Драган Ќириќ (роден на 15 септември 1974 година) е поранешен српски професионален фудбалер кој играл како офанзивен играч за врска за клубовите на Партизан, Барселона, АЕК од Атина и Реал Ваљадолид. На меѓународен план играл за репрезентацијата на Југославија на вкупно 4 натпревари.[1]
Откако започнал во локалниот клуб на Срем од Јаково,[2] роден во Белград, својот професионален развој го имал во клубот на Партизан. Во овој клуб настапувал со играчи од типот на Саво Милошевиќ и Алберт Наѓ. Овие тројца играчи биле промовирани во сениорскиот тим на Партизан во 1992-93, кога ја освоиле лигата во таа и во следните сезони под раководство на тренерот Љубиша Тумбаковиќ. Ќириќ освоил уште две национални првенства со клубот на Партизан за време на неговиот прв период во белградскиот тим. Бил капитен на тимот во сезоната 1996-97.
Во јули 1997 година, Ќириќ потпишал четиригодишен договор со екипата на Барселона. Во текот на неговата кариера за клубот, тој одиграл 35 натпревари во сите натпреварувања во својата дебитантска сезона. Покрај учеството во кампањата на Барселона во Лигата на шампионите 1997-1998 година тој придонел во освојувањето на тројната круна на тимот во Ла Лига, во Купот на Кралот и во Суперкупот на УЕФА. Тренерот Луис ван Гал првенствено го поставил Ќириќ да игра на десната страна од теренот, иако тоа не била неговата природна позиција.[1] Откако го загубил своето место во составот на тимот,[3] тој бил позајмен на грчката екипа на АЕК од Атина. Со клубот на АЕК Ќириќ го освоил Купот на Грција во фудбал. По враќањето на Камп Ноу, тој набргу и тоа во месец јули 2000 година бил продаден на шпанскиот клуб Реал Ваљадолид.[4] [5]
Во јуни 2004 година, Ќириќ се вратил во екипата на Партизан, потпишувајќи тригодишен договор. Под водство на тренерот Владимир Вермезовиќ, тој му помогнал на клубот да ја освои националната лига и тоа со ниту еден загубен натпревар.[6] Тој играл во историската сезона на Партизан во Купот на УЕФА 2004-05. Таа година Партизан бил елиминиран во 16 финалето од екипата на ЦСКА Москва. По таа сезона, набрзо се пензионирал на 31-годишна возраст.
Ќириќ имал вкупно 4 натпревари за репрезентацијата на Југославија. Својот прв натпревар го одиграл на 12 ноември 1995 година на пријателскиот натпревар и тоа со победа од 4:1 против Ел Салвадор, влегувајќи како замена за Дејан Петковиќ.
Во декември 2014 година, Ќириќ бил именуван за директор за фудбал во екипата на Партизан.[7] Тој ја напуштил функцијата неполни два месеци подоцна, наведувајќи го незