Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Да си Ерика | |
---|---|
Позната и како | „Сесијата“ |
Жанр | комедија-драма |
Создадена од | Џана Синиор |
Режирана од | Холи Дејл |
Улоги | Ерин Карплук Мајкл Рајли Тајрон Леицо Винеса Антоан Реган Пастернак Морган Кели Џон Бојлан Кејтлин Ласки Џоена Даглас Адам МекДоналд Пола Бранкејша Себастијан Пигот Адам Фергус |
Воведна тема | "All I Ever Wanted To Be" изведена од Лили Фрост |
Земја на потекло | Канада |
Првичен јазик | англиски |
Бр. на сезони | 4 |
Бр. на епизоди | 49 (список на епизоди) |
Производство | |
Извршен продуцент(и) | Дејвид Фортиер Ајван Шнеберг Џана Синиор[1] |
Местоположба | Торонто, Онтарио, Канада[1] |
Времетраење | 45 минути |
Продукциска куќа | „Temple Street Productions“ |
Дистрибутер | „BBC Worldwide“ |
Прикажување | |
Првична мрежа | „CBC“ |
Првично прикажување | јануари 5 2009 | – декември 12, 2011
Мрежна страница | cbc.ca/beingerica/ |
„Да си Ерика“ (Being Erica) е канадска телевизиска серија, комедија-драма, што се емитувала на „ЦБЦ“ (CBC) од 5 јануари 2009 до 12 декември 2011 година.
Серијата, што е дело на Џана Синиор (Jana Sinyor), првично „ЦБЦ“ ја најавиле како „Сесијата“ (The Session), но ја реименувале во „Да си Ерика“ пред да се емитува во 2009 година. Серијата ја режирале „Темпл Стрит Продакшнс“ (Temple Street Productions), а интернационално ја пренесувале „ББЦ Ворлдвајд“ (BBC Worldwide). Ѕвездата на серијата е Ерин Карплук (Erin Karpluk) која ја глуми Ерика Стрејнџ (Erica Strange), жена која започнува да посетува терапевт за да се справи со работите за коишто се кае во животот, при тоа дознава дека терапевтот (Мајкл Рајли) може да ја праќа во минатото за да ги доживее повторно истите настани, па дури и да ги промени. Во Канада премиерата на втората сезона била на 22 септември 2009 година. Поради намалување на буџетот во „ЦБЦ“, биле направени само 12 епизоди за втората сезона.
На 11 мај 2010 година „ЦБЦ“ најавиле трета сезона на серијата со 13 епизоди. Сезона 3 започнала да се емитува на 21 септември 2010 година, во 21 часот на „ЦБЦ“. Во САД, сезона 3 се прикажувала на „Соапнет“ (Soapnet) од 26 јануари 2011 година. Четвртата и последна сезона се прикажувала есента во 2011 година. Иако „ЦБЦ“ никогаш официјално не ја откажале серијата, за време на четвртата сезона Синиор изјавила дека серијата достигнала реален заклучок и дека нема планови да пишува или режира петта сезона.
Бидејќи серијата вклучува патување низ времето, различни глумци ги глумат некои од помладите верзии на ликовите.
Ерика Стрејнџ (Ерин Карплук) – главниот јунак на серијата. На почетокот на серијата таа е триесет и две години, неомажена, Еврејка, и добро образована. Но, таа е неуспешна и неоддамна отпуштена од работа за услуги на клиенти, поради тоа што е преквалифицирана за тоа работно место. Таа е убедена дека лошите одлуки во минатато се причината за нејзиниот неуспешен живот и бара помош од д-р Том, за да поправи поголем дел од нејзините грешки. Низ текот на серијата таа добива доверба во себеси и во нејзините одлуки, оди на љубовни состаноци и се заљубува, и ја назначуваат за помлад уредник во издавачка куќа, но, подоцна, во претпоследната епизода од втората сезона ја отпуштаат. Има диплома за магистерски студии за англиска литература. Во третата сезона заедно со Џулијен отвораат своја издавачка фирма „50/50 Прес“ (50/50 Press) и притоа стануваат добри пријателки. Бидејќи има напишано раскази, Ерика сака да пишува фикција. Во финалето на сезона 3, Ерика го поминува тестот на д-р. Том во групната терапија и станува доктор во обука. Претпоследната епизода од третата сезона завршува со Ерика како оди низ една улица во Торонто барајќи некој кому би му дала нејзина бизнис-картичка, за да стане нејзин пациент. Во последната сезона, Ерика успешно ја завршува обуката за доктор и официјално станува доктор. Нејзината канцеларија е уметничко студио, целото испишано со изреки, со полица за книги во вид на саќе за мед и жолто-кафеав кожен стол зад долга, црвена маса. Иако мора да се збогува со д-р. Том, д-р. Ерика останува поврзана со него преку неговата ќерка Сара, која е нејзина официјална пациентка. Во епизодата „Adultescence“ дванаесетгодишната Ерика Стрејнџ ја глуми глумицата Саманта Вајнстајн (Samantha Weinstein); Рејчл Марјус (Rachel Marcus) ја глуми Ерика во епизодата „Fa La Erica“; Грејс Ариана Кирби (Grace Arianna Kirby) ја глуми Ерика во последната епизода на серијата „Dr. Erica“.
