некои аспекти на неговото опсесивно-компулсивно нарушување. Иако не успева да се излечи од сите фобии, тој сепак е способен да не мисли на нив кога работи на некој случај. Неговиот најзначаен напредок, кога се фобиите во прашање, го гледаме во епизодата „Mr. Monk Goes to Group Therapy“ („Г-дин Монк посетува групна терапија“) од осмата сезона, во која тој е заклучен во багажник од кола заедно со неговиот соперник Харолд Креншо, кој исто така пати од опсесивно-компулсивно нарушување. За време на ова ужасно патување и двајцата ја надминуваат својата долгогодишна клаустрофобија, како и меѓусебните разлики и стануваат пријатели. Можеби и токму поради ова, но и благодарение на многуте случаи што ги решил низ годините, Монк повторно се враќа на старото работно место како детектив во епизодата „Mr. Monk and the Badge“ („Г-дин Монк и значката“) од осмата сезона. Иако отпрвин е возбуден поради ова, набргу сфаќа дека тоа што повторно е детектив не го прави посреќен. При разговорот со д-р Бел, Монк сфаќа дека отсекогаш бил среќен како приватен детектив и консултант на полицијата на Сан Франциско. Тој дава отказ откако го надминува стравот од височини и сам се справува со убиецот-чистач на прозорци. Во последната епизода од серијата дознава дека неговата жена Труди родила девојче пред тие двајца да се сретнат. Ова и понатамошните настани во епизодата причинуваат позитивни промени во неговиот карактер.

Потекло на ликот

[уреди | уреди извор]

Детство и семејство

[уреди | уреди извор]

Монк е роден на 17 октомври, 1959 година и потекнува од Велс. Датата на раѓање ја дознаваме од епизодата „Happy Birthday, Mr. Monk“ („Среќен роденден, г-дин Монк“) во која се споменува дека педесеттиот роденден Монк ќе го прослави наредниот ден, на 17 октомври 2009 година. Ова го прави речиси шест години помлад од Тони Шалуб.

Во епизодата „Mr. Monk and the UFO“ („Г-дин Монк и неидентификуваниот летачки објект“) дознаваме дека Монк е роден во фиктивниот град Марин Каунти во Тексбери, во семејство со многу строги родители кои се однесуваат презаштитнички. Неговиот татко, Џек Монк (Ден Хедаја) го напуштил семејството кога Монк имал осум години. Излегол еден ден да купи кинеска храна и повеќе не се вратил. Монк има агорафобичен брат по име Емброуз (Џон Тортуро), со кој се нема видено од смртта на Труди. Неговата мајка умрела во 1994 година. Од епизодата „Mr. Monk and the Marathon Man“ („Г-дин Монк и маратонецот“) дознаваме дека Монк се занимавал со атлетика во средно, но се откажал кога се запишал на универзитетот во Калифорнија, Беркли, чиешто име го дознаваме од епизодата „Mr. Monk and the Other Detective“ („Г-дин Монк и другиот детектив“). Во „Mr. Monk and the Class Reunion“ („Г-дин Монк и генерациската средба“) дознаваме дека прекарот на Монк во средно училиште бил „Капетан Кул“. Натали е изненадена кога дознава дека овој прекар го добил затоа што секој викенд го одмрзнувал фрижидерот во студентскиот дом.

Во епизодата „Mr. Monk and the Three Pies“ („Г-дин Монк и трите пити“) дознаваме дека Монк му се лути на Емброуз затоа што не пробал да стапи во контакт со него од смртта на Труди. Кога тие двајца конечно се среќаваат, Емброуз му признава дека не го побарал бидејќи се обвинувал самиот себеси за смртта на Труди, која отишла да му купи лекови и била во гаражата на продавницата кога била убиена.

Татко им Џек се појавува дури во петтата сезона од серијата, поточно во епизодата „Mr. Monk Meets His Dad“ („Г-дин Монк го среќава татка си“). Џек објаснува дека не се вратил дома бидејќи го послушал советот од колачето со порака, кој според него значел дека треба да си го следи својот пат. Всушност, во пораката пишувало: „Биди секогаш покрај својот маж“. Едријан најпрвин не може да му прости на татка си, но почнува да се навикнува на неговото друштво додека му помага да си ја изврши должноста како возач на камион. Џек споменува дека му читал приказни со Шерлок Холмс на Едријан, кој со време научил да ги решава мистериите пред да го слушне крајот на приказните. На крајот од епизодата, Џек го учи Монк да вози велосипед – нешто што не можел да го направи кога Едријан бил дете бидејќи не бил таму. Џек исто така споменува дека има син со друга жена, Џек Џуниор. Монк го сретнува својот полубрат во епизодата „Mr. Monk's Other Brother“ („Г-дин Монк и неговиот полубрат“) и му помага да докаже дека не е убиец.

Смртта на Труди

[уреди | уреди извор]

Низ серијата, Едријан тагува по својата жена Труди која умира на 14 декември, 1997 година како жртва на бомба во автомобил, бомба што Едријан мисли дека била наменета за него. Нејзината смрт дополнително го влошува опсесивно-компулсивното нарушување кај Монк. Полицијата му дава отказ по една година, но за Монк ова е само привремена суспензија и тој се надева дека еден ден повторно ќе биде детектив. Болката што ја чувствува поради смртта на Труди е интензивна и секогаш со него. Тој вели дека никогаш не е вистински среќен и дека никогаш нема ни да биде. По нејзината смрт, Монк работи како консултант на полицијата од Сан Франциско.

