Амзабегово | |
Поглед кон селото | |
Координати 41°48′40″N 21°59′40″E / 41.81111° СГШ; 21.99444° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Свети Николе |
Област | Овче Поле |
Население | 428 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2227 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 24002, 24502 |
Надм. вис. | 225 м |
Слава | Ѓурѓовден |
Амзабегово на општинската карта Атарот на Амзабегово во рамките на општината | |
Амзабегово на Ризницата |
Амзабегово (поретко како Амзибегово) — село во областа Овче Поле, во Општина Свети Николе, во близина на градот Свети Николе.
Денешното име потекнува од турско лично име, а турското население селото го нарекувало Амзи-бејло. По Првата светска војна, селото било наречено Ковачевац (по презимето на убиен српски генерал во околината на Штип). Во текот на Втората светска војна, бугарските окупаторски власти го промениле името на селото во Балабаново.[2]
Селото се наоѓа во областа Овче Поле, во јужниот дел на територијата на Општина Свети Николе.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 225 метри. Од градот Свети Николе е оддалечено 9 километри.[3]
Селото се наоѓа покрај Светиниколска Река, сместено на десниот брег. Покрај патна раскрсница, во негова непосредна близина се наоѓа и пругата Велес-Кочани, на која се наоѓа железничката станица „Овче Поле“. Околни села се: Пеширово на север и Долно Црнилиште на северозапад. Во минатото селото поседувало една чешма, која била поврзана со изворот Домуз-бунар. Пред тоа, селаните користеле вода од еден бунар, сместен покрај реката.[2]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Гладна, Кукуљ, Сивирџе, Алчак, Барутница, Ѓерен, Шамак, Стари Лозја и Боузлар.[2]
Селото има збиен тип и не е поделено на маала. Сепак, селото поседува именувани краеви наречени по поединечни родовски групи на куќи, како што се Шутарци, Колеви, Грашови и други.[2]
Во неговиот атар се наоѓа раскрсницата на патиштата помеѓу Штип и Велес, како и оној на Штип и Свети Николе,[3] како и новиот автопат А4.
Во атарот на селото Амзабегово, на наоѓалиштето „Барутница“ е пронајдена населба од времето на неолитот.[4] Месноста се наоѓа 1000 метри јужно од селото. Во денешните ниви селаните ископувале ќерамиди, варовни камења и песок.[2]
На местото на денешното село живеело старо словенско христијанско население, но никој не знае во кој период. Доказ за ова се гробиштата на денешните селани, кои се наоѓаат западно од селото, каде селаните наоѓале остатоци на стари христијански гробови, односно камени плочи и крстови.[2]
Традицијата наведува дека денешното село било основано од турско население. Селото Амзабегово од страна на Турците било викано Амзи-бејли. Тоа доаѓало од турско лично име. Турците до 1923 година имале 70 куќи.[2]
Во XIX век, Амзабегово било село во Штипската каза на Отоманското Царство.
Во периодот 1923-1928, за време на Кралството Југославија, сите Турци се иселиле во Турција. Турските гробишта се наоѓаат покрај селото, во северозападна насока. Џамијата која била изградена на сретсело не е зачувана.[2]
По заминувањето на турското население, се доселиле Македонци, како и помал број на православни Роми и Власи, со што целосно се променил етничкиот карактер на селото.[2]
Атарот зафаќа простор од 13,9 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 907,2 хектари, на пасиштата отпаѓаат 301,4 хектари, а на шумите само 16,3 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во селото има земјоделска задруга, продавници и угостителски објекти.[3]
Земјата, која била во сопственост на турското население, ја купиле доселените Македонци, како и помал број на православни Роми и Власи.[2]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Амзабегово имало 360 жители, од кои 340 Турци и 20 Македонци.[5]
Според Димитар Гаџанов, во 1916 година селото Амза Бегово имало 220 Турци.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 160 до 175 Македонци.[7]
Амзабегово е средно по големина село со незначително намалување на бројот на населението. Така, во 1961 година селото броело 609 жители, од кои 565 биле Македонци, 10 Срби и 34 останати. Во 1994 година, бројот се намалил на 557 жители, од кои 543 Македонци, 10 Власи и 3 Срби.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Амзабегово живееле 543 жители, од кои 531 Македонец, 8 Власи, 3 Срби и 1 останат.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 428 жители, од кои 364 Македонци, 4 Роми, 2 Власи, 1 останат и 57 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 360 | — | 510 | 551 | 609 | 602 | 579 | 586 | 557 | 543 | 428 |
Амзабегово е мешано православно село, во кое македонското население е мнозинство.[2]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1957/58 година родови во селото се:
Селото влегува во рамките на Општина Свети Николе, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Свети Николе.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Свети Николе. Селото припаѓало на некогашната општина Свети Николе во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Ерџелија, во која покрај селото Амзабегово, се наоѓале и селата Аџибегово, Богословец, Буриловци, Горно Црнилиште, Делисинци, Долно Црнилиште, Ерџелија, Кадрифаково, Мустафино и Пеширово. Селото било седиште на истоимената општина во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Амзабегово, Аџибегово, Богословец, Горно Црнилиште, Делисинци, Долно Црнилиште и Пеширово.
Во селото постои избирачкото место бр. 1701 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место се опфатени и селата Богословец и Делисинци.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 395 гласачи.[15]
На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 392 гласачи.[16]
Во минатото во селото постоела џамија на сретсело, од која денес не е ништо останато.
Во селото работи фудбалскиот клуб „Овче Поле“.[19]
Од селото се иселил значителен дел од старото христијанско население. Забележан е македонскиот род Тутунковци и други, кои се иселиле од селото во текот на XIX век. Од денешните родови иселеници има од Стоилови во Кочани (едно семејство) и од Балабанови во Скопје (едно семејство).[2]
Од 1923 до 1928 година од селото се иселило турското население во Турција.[2]
После времето на истражувањето вршено во селото (после 1956 година) иселувањето водело кон Скопје, Штип, Велес, Свети Николе. А во поново време и кон Германија и Италија.
|