Д-р. Том Векслар (Мајкл Рајли) (Dr. Tom Wexlar/ Michael Riley) – терапевтот на Ерика. Има обичај да користи изреки, кои често ја нервираат Ерика. Наместо дирекно да ѝ помогне на Ерика со нејзините проблеми кога се среќаваат во минатото, тој често е нејасен и таинствен, давајќи ѝ само навестувања кои ја поврзуваат со животот во сегашноста. Во неговиот обичен живот, пред неговата терапија и пред да стане доктор, тој е оженет со Марџори (Шона МекДоналд) (Marjorie/ Shauna MacDonald) и имал ќерка Сара (Татиана Маслани) (Sarah/ Tatiana Maslany). Сара избегала од дома во 1996 година, што ја предизвикало неговата наклоност кон алкохолизам и насилство, што подоцна резултирало во обид за самоубиство; понекогаш се споменува дека д-р. Том ја користи Ерика како замена за Сара. Исто така, во епизодата „Sins of the Father“ се открива дека тој претходно бил верен со Аманда Матхисон (Сузи Јоаким) (Amanda Mathieson/ Suzy Joachim), додека не ја оттргнал од себе; тие повторно се среќаваат во сегашноста и повторно се распламнува нивната врска. Во „Physician, Heal Thyself“, по долго отсуство Сара се враќа, барајќи од нејзините родители да ѝ помогнат да се излечи од зависноста од хероин. Но, потоа Сара го ограбува нивниот дом и завршува во затвор. Д-р. Том ја посетува и ја советува да презема повеќе одговрност за својот живот наместо да се потпира на него да ја ослободи од затвор. Неговата канцеларија е кралска и многу изгледа како место за учење или библиотека. По долго размислување и откако неговиот живот „расцветува“ по соединувањето со Аменда, д-р. Том решава да се откаже од терапевтската работа, но, под услов да ги прекине сите врски со неговите пациенти, вклучувајќи ја и Ерика. На почетокот се двоуми за својата одлука, бидејќи ѝ го крши срцето на Ерика, но, на крајот се збогува со неговата омилена пациентка. Ерика е сведок на неговото заминување и неговата канцеларија се претвора во празен, бел простор.
Џулијен Џакомели (Реган Пастернак) (Julianne Giacomelli/ Reagan Pasternak) – главен уредник во издавачката куќа „Ривер Рок“ (River Rock) во одделот за фиктивна литература, шеф на Ерика и подоцна бизнис-партнер во „50/50 Прес“ и девојка не Брент (Brent). Иако со нејзиното дрско однесување често луѓето ја потценуваат и омаловажуваат нејзината интелигенција, таа е умешна стопанственичка која е особено успешна во маркетиншките и мрежните аспекти во работата. Но, исто така има навика да биде прилично немилосрдна со вработените, вклучувајќи ја и Ерика, која ѝ ја буди несигурноста. Во првата сезона Џулијен се зближува со Ерика, но најмногу затоа што квалтетот на нејзината работа прави Џулијен да изгледа подобро пред нејзините претпоставени. Џулијен има афера со добро познатиот автор Томас Фридкен (Thomas Friedken), додека Ерика не го фати како изневрува во втората сезона. Тогаш Џулијен јавно го понижува Фридкен, при што тој се свртува против неа и својата книга ја дава на Брент да ја уредува. Заедно со Ерика, Џулијен ја отпуштаат од работа откако го навредува својот претпоставен. Заедно отвораат своја издавачка компанија, „50/50 Прес“. Нејзиниот прекар за Ерика е „Chicken“ („пиленце“); во сезона 3, во епизодата за Божиќ се открива дека всушност татко ѝ ја нарекувал така. Во сезона 4, Џулијен е втора пациентка на Ерика во обуката, поради нејзината несигурност. Се зближува со Брент, што доведува до секс за една ноќ во нивната канцеларија. Откако Брент ја искажува љубовта кон неа, сфаќа дека и таа го сака и официјално стануваат пар.
Итан Вејкфиелд (Тајрон Леицо) (Ethan Wakefield/ Tyrion Leitso) – Итан е наставник за четврто одделение и е најдобар пријател на Ерика уште од студентските денови. Тој е интроверт и претпочита стабилност и предвидливост, за разлика од карактерите на неговата поранешна жена Клер и на Ерика. Во втората епизода се вселува до станот на Ерика, откако се разделил со Клер (Claire) во Монтреал, бидејќи дознава дека имала афера. По 15 години „само пријатели“, љубовта на Ерика кон него се зголемува и претставува главна тема во првата сезона. Итан се разведува од Клер и започнува да излегува со Ерика; но, во последната епизода од втората сезона Ерика му раскинува затоа што се чувствува како да ја спречува во остварувањето на нејзините желби. И покрај тоа што сè уште го сака, сфаќа дека не се соодветни еден за друг за да останат заедно. Итан се враќа во четвртата сезона така што случајно се удира во Ерика за време на нејзината пауза за ручек. Открива дека само што раскинал по долга врска, но Ерика го присилува да се соочи со вистинската причина за раскинувањето. Со помош на Ерика сфаќа дека сака да ѝ се врати на девојка си и да биде повторно со неа. Ерика и Итан повторно стануваат пријатели.
