Баласана (санскрит: बालासन) или детска поза,[1] — клекната асана во современите јога вежби. Баласана е спротивна (контра) асана за различни асани и обично се практикува пред и после сирсасана.[2]
Името доаѓа од санскритските зборови बाल бала, „дете“ и आसन асана, „држење“ или „седиште“.[3] Баласана не била опишана се до 20 век; одредена слична поза се појавува во Примарната гимнастика на Нилс Бук од 1924 година.[4][5] Ананда баласаната е илустрирана како кандукасана (поза во форма на топка) во Сритатваниди од 19 век.[6]
Од клекната положба, спуштете го челото на подот и опуштете ги рацете покрај телото, со дланките свртени нагоре.[7]
Доколку е потребно, и во тек на бременост, колената можат да бидат раширени.[7] Рацете можат да бидат испружени напред пред главата.[8] Ако се појави непријатност во вратот и рамената, може да се стави ќебе свиткано во ролна на задниот дел од потколениците и челото да се потпре на подлактиците.[9]
Утана шишосана или „Проширена кучешка поза“ се изведува со истегнување нанапред од позиција на сите четири екстремитети, додека подлактиците и челото не допрат до подот, а бутовите останат во вертикална положба. Оваа асана претставува премин позиција помеѓу баласана и адо мука шванасана (Надолна кучешка поза).[10]
Парсва баласана (санскрит: बालासन, позната како „Странична детска поза“),[11] а понекогаш наречена суцирандрасана (सुचिरंध्रासन), што значи „Окото на иглата поза“ или „Поза на игла со нишка“, се изведува со поставување на главата и стапалата како во баласана, колената се свиткани, колковите подигнати и едно рамо останува на подот. Едната рака е испружена пред лицето, формирајќи прав агол со телото и допирајќи го подот. Другата рака може да биде испружена нанапред над главата, свиткана зад грбот или подигната вертикално во воздух.[12]
Шасангасана (शसांगासन) или „Зајачка поза“, практикувана во Бикрам јогата, се изведува со опашната коска нагоре, додека бутовите не се исправат и главата и рацете се насочени назад кон стапалата, создавајќи интензивно виткање на 'рбетот.[13]