Доганџиево Πρόχωμα | |
---|---|
Местоположба во областа | |
Координати: 40°47.54′N 22°40.0′E / 40.79233°N 22.6667°E | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Солунски |
Општина | Илиџиево |
Општ. единица | Куфалово |
Надм. вис. | 90 м |
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 1.214 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Пошт. бр. | 570 11 |
Повик. бр. | 231 0711 |
Доганџиево или Доганџи (грчки: Πρόχωμα, Прохома; до 1926 г. Δογαντζή, Доганѕи[2]) — село во Солунско, Егејска Македонија, денес во општината Илиџиево на Солунскиот округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 1.214 жители (2011).
Селото е сместено во областа Вардарија на Солунското Поле на левиот брег на реката Вардар, 8 км источно од Куфалово и на 36 северозападно од Солун по стариот државен пат за Скопје.[3][4]
На крајот на XIX век Доганџиево било мешано, но претежно турско село во Солунската каза. Според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во Доганџиево живееле 28 Македонци христијани,[5] 200 Турци и 84 Роми.[6]
Македонското население на селото потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија. По податоци на егархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Дуганџиево (Dougandjievo) имало 88 Македонци под егзархијата, што значи дека нивниот број значително се зголемил во текот на последните пет години.[7]
Според општинската страница на Илиџиево во селото пред 1912 г. живееле 200 Турци муслимани и 50 Македонци христијани.[4]
По Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција, согласно Букурешкиот договор. Веројатно доста настрадало во војните, бидејќи пописот од таа година бележи само 9 жители.[3] Малку подоцна тука се сместени грчки доселенички семејства, така што во 1920 г. селото веќе имало 265 жители, а преостанатите мештани биле иселени.[3] Од 1922 г. властите почнале да доселуваат уште грчки колонисти, така што во 1928 г. Доганџиево било наполно дојденско село кое броело 592 жители (165 семејства).[8] Дојденците биле претежно од Понд, и тоа од Везинќој, Санда (денес Думанли), Котиора (денес Орду), Моламстафа и Ептакоми, но имало и преселници од Пашќој во Кавказ и 40 семејства од Суботан во Карс.[4]
Во 1940 г. во Доганџиево се попишани 952 жители, кои во 1951 г. се смалиле на 938, а во 1961 г. се накачиле на 1.013. Во 1971 г. бројноста доживеала значаен пад на 733 жители, но се повратила на 980 на пописот во 1981 г. Во 1991 г. се 1.002 жители. Во текот на следното десетлетие населението уште повеќе пораснало, па во 2001 г. селото имало 1.294, а во 2011 г. — 1.214 лица.
Во 1926 г. селото е преименувано во Прохома, што значи „насип“. Главна селска црква е „Воздвижение на Чесниот Крст“.[4]
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 952 | 938 | 1.013 | 733 | 980 | 1.002 | 1.294 | 1.214 |
Селото важи за прилично богато бидејќи има мошне плодно земјиште кое целосно се наводнува. Се произведува многу жито, памук, овошје и др.[3]
|