Џудит Винтерс (Винеса Антоан) (Judith Winters/ Vinessa Antoine) – најдобрата пријателка на Ерика. Кејти ги запознава Ерика и Џудит, кога Џудит започнува да работи заедно со нив во „Каса Лома“ (Casa Loma). Џудит е омажена и во првата сезона раѓа син. Новите одговорности како мајка постепено ја оддалечуваат од Ерика, но, откако Ерика ќе ѝ каже дека нивниот однос се променил, тие го подобруваат. Во третата сезона, Џудит и нејзиниот маж Антони одат на советувалиште за брачни парови, а притоа се среќава со нејзиниот сакан од средно училиште, Вил Еплјард (Шон Бенсон) (Will Appleyard/ Shaun Benson), кој е посредник за книжевни дела. Нивните стари чувства распламнуваат, што за малку доведува до афера. Џудит одлучува да ги прекине сите контакти со Вил, за да си го спаси бракот.
Џенифер „Џени“ Зејлен ( Пола Бранкејша) (Jennifer „Jenny“ Zalen/ Paula Brancati) – Џени е екстровертна личност, флертувачка, недозреана и љубител на забави, но и не исполнува ветувањата, а моментално агент за недвижнини. Таа е една од најблиските пријателки на Ерика уште од основно училиште. Во втората сезона, ја напушта Канада и оди во Лос Анџелес со нејзиното ново момче. За време на една сесија во која Ерика се обидува да ја спречи Џени во малтертирање на друга ученичка Фиона Ват, Ерика дознава дека причината за нивните недоразбирања е всушност популарниот наставник по хемија, г-дин. Калахен. Џени имала афера со него, додека тој не ја оставил и започнал да се гледа со Фиона. Ерика го пријавува овој инцидент кај директорот, при што Калахен добива отказ, а на тој начин Ерика ја завршува сесијата. Во втората сезона, Џени по шест месеци се враќа од Лос Анџелес, бидејќи раскинала со дечкото, нема дом и е невработена. Сфатила дека овој потег е грешка и останала во долгови, бидејќи целосно ги надминала лимитите на кредитните картички. По нејзиното враќање, таа им станува асистентка на Ерика и Џулијен во „50/50 Прес“, додека не сакајќи му го дава ракописот на Брент. Бидејќи Ерика постојано ги врши работите за неа во повеќето случаи, Ерика одлучува да го прекине пријателството за нејзино добро. Во една од сцените Џени плаче во ходникот пред станот на Ерика, затоа што ја изгубила единствената пријателка што некогаш ја имала. Година подоцна, Џени се појавува на 35 роденден на Ерика. (Ерика ја поканила откако проживеала повторно грешка од минатото и сфатила дека никој не совршен како што изгледа). Џени си го средила животот и работи во недвижнини. Ерика и Џени повторно стануваат пријателки.
Кај Букер (Себастијан Пигот) (Kai Booker/ Sebastian Pigott) – се појавува во втората сезона, тој е шанкер и келнер во Гоблинс, кафич во кој Ерика често оди. Кај има ист вид терапија како Ерика со д-р. Том, но кај друг доктор, д-р. Фред. Ерика дознава дека иако во сегашноста тој е 22 години, неговата терапија се случува 10 години во иднината, и дека овде е поради грешка во минатото, т.е. сегашноста за Ерика(самоубиството на неговиот најдобар пријател/член на бендот, Травис). На крајот од втора сезона, ја завршува сесијата од терапијата и се враќа во иднината. Подоцна се враќа во 2010 година за да поправи друга грешка (одбивањето да свири во Гоблинс, што потоа успешно го прави). Во третата сезона Кај се враќа и ѝ кажува на Ерика дека не може да ја најде во иднината (неговата сегашност). Тој се плаши дека загинала во голема трагедија што се случила во Торонто за 10 години во иднината на Ерика. Во епизодата „Physician, Heal Thyself“, води љубов со Ерика пред да се врати во 2019 година. Кај се враќа повторно во четвртата сезона за да поправи грешка, но очигледно е дека тој уште има чувства за Ерика, иако таа е во врска со Адам. Откако Ерика раскинува со Адам, Кај се обидува да ја утеши, при што Ерика одлучува да биде со него. Кај е кум на венчавката на Дејв и Ајван и ја бара Ерика за жена, но таа смета дека врската оди премногу брзо. По сесија со д-р. Том, таа раскинува со Кај, бидејќи времето ги раздвојува, што им оневозможува нивната романса да продолжи. Кај сфаќа дека неговото каење не е да го заврши првиот албум, туку да се збогува со Ерика, неговата единствена вистинска љубов. Се враќа во иднината со д-р. Фред за да се посвети на својот животот во своето време.
