Богослав Шулек | |
---|---|
![]() | |
Роден(а) | 20 април 1816 Соботиште, Унгарија |
Починал(а) | 30 ноември 1895 Загреб, Кралство Хрватска и Славонија, Австроунгарија | (возр. 79)
Почивалиште | Мирогој, Загреб, Хрватска |
Други имиња | Bohuslav Šulek |
Занимање | филолог, историчар и лексикограф |
Богослав Шулек (роден како Бохуслав Шулек; 20 април 1816 – 30 ноември 1895) бил хрватски филолог, историчар и лексикограф.[1][2] Тој имал големо влијание во создавањето на хрватска терминологија во областите на природните и општествените науки.
Шулек ги поддржувал принципите на Загрепската филолошка школа и го промовирал хрватскиот лингвистички пуризам. За неговото дело бил наречен „татко на хрватската научна терминологија“.[3] Тој слободно измислувал неологизми и позајмувал зборови од другите словенски јазици за да послужат како замена за несловенските заемки. Кога за заемката не бил достапен збор од штокавското наречје, тој се потпирал на чакавскиот и кајкавскиот лексички фонд, а кога и тие не биле доволни тој позајмувал зборови и од другите словенски јазици како чешкиот, словачкиот, рускиот и словенечкиот, или предлагал свои неологизми. Неговите активности честопати го вовлекувале во конфликт со хрватските вуковци кои се залагале за чист народен јазик и со потсмев неговите неологизми ги нарекувале шулекизми.[4]
И покрај првичната непопуларност, повеќето од тие термини бавно навлегле во јазикот на хрватските високи класи во текот на 20-от век; многу од овие зборови денес се сметаат за стандарни хрватски изрази за различни поими. Дел од нив преку српскохрватскиот јазик навлегле и се употребуваат и во македонскиот јазик.
Повеќето од неговите кованици кои се користат во современиот хрватски јазик, вклучуваат термини од областа на хемијата (kisik "кислород", vodik "водород", dušik "азот") и други технички области (plin "гас", narječje "наречје", glazba "музика", skladba "композиција", obrazac "образец", sustav "систем", tlak "притисок", tlakomjer "барометар", zemljovid "карта", uzor "узор", pojam "поим", tvrtka "компанија", zdravstvo "здравство").[4]