Владислав Броњевски

Владислав Броњевски

Владислав Броњевски (полски: Władysław Broniewski; 1897-1962) - полски поет.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Броњевски учествувал во борбата за независност на Полска, како дел од легијата на Пилсудски. По стекнувањето на независноста, тој почнал да се бори за правата на угнетените - пролетеријатот и градската сиромаштија поради што бил прогонуван од полицијата и неколкупати бил затворен. Во 1939 година, Броњевски бил затворен во СССР, потоа со Андерсовата армија се префрлил на Блискиот Исток каде, по разидувањето со андерсовците, го дочекал крајот на војната. Потоа, тој се вратил во Пплска, каде бил искрен приврзеник на сталинизмот.[1]

Творештво

[уреди | уреди извор]

Броњевски има статус на народен пејач, зашто неговите песни, полни со звучност и емотивност, се најмногу рецитираните песни во полската поезија. Самиот Броњевски им ги рецитирал своите песни на работниците, студентите и учениците така што неговите песни допреле до публиката по усмен пат, а не во печатена форма. Уште во првите години по стекнувањето на независноста на Полска, Броњевски увидел дека слободата не стигнала до сите луѓе и станал поет на полскиот пролетеријат и набргу се стекнал со голема популарност. И по Втората светска војна, благодарение на тешкиот и чесен живот, Броњевски уживал голема популарност кај широката публика. Проста, чесна, непокорна и борбена, убедлива и разбирлива, поезијата на Броњевски се одликува и со висок уметнички квалитет. Во неа е собрана најдобрата традиција на полската патриотска лирика од романтизмот до поново време. Притоа, неговата револуционерна поезија била нова и според содржината и ги одразувала секојдневните проблеми на новиот поредок. Исто така, таа не била пишувана по угледот на советските поети, а освен тоа, под привидната едноставност и традиционалност, таа содржи значајно новаторство кое не е доволно проучено.[1]

  1. 1,0 1,1 Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 101-102.