Гери Стрејнџ (Џон Бојлан) (Gary Strange/ John Boylan) – татко ѝ на Ерика. Некогаш ентузијаст за хипи културата и марихуаната, а сега рабин. Понекогаш носи мајци со изреки за еврејството како „I’m With Moses“ или „I’m on Shabbat-ical“ или изреки од филмот „Ѕвездени патеки“ како „Live Long and Prosper“. Во минатото на Ерика, Гери и Барбара постојано се караат и едвај зборуваат подоцна. Тој бил оженет со Барбара Стрејнџ, но се развеле една година по смртта на Лио, најмногу поради неговата афера. Тие имале три деца: Лио, Ерика и Саманта. Во третата сезона повторно распламнува љубовта меѓу нив, бидејќи тој никогаш не престанал да ја сака и по разводот. Во епизодата „This Be The Verse“, помладата верзија на Гери ја игра Брет Рајан (Brett Ryan).
Барбара Стрејнџ (Кејтлин Ласки) (Barbara Strange/ Kathleen Laskey) – мајка ѝ на Ерика. На почетокот на серијата нејзиниот односот со Ерика е напнат, но, низ годините се подобрува. Ерика верувала дека мајка ѝ е виновна за разводот, иако всушност е неверноста на татко ѝ, факт што се чувал во тајна од Ерика. За целосно да ја разбере Барбара Стрејнџ, д-р. Том ја праќа Ерика во 1974 година во „хипи општината“, каде оделе нејзините родители пред да се венчаат. Преправена во хипи, Ерика ја сфаќа огромната жртва на мајка си за среќата на татко ѝ. Ерика ги подобрува односите со Барбара, која објаснува дека пробала да го спаси бракот заради децата. Во епизодата „The Unkindest Cut“ Барбара има ново момче, Норм (Norm), со кое раскинува во сезона 3. Таа открива дека има рак на дојката, но се лечи и прославува и има нов поглед кон животот. Во „Bear Breasts“ има секс за една ноќ со Гери, но, размислува и за повеќе од тоа. Тие повторно се заедно во епизодата „Erica Interrupted“. Во епизодата „Baby Mama“ се дознава дека Барбара имала бебе кога имала 17 години и го дала на посвојување, за што се чувствувала постојано виновна. Но, откако конечно ќе го запознае син ѝ Даниел, тој ѝ вели дека правилно постапила и дека имал убаво детство. Во епизодите „This Be the Verse“ и „Baby Mama“, младата Барбара ја глуми Лорен Колинс (Lauren Collins).
Д-р. Саманта Рејчл „Сем“ Стрејнџ (претходно Мекинтош) (Џоена Даглас) (Dr. Samantha Rachel „Sam“ Strange/ Joanna Douglas) – помладата сестра на Ерика и хирург, долгогодишна девојка на Џош (Josh) и иако брзо, поранешна жена, моментално заедно со Ленин и е мајка на Лио. На почетокот на серијата, секогаш кога е со Џош, Сем се појавува во безживотна, конзервативна облека. Но, во текот на серијата, по разводот со Џош, почнува да носи секојдневна облека. Во првата сезона Сем и Ерика се блиски, сè додека Ерика не се обиде да ја разубеди Сем да се омажи со Џош, на 5 минути пред свадбата. Поради ова Сем одбива да ѝ опрости и да зборува со неа, сè додека, по неколку епизоди, не бара утеха од Ерика по разделбата со Џош. Во втората сезона, Сем го напушта Џош, а потоа поднесуваат документи за развод. Има кратка афера со Кај Букер, а потоа во третата сезона се вљубува во Ленин Кросби (Lenin Crosby), кој е чистач во новата болницата каде што работи. Во четвртата сезона неочекувано се појавува пред вратата на Ерика и ѝ кажува дека е бремена. Потоа раѓа дете и го крстува Лио Кросби во чест на нејзиниот починат брат.
Лио Стрејнџ (Дејвон Бостик) (Leo Strange/ Devon Bostick) – постариот починат брат на Ерика, кој загинал 13 години пред да започне серијата. Неговата смрт претставува најголемата работа за која се кае Ерика. Во последната епизода од првата сезона, Ерика ја менува историјата, при што Лио не умира во шталата. Откако го поправа минатото, се враќа во целосно изменета сегашност, во која таа е успешна, а Лио е архитект. Но, Лио загинува во фатална сообраќајка, бидејќи никој не треба да си игра Бог или да се вмешува во животните патеки на другите; само во своите. За време на групната сесија во „Two Wrongs“, Ерика мисли дека затоа што цел викенд го поминала со странец, Лио го напуштил факултетот. Затоа се враќа за време на тој викенд, кога всушност било свеченото ветување на Лио со кое ќе стане член на студентското братство. Откако ја поправа грешката заедно со Адам како придружник, сфаќа дека Лио бил малтертиран од братството и го напаѓа водичот на групата. Лио повторно се појавува како халуцинација во претпоследната епизода од третата сезона, кога Ерика се буди на исто место и во исто време пред да започне со терапијата. Сестра ѝ Сем во негова чест го нарекува нејзиниот син Лио. Лио се појавува за последен пат кога Ерка ќе се најде во ходник со врати, кој претставува место на неговиот заборав; секоја врата води до различно сеќавање од неговиот живот, и тој постојано ги посетувал. Ерика се обидува да го убеди дека треба да ја отвори мистериозната врата на крајот од ходникот, во која одбива да влезе. Но, на крајот ќе го стори тоа, при што ќе влезе во јасно, бело светло.