Монк наидува на неколку сознанија за смртта на Труди како што серијата се наближува до крајот. Тој открива дека бомбата навистина била наменета за Труди. Човек со шест прсти по име Френк Нан (Кортни Гејнс) го најмува Ворик Тенисон (Френк Колисон) за да ја направи и постави бомбата. Во последната епизода од шестата сезона Монк конечно се соочува со Ворик Тенисон кој му признава дека тој е само марионета во целата претстава и дека не знае зошто Труди е мртва. Ова е само дел од еден поголем заговор во кој Нан треба да огранизира уште еден бомбашки напад, а Монк да стане осомничен за неговото убиство. Но, пред да може да го уапси или барем да го извлече името на нарачателот на убиството на Труди, Нан го застрелуваат. Откако Монк е ослободен од вината за смртта на Нан, полицијата наоѓа преписка од Нан која датира од убиството на Труди. Во преписката не се откриваат имињата на личностите замешани во убиството, но дознаваме дека нарачател е „Судијата“. Во последните две епизоди од серијата „Mr. Monk and the End“ („Г-дин Монк и крајот“) дознаваме дека „Судијата“ е Итан Рикоувер, кој и навистина е судија по професија. Неговата улога ја толкува Крег Т. Нелсон.

Труди ја раѓа Моли Еванс на 2 јануари, 1983 година.

Противници

[уреди | уреди извор]

И покрај фобиите и опсесивно-компулсивното нарушување, Монк е прилично самоуверен кога е во прашање неговата работа. Во поголемиот број епизоди, тој обично е првиот што го именува осомничениот за време на рутинската полициска истрага, но неговите колеги често ги доведуваат во прашање неговите претпоставки. Ова сомневање од нивна страна се должи најчесто на тоа што на Шерона, Стотлмајер или Натали им е тешко да одредат дали вниманието на Монк на одредени детали е предизвикано од нешто што не му се допаѓа, или пак навистина се работи за инкриминирачки докази.

Името на Монк им е добро познато како на полицијата во Сан Франциско, така и на криминалците по кои тој трага. Осомничените често пробуваат да го надмудрат Монк за време на распитот, но она што тие не знаат е дека тој и покрај своето опсесивно-компулсивно нарушување е одличен проценувач и набљудувач на човечкото однесување. Па така, ако некој од осомничените се обидува да се одбрани или пак се однесува агресивно, тоа е сигурен знак за Монк дека ги фатил вистинските злосторници. Пример за ова можеме да видиме во епизодата „Mr. Monk and the Astronaut“ (Г-дин Монк и астронаутот) во која Монк го обвинува познатиот астронаут Стив Вагнер за убиство на неговата поранешна девојка Џоан Рафелсон. Откако Вагнер, во обид да го заплаши Монк пука со прстите пред него, Натали му вели на Монк дека е во право за астронаутот и дека неговиот гест речиси е признание дека ја убил.

Во епизодата „Mr. Monk is On the Air“ („Г-дин Монк е на радио“) Монк претрпува огромно понижување кога го испрашува радио водителот Макс Хадсон, осомничен за убиство на неговата жена Жанет. За време на емисијата во живо, водителот почнува да зборува за Труди. Откако открива дека навредувањето на Труди е нешто што го провоцира Монк, почнува да се шегува во врска со нејзината смрт. Монк пак, не можејќи да ги трпи шегите го напаѓа. Откако го смируваат Монк, Стотлмајер го убедува дека Макс бил видливо исплашен бидејќи знаел дека му се ближи крајот.

Добро познато е дека не сите новели за Монк се пишувани по теркот на серијата. Па така, противниците на Монк во новелите се далеку покомплексни личности што никогаш не биле прикажани во серијата. Ова се должи на тоа што е речиси невозможно сите настани од новелата да се прикажат во епизода од 40 минути.

Критички осврт

[уреди | уреди извор]

Критиките за ликот на Едријан Монк се позитивни. Хауард Розенберг од „Los Angeles Times“ вели дека Монк е најоригиналниот детектив кој се прикажува на телевизија. Тим Гудман од „The San Francisco Chronicle“ во критичкиот осврт кон првата епизода од серијата пишува дека токму поради минатото и смешните проблеми на Монк тој е еден од најсаканите фиктивни ликови и ја придвижува серијата која е испреплетена со неверојатност и едноставност. Монк е се наоѓа на 99 место на списокот на Браво со наслов „Стоте најдобри телевизиски ликови на сите времиња“, а АОЛ го смета за еден од најпаметните детективи на телевизија.

Пофалби пристигнуваат и за изведбата на Шалуб во серијата. Според Мајкл Сотер од „Entertainment Weekly“, изведбата на Шалуб е оригинална и прекрасна. Ненси Френклин од „The New Yorker“ вели дека Шалуб брилијантно ја прикажува напнатоста помеѓу желбата на Монк да го надмине нарушувањето и длабоката потреба да го брани своето однесување. Според Мајкл Абернети од „PopMatters“ изведбата на Шалуб е извонредна, а Мелани Мекфарланд од „Seattle Post-Intelligencer“ вели дека Шалуб е внимателен глумец. Алан Сепинвол од „Star-Ledger“ го опишува Шалуб како идејалниот глумец за ликот на Монк.

Шалуб добива разни награди и номинации за неговата изведба во Монк. Тој беше номиниран секоја година од 2003 година па до 2010 година за Еми наградата за извонреден главен глумец во категоријата комедии, а ја доби во 2003, 2005 и 2006 година. Во 2003 година Шалуб го освои Зланиот глобус за најдобар глумец во телевизиска серија, а беше номиниран за наградата во 2004, 2005, 2007 и 2009 година. Во 2004 и 2005 година ја доби наградата за извонредна изведба на машки глумец во категоријата комедии, а беше номиниран во 2003, 2006, 2007, 2008 и 2009 година.

  1. "Г-дин Монк и другиот детектив". Conrad, Hy. Монк. 2008-07-08. No. 1, season 4.