Алдинци се наоѓа во областа Торбешија. Селото се наоѓа на горното течение на Кадина Река, на планината Голешница. Оддалечено е 41 километар јужно од Скопје и 35 километри јужно од општинскиот центар Студеничани.
Како планинска населба има мошне голем атар, којшто зафаќа простор од 47 км2. Преовладуваат шумите на површина од 3.463,1 ха, потоа следат пасиштата на површина од 704,4 ха, а на обработливото земјиште отпаѓаат 203 ха. Според ваквата аграрна структура, Алдинци има мешовита земјоделска функција.[2]
Според опширните османлискидефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било муслиманско, со 3 муслимански домаќинства. На овој попис биле забележани 6 мажи муслимани, без новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 12 жители.[3]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 300 Албанци.[8]
Алдинци, според намалувањето на бројот на населението, преминало од средно во мало село. Така, во 1961 година броело 373 жители, а во 1994 година 24 жители, сите Албанци.
Според пописот од 2002 година, селото имало население од само 3 жители, сите Албанци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото немало жители.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Според истражувањата од 1951 година, родови во селото се:
Доселеници:Соф Караџа (14 к.) доселени се од местото Чаја во северна Албанија. Основачот на родот се викал Јусуф, кој се доселил во селото на почетокот од XIX век; Меролар или Мер-Караџа (27 к.) имаат исто потекло и време на доселување како и претходниот род. Го знаат следното родословие: Мерсељ (жив на 75 г. во 1951 година) Селман-Алил-Меро, кој се доселил во селото.[14]
Кале — градиште / опидум од доцноантичкото време. На 2 км јужно од планинарскиот дом „Караџица“, на рид со височина од 165 м над утоката на Аљагица во Кадина Река, на зарамнето плато со површина од 4 хектара се гледаат остатоци од одбранбен ѕид. По површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси, тегули и тубулуси за довод на вода. Северно од градиштето, преку реката се наоѓа подградието на чија површина од околу 3 хектара се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси и покривни ќерамиди.
Муџица — градиште од доцноантичкото време. На 2,2 км југоисточно од селото и на 1,7 км југоисточно од планинарскиот дом „Караџица“, на највисоката кота од високиот рид обраснат со шума има зарамнета површина која е оградена со ѕид граден од камен, без малтер, чии димензии се 60 × 220 м. По површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси, тегули и друг градежен материјал.
↑Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 10.
↑Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на муслиманското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2020.
↑Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.