Руби (Ден Редикан) (Ruby/ Dan Redican) – хомосексуалниот вујкото на Ерика. Има успешен бизинис со венчаници, каде Ерика ќе работи половина ден.
Даниел (Ланди Кенон) (Daniel/ Landy Cannon) – полубратот на Ерика, за кој таа не знае. Барбара останала бремена во средно училиште и откако се родил Даниел го дала на посвојување. Постојано се чувствувала виновна поради тоа, но, откако конечно ќе го запознае, Даниел ѝ вели дека правилно постапила, бидејќи имал прекрасно детство. За време на серијата не ги запознава другите членови на семејството Стрејнџ.
Лио Стрејнџ Кросби (Leo Strange-Crosby) – првиот син на Сем и Ленин, внук на Ерика и внук на Гери и Барбара. Тој е роден во домашни услови и се вика Лио во чест на неговиот покоен вујко.
Терапевтите им помагаат на своите пациенти користејќи невообичаена терапевтска програма што вклучува враќање во минатото на настани за кои се каат и притоа учат животни лекции преку обидите да ги поправат грешките. Канцелариите на терапевтите немаат физичка локација; кога треба да почне сесија, пациентот обично отвора врата и неочекувано влегува во нивната канецеларија. Исто така, тие влегуваат и излегуваат од животите на нивните пациенти, најчесто маскирани, и во сегашноста и во минатото, за да им помогнат.
Д-р. Надија (Јоен Ваникола) (Dr. Naadiah/ Joamme Vannicola) – терапевтот на д-р. Том, а на кратко и терапевт на Ерика. Во епизодата „Being Dr. Tom“, д-р. Надија ја враќа Ерика во 1998 година за да се запознае со дел од животот на д-р. Том пред терапијата. Во „Physician, Heal Thyself“, пред да стане терапевт, д-р. Том се обидува да се самоубие, но, наместо тоа, тој паѓа во канцеларијата на д-р. Надија за првпат. Таа му помогнала да стане личноста која Ерика ја знае денес. Во третата сезона, во епизодата „Gettin’ Wiggy Wit’ It“ накратко гледаме еден од нејзините пациенти. Таа е дирекна, но, смирена, иако се забележува дека е вознемирена кога ја искажува својата загриженост за однесувањето на д-р. Том на нивниот надзорник, д-р. Артур. Нејзината канцеларија е голема, бела, со едноставни и многу модерни декорации, кои Ерика ги опишува како „ладни“. Во „Sins of the Father“ гледаме дека, за разлика од Том, Надија го става личниот живот пред нејзината работа како терапевт, има друга работа, жена и ќерка и прави забави.
Д-р. Фред (Џишејн Вилијамс) (Dr. Fred/ Dewshane Williams) – терапевтот на Кај, кој се појавува само во втората сезона. Тој ги запознава Ерика и Кај, кога еден ден „случајно“ ѝ го истура кафето на Ерика, и ѝ го предложува „Гоблинс“ (Goblins). Исфрустриран од неволјата на Кај да ја заврши терапевтската сесија, и по досадувањето на д-р. Том, бара помош од Ерика. Неговата канцеларија е богата, зелена ливада обиколена со шума и има стаклен мебел. Тој повторно се појавува со четвртата сезона и ѝ ја открива можната судбина на Ерика во 2019 година – ќе умре во бомбашки напад на „Union Station“,но, откако ќе ја посети и ќе ја посоветува 43-годишната Ерика од иднината (која е жива и е доктор), сфаќа дека со ова сознание таа ќе може да го избегне нападот и преживее. Д-р. Фред го праќа Кај во иднината откако ќе се збогува за последен пат со неговата единствена љубов.
Д-р. Артур (Греам Грин) (Dr. Arthur/ Graham Greene) – лик кој се појавува како надзорник на другите терапевти. Во неколку епизоди разговара со д-р. Надија, каде зборуваат за неетичкото однесување на д-р. Том, како патување во иднината за да дознае за судбината на Ерика. Тој интервенира во „Physician, Heal Thyself“, кога д-р. Том се крие зад работата кога за првпат, по долго време ќе ја виде ќерка си. Откако ќе избувне пред Ерика, д-р. Артур му покажува дека историјата се повторува, затоа што луѓето „не успеале да научат од своите грешки“. Неговата канцеларија е голема, отворена работилница за машини, каде работи на автомобил.
Втората фаза од терапијата на Ерика со д-р. Том вклучува сесии во стил на групна терапија со уште четири пациенти на д-р. Том. Во групната терапија, за време на сесијата пациентите можат да изберат еден од групата да им се придружи во минатото за поддршка или за помош. Состаноците за групната терапија често се прикажуваат во серијата за време на оваа фаза од терапијата, но, опишани се само сесиите со патување низ времето во кои се вклучени Ерика или Адам, или како пациенти или како придружници.
Адам Фицпетрик (Адам Фергус) (Adam Fitzpatrick/ Adam Fergus) – ирскиот Канаѓанец Адам Фицпетрик се појавува во третата сезона како еден од пациентите од терапијата, кои патуваат низ времето. Брзо се развива силна хемија меѓу Ерика и Адам, понекогаш дури непријателска. Тој имал несреќно детство. Тој и брат му претрпеле физичко злоупотребување од татко им и емоционален недостаток од мајка им. Неколку години работел во организиран криминал како позајмувач на пари со висока камата, но ја напуштил таа работа и сега работи како работник во фирма за пејсажно уредување, со цел да стане архитект за пејсажно уредување. Поради неговото трауматично семејно воспитување, Адам има страв од обврски и наклоност кон секс за една вечер. Во епизодата „The Tribe Has Spoken“, Адам ја запознава Беатрис (Beatrice) (која е негова жена и мајка на неговото дете во друг временски простор) и ја повикува на состанок, со цел да ја оствари својата судбина и да се обврзе. Но, при крајот на епизодата ѝ раскинува на Беатрис и оди кај Ерика за да ги искаже чувствата за неа. Во епизодата „Erica, Interrupted“, Адам и Ерика конечно започнуваат сериозна врска. Во четвртата сезона тие постојано се караат и на крај раскинуваат во епизодата „If I Could Turn Back Time“. Ерика ја користи својата „карта“ за патување низ времето, за да го промени нејзиниот ден со Адам, без негово одобрение. Изморен од нејзините очекувања, Адам си оди од станот и ја остава во солзи. Адам се појавува со девојка на венчавката на Дејв и Ајвн и случајно се удира во Ерика. Сепак, тие повторно се заедно откако Ерика ќе му побара втора шанса за нивната врска. Со помош на Џени, Адам и Ерика купуваат стан и почнува нивниот живот заедно, прикажан на крајот на серијата.
Ребека (Мелани Скрофано) (Rebecca/ Melanie Scrofano) – Таа е глумица која не успеала и сега има свој бутик во „Кенсингтон Маркет“ (Kensington Market).
Дерил (Џеф Гедис) (Darryl/ Jeff Geddis) – Дерил е тивок човек, кој се кае што никогаш не им се спротивставува на луѓето и не ги искористува шансите. Тој е прикажан како љубител на науката. Едно негово каење е прикажано во серијата; се враќа назад со Адам и им се спротивставува на група насилници, кои му го украле вокменот.
Камила (Ким Робертс) (Camilla/ Kim Roberts) – Камила е поранешна алкохоличарка и самохрана мајка, која исчувала две деца и започнала со терапија кога за малку ќе го ударила автобусот, кој го возела, во бандера, при што избегнала да ги убие патниците. Поради едно каење се враќа во минатото со Ерика и се соочува со една соработничка, која украла многу пари, при што нивниот работодавец банкротирал. Од петте пациенти на д-р. Том, само Камила и Ерика го поминуваат завршниот тест и започнуваат со обуката за доктор. Како што дознаваме од д-р. Том, Камила веќе дипломирала и официјално станала докторка.
Брент Кенеди (Морган Кели) (Brent Kennedy/ Morgan Kelly)– поранешен асистент на Џулијен и сегашно момче, поранешен уредник во издавачката куќа „Ривер Рок“ и моментално уредник во „50/50 Прес“. Секогаш добро облечен и добро среден – во суштина „метросексуалец“ – пред да се вработи во „Ривер Рок“ работел како модел за долна облека, при што многу луѓе (погрешно) претпоставуваат дека е хомосексуалец. Тој е пријателски наклонет кон Ерика, бидејќи и тој бил на нејзино место. Иако кога има конфликт меѓу Џулијен и Ерика, застанува на страната на Џулијен, секогаш ѝ помага на Ерика да ја импресионира Џулијен. Во втора сезона, Брент станува нерпијателски настроен кон Џулијен откако најдобрата книга ѝ ја дава на Ерика да ја уредува, наместо нему. За да ја отпуштат Џулијен, тој работи зад грб и ја открива нејзината тајна афера со познатиот авторот Томас Фридкен, при што ѝ ја одзема книгата. Кога Ерика ќе покаже лојалност кон Џулијен, Брент решава да ги сотри и двете, така што се обидува нивната работа да ја покаже во црно светло, со цел да добие унапредување. До крајот на сезона 2, Брент Кенеди го покажува своето вистинско светло, кога ќе ѝ го одземе „престолот“ на Џулијен во „Ривер Рок“ и Џулијен и Ерика ќе ги отпуштат. Третата сезона ја прикажува темната, погруба страна на Брент. Како нов уредник-директор на „Ривер Рок“, и неговото скорашното предавство на Ерика и Џулијен, Брент прави сè што е можно за да не успее „50/50 Прес“, а на тој начин да се искачи на врвот во издавањето книги. Но, во третата сезона, почнува да пропаѓа од лошите тактики на Фридкен, кој одбива Брент да соработува на уредувањето на неговата книга за самопомош. Брент очајно бара помош од Џулијен и Ерика – им дава да уредат мемоар, кој содржи интимни и скандалозни информации, под услов тие тајно да ја уредат книгата на Фридкен. При крајот на серијата, Брент се обидува да ја каже вистинската причина за уништувањето на кариерата на Џулијен, велејќи дека бил вљулбен во неа уште од самиот почеток и бил љубоморен на нејзиониот однос со Фридкен. По смртта на неговиот работодавец Френк Гелвин од срцев удар, синот на Гелвин, Скот ја презема и ја менува фирмата, при што Брент станува црна овца во фирмата. По долго размислување, Брент ја напушта „Ривер Рок“ и им се придружува на Џулијен и Ерика како нивен уредник. Конечно ја искажува љубовта кон Џулијен, таа ја возвраќа и официјално стануваат пар.
Сара Векслар (Татиана Маслани) (Sarah Wexlar/ Tatiana Maslany) – ќерка на д-р. Том, која е зависник од хероин, а сега е првата официјална пациентка на д-р. Ерика. Заедно со татко ѝ, Сара потекнува од висока, елитна фамилија, која ја присилува да ги следи нивните стапки, а не својот сонот. Низ серијата, таа служи како катализатор за д-р. Том кога бега од дома во 1996 година по кавга во паркот. Нејзините родители сакаат да се занимава со трговија, но, таа посакува да стане сликар. Нивниот однос станува понестабилен откако Сара почнува да користи хероин и го остава сонот да стане уметник. Откако станал терапевт, татко ѝ постојано ја барал, со надеж дека ќе ја наде жива. По долго отсуство таа се враќа во третата сезона и бара помош од родителите, но, потоа ги ограбува. Поради тоа завршува во затвор. На почетокот се појавува без лице во визиите на д-р. Ерика. Сара уште еднаш го допира дното, откако се предозирува со хероин и завршува во болница. Д-р. Ерика за првпат ја запознава Сара како нејзин терапевт и ѝ дава бизнис-картичка, притоа сеќавајќи се на нејзиното прво среќавање со д-р. Том, таткото на Сара.
Во серијата, терапевтот обично се појавува кога пациентот ќе го допре дното, особено кога е на праг да се соочи со смртта. Д-р. Том се појавува во собата на Ерика во болницата, откако имала анафилактичен шок конзумирајќи пијалак со вкус на лешник. Додека пак подоцна во серијата се открива дека д-р. Надија се вмешала во животот на Том за време на обид за самоубиство. А во последната епизода од серијата Ерика се запознава со Сара, веднаш по нејзиното предозирањето со дрога. Обично, не се закажуваат термини со терапевтот, ниту пак тој има вообичаена канцеларија на фиксна локација. Всушност, кога сесија од терапијата треба да почне, пациентот може да влезе во која било врата и да се најде во канцеларијата на терапевтот. Понекогаш пациентот може на овој начин намерно да го повика докторот, но, најчесто изненадно влегуваат во неговата канцеларија, наместо во собата во која мислат дека влегуваат. Во некои „итни“ случаи, пациентот се транспортира во канцеларијата едноставно преку седнување на стол, лежење на кревет, или онесвестување.
На првиот состанок, пациентот прави список со работи за кои се кае во животот. А во понатамошните сесии, пациентот се враќа во минатото за да ги доживее повторно и да ги промени настаните од список, настани кои најчесто се поврзани со моментален проблем во нивниот живот. Ситуациите ретко се едноставни како што изгледаат, но, во повеќето случаи, настанот за кој пациентот се надевал дека ќе се промени ако се однесува поинаку, повторно со случува, а пациентот мора да бара понатамошни информации за да го дознае вистинското значење на настанот – а најчесто е клучот за проблемот во сегашниот живот. Притоа сесијата не го менува минатото на личноста, туку ја учи како да си ја промени иднината преку поинакво однесување во сегашноста.
Терапевтот барем еднаш се појавува за време на сесијата, за да им даде совет или поука за тоа што се очекува од пациентот да научи. Терапевтот, исто така, може пациентот да го врати во сегашноста за време на сесијата, ако направат нешто неправилно, како откривање на иднината на друго лице или ако дознаат информации за кои не знаат, како откривање дека некоја личност во сегашноста не си го открива вистинскиот идентитет.
