„Добриот војник Швејк“ (чешки DOBRÝ VOJÁK ŠVEJK) е чехословачки филм од 1956 година, во режија на Карел Стекли, кој е автор и на сценариото, засновано врз сатиричниот роман на Јарослав Хашек од 1923 година, „Доживувањата на добриот војник Швејк во светската војна“. Главните улоги ги играат: Рудолф Хрушински, Франтишек Филиповски, Сватоплук Бенеш, Божена Хавличкова и Ева Свободова. Во 1957 година, на филмскиот фестивал во Карлови Вари, режисерот Стекли бил номиниран за наградата „Кристален глобус“.[1]
Госпоѓата Милерова (ја игра Свободова) го известува потстанарот Швејк (го игра Хрушински) дека е убиен престолонаследникот Франц Фердинанд. Швејк оди во пивницата, каде полицискиот агент го намавува да зборува за политиката, со намера него и сопственикот на пивницата да ги уапси поради велепредавство. Потоа, Швејк го испитуваат полицајците и психијатрите, по што го ослободуваат сметајќи го за глупав. Сепак, наспроти болките во нозете, Швејк се пријавува во војската...[2]