Белвица | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Animalia |
Колено: | Chordata |
Класа: | Actinopterygii |
Ред: | Salmoniformes |
Семејство: | Salmonidae |
Род: | Salmo |
Вид: | S. ohridanus |
Научен назив | |
Salmo ohridanus Франц Штајндахнер, 1892 | |
Синоними | |
Acantholingua ohridana |
Белвица (латински: Salmo ohridanus) – вид ситна слатководна риба со бели, седефести крлушки; ендемски вид локализиран во Охридското Езеро[2].[1][3][4]
Во постарата литература белвицата е определена дека им припаѓа на родовите Acantholingua и Salmothymus[4][5]. Генетските проучувања, сепак, покажуваат дека таа е член на родот Salmo и е најблиска до Salmo obtusirostris [6]. Сепак таа е доста различна од балканската пастрмка[4].
Распространета е во Македонија и Албанија[1][3][4] во Охридското Езеро, каде заедно со летницата е еден од двата претставници на семејството Salmonidae и родот Salmo.
Се среќава на длабочина од 40 до 60 м.[7] Рибата е предмет на масовен риболов и се одгледува во фарми за риба од средината на дваесеттиот век.[1]
Фактори кои ја загрозуваат популацијата на овој вид се хибридизацијата и загадувањето на водите.[1]
Белвицата е релативно мала риба, вообичаено помала од 30 см и полесна од 0,5 кг[3]. Може да достигне должина од 33,6 см и тежина од 685 грама[7].Охридската белвица е ендемски вид пастрмка со сребрена боја на телото и ретки бледи црни и црвени пеги, со поголемо око во однос на главата споредено со другите видови пастрмки како резултат на живот во подлабоките води на сублиторалот и профундалот на езерото. Има спор раст и потребно и е 12 години да достигне тежина од 1 кг. во природни услови. Се храни со зоопланктон и фауна на дно.
Полова зрелост достигнува во втората година, а мрести на два вида подлога и тоа во литоралниот регион на езерото во појасот на харата и во сублиторалниот регион на песочна подлога во појасот на живи и изумрени школки. Исто така се мрести и во близина на подводни извори на длабочини поголеми од 70 м. Најголемиот дел од популацијата се мрести во периодот од втората половина на ноември до крајот на декември, вториот пик на мрестење е во пролетниот период (март-април) и третиот во летниот период (јуни-август). [8]
Животниот век ѝ е околу 12 години[7].
Охридската белвица има извонредно значење како објект како за рекреативен така и за стопански риболов. Поради квалитетот на нејзиното месо, а особено по намалувањето на популацијата на охридската пастрмка се зголеми притисокот врз неа, што води кон потреба од поголема заштита на видот.
|