Сесијата вијае на свесноста на временски соодветната верзија на личноста. Постојана сцена во серијата е кога Ерика се транспортира во сесија, најчесто се случува во чудни, несоодветно моменти, кога неочекуваната промена во нејзината свест има потенцијал, а понекогаш и предизвикува несмасна незгода. Слично на ова, кога Кај е пристутен во својот „сегашен“ идентитет како млад музичар наместо во неговиот „иден“ идентитет како рок-ѕвезда за време на сесијата, тој речиси малку е свесен за Ерика како купувач, за која не знае речиси ништо, дури ни нејзиното име – дури и кога Кај од „иднината“ пред само неколку минути имал долг и интимен разговор со неа.
Преку сесиите со патување низ времето може да се промени минатото и на позначаен начин, но, како резултат на ова пациентот се враќа во неурамнотежена и непозната сегашност, која потоа се поправа на непознати начини. На пример, во една епизода, Адам ја користи сесијата за да избегне соочување со она што го навело на живот со криминал, и започнува да се занимава со пејсажно уредување многу порано од оригиналниот временски простор. Но, потоа се враќа во нова сегашност во која води сопствен бизнис за пејсажно уредување, и покрај неговото недоволно обучување во архитектура за пејсажно уредување, оженет е и има две деца со жена, која никогаш ја нема запознаено во животот. На крајот, тој е присилен да се врати во минатото и да се справи со оригиналното соочување.
На моменти, терапијата користи помалку конвенционални форми. Во една епизода, Ерика ја праќа во повторлива временска рамка на истиот денот во кој има сесија, притоа е присилена да го повторува истото утро што пред малце го имала, сè додека не сфати како правилно да се справи со ситуацијата, која ја вознемирила. Во друга епизода, наместо да ја прати во минатото, за да прави различни одлуки, Ерика ја посетува паралелната сегашност која е резултат на одредена одлука. Во друга пак епизода, нејзината „терапија“ е совет да го живее денот нормално, но, да се однесува поразлично од нејзините вообичаени инстинкти, а единственото патување низ времето во целата епизода е пет секундно враќање за да го доживее повторно првиот момент кога не успеала во тоа. Додека пак во друга епизода, Ерика и Адам се наоѓаат на остров и треба да дознаат како да отидат на другата страна од него.
Во една епизода, Ерика се соочува со ситуација, во која не му е дозволено на д-р. Том да ја прати во минатото и да ја промени. Тој се вмешува во ситуацијата, и без знаење на Ерика, самиот се враќа во минатото за да спречи да се случи – злоупотребување на неговата моќ, што на крај треба да го поништи.
Пациентите можат да се најдат и во настани што не се дел од нивните животи; во неколку моменти во серијата, Ерика е сведок на настани од животот на други луѓе, со цел да ги сфати нивните ликови, вклучувајќи ги нејзините родители, д-р. Том, Кај и Џулијен. (Во случајот со Кај, настанот се одвива неколку години во иднината на Ерика).
Во втората фаза од терапијата, пациентот има групни сесии, и е повикан секогаш кога некој од групата има потреба за сесија. За време на групната сесија, пациентот што има потреба за сесија, може да избере еден од групата да патува со него низ времето за поддршка или совет; но, во една епизода Ерика се појавува во текот на сесијата на друг пациент, бидејќи е потребна итна неочекувана помош.
По одреден период од групната терапија, пациентот се соочува со критичен, ненајавен тест, со кој се одлучува дали е прикладен за унапредување во последната фаза: одеднаш се наоѓаат во кризниот момент кога за првпат се појавил терапевтот во нивниот живот, и се присилени да се соочат со фактот дека терапијата и промените кои ги придонела, никогаш не се случиле. На пример, Ерика не потрошила три години од животот во создавање бизнис и не е во врска со Адам и не постои терапијата со патување низ времето, туку две недели била во кома – таа го поминува тестот, бидејќи сфаќа дека дури и сè што доживела да претставува само сон или халуцинација, сепак ја променило, така што сето тоа што го научила може да го примени во новата реалност.
Ако го положи тестот, пациентот започнува со обука за самиот да биде терапевт, и му се назначени неколку негови „пациенти“, кои всушност се луѓе кои веќе ги знае, да им помогне во специфични и моментални проблеми. Сепак, за време на обуката, не може да ги прати своите пациенти во минатото, туку продолжува самиот да патува, посетувајќи ситуации кои можат да бидат клучни за решавање на проблемот на неговиот пациентот во сегашноста. Конечно, откако обуката ќе заврши и пациентот ќе стане доктор, веднаш го добиваат вистинскиот пациент, кој ќе може да патува низ времето.
Функционирањето на патувањето низ времето никогаш не е целосно објаснето; но, подоцна се открива дека постојат безброј различни реалности, секоја создадена од различното однесување за одлуката или ситуацијата со која лицето се соочува – при што предлага дека наместо строго патување во нивното минато и промена на нивната постоечка сегашност, пациентот можеби ги согледува последиците што се случуваат во одредена паралелна реалност каде нивните „променети“ акции се всушност нивни оригинални одлуки.