Антиревматските лекови (англиски: disease-modifying antirheumatic drugs, скратено DMARD) опфаќаат категорија на лекови со различни механизми на дејство, наречени според нивната употреба кај ревматоидниот артритис, кои го модифицираат текот на болеста, односно ја забавуваат прогресијата на болеста.[1] Овие лекови не ја третираат причината на болеста, туку ги облажуваат симптомите како и текот и последиците на болеста.
Терминот често се користи за да се прави разлика од т.н. нестероидни противвоспалителни лекови (НСАИД), кои се однесуваат на лекови кои го третираат воспалението, но не и основната причина, како и стероидите, кои го поттиснуваат имунолошкиот одговор, но не се доволни за да ја забават прогресијата на болеста.
Иако употребата на терминот DMARD за прв пат беше пропагирана кај ревматоидниот артритис (оттука и нивното име), терминот почна да се однесува на многу други болести, како што се Кронова болест, лупус еритематозус, Сјогренов синдром, имунолошка тромбоцитопенична пурпура, мијастенија гравис, саркоидоза, и разни други болести.
Терминот првично беше воведен за да укаже на лек кој ги намалува знаците типичните процеси кои вообичаено се одвиваат низ текот на болеста, како што се зголемена стапка на седиментација на еритроцити, намалено ниво на хемоглобин, зголемено ниво на ревматоиден фактор, како и зголемено ниво на Ц-реактивна белковина. Во поново време, терминот се користи за да означи лек кој ја намалува стапката на оштетување на коските и 'рскавицата.
DMARD може дополнително да се поделат на традиционални лекови со мала молекуларна маса, синтетизирани преку хемиски пат и на понови „биолошки“ супстанции произведени преку генетски инженеринг.
Некои DMARD се благи хемотерапевтици, но се користат поради нивниот спореден ефект - имуносупресија, како терапевтска придобивка за ублажување на текот на болеста.
DMARD се класифицирани како:[2]
Дрога | Механизам | Тип |
---|---|---|
абатацепт | инхибитор на Т-клеточен костимулаторски сигнал | bDMARD |
адалимумаб | TNF-инхибитор | bDMARD |
анакинра | антагонист на рецепторот на IL-1 | bDMARD |
апремиласт | инхибитор на фосфодиестераза 4 (PDE4) | tsDMARD |
азатиоприн | инхибитор на синтезата на пурините | непознат |
барицитиниб | JAK1 и JAK2 инхибитор | tsDMARD |
цертолизумаб | TNF-инхибитор | bDMARD |
хлороквин (анти-маларија) | супресија на IL-1, индуцирање апоптоза на воспалителните клетки и намалување на хемотаксата | непознат |
циклоспорин (циклоспорин А) | инхибитор на калцинеурин | непознат |
Д-пенициламин (денес ретко се користи) | намалување на бројот на Т-лимфоцити итн. | непознат |
етанерцепт | TNF-рецептор-мамка | bDMARD |
филготиниб | инхибитор на Јанус киназа (JAK). | tsDMARD |
голимумаб | TNF-инхибитор | bDMARD |
златни соли (натриум ауротиомалат, ауранофин) (денес ретко се користат) | непознат | csDMARD |
хидроксихлороквин (анти-маларичен лек) | TNF-алфа, индуцираат апоптоза на воспалителните клетки и ја намалуваат хемотаксата | csDMARD |
инфликсимаб | TNF-инхибитор | bDMARD |
лефлуномид | инхибитор на синтезата на пиримидин | csDMARD |
метотрексат (MTX) | инхибитор на метаболизмот на пурините | csDMARD |
миноциклин | 5-LO инхибитор | непознат |
ритуксимаб | химерично моноклонално антитело против CD20 на површината на Б-клетката | bDMARD |
сарилумаб | антагонист на рецепторот на IL-6 | bDMARD |
секукинумаб | IL-17 инхибитор | bDMARD |
сулфасалазин (SSZ) | супресија на IL-1 и TNF-алфа, индуцираат апоптоза на воспалителните клетки и ги зголемуваат хемотактичките фактори | csDMARD |
тоцилизумаб | антагонист на рецепторот на IL-6 | bDMARD |
тофацитиниб | инхибитор на Јанус киназа (JAK). | tsDMARD |
устекинумаб | инхибитор на IL-12 и IL-23 | bDMARD |
Иако овие супстанции делуваат преку различни механизми, многу од нив можат да имаат слични влијанија врз текот на болеста.[3] Некои од лековите може да се користат во комбинација.[4] Вообичаена тројна терапија за ревматоиден артритис е метотрексат, сулфасалазин и хидроксихлорокин.
Во случај кога третманот со DMARD не покажува ефективност за стабилизирање на неконтролираната автоимуна болест се користи пулсна (интермитирачка) терапија со циклофосфамид и стероиди. Некои тешки автоимуни болести се третираат со трансплантација на коскена срцевина во клинички испитувања, обично по неуспешна терапија со циклофосфамид. Во случај кога другите DMARD покажуваат неуспех или по недоволен одговор на терапијата со TNF-алфа инхибитори или неподнесување на терапијата, за тертманот може да се примени тоцилизумаб.[5]
Често се користат комбинации на DMARD, бидејќи секој лек во комбинацијата може да се користи во помала доза отколку ако се дава сам, со што се намалува ризикот од несакани дејства.
Многу пациенти примаат НСАИЛ и најмалку еден DMARD, понекогаш комбинирано со ниски дози на орални гликокортикоиди. Ако се забележи ремисија на болеста, можно е да не биде потребен редовен третман со НСАИЛ или гликокортикоиди.
DMARD помагаат во контрола на артритисот, но не ја лекуваат болеста (некаузална терапија). Од таа причина, ако се постигне ремисија или оптимална контрола со DMARD, таа често се продолжува како доза на одржување. Прекинувањето на DMARD може да ја реактивира болеста или да предизвика силно влошување, без гаранција дека контролата на болеста ќе биде повторно воспоставена по продолжувањето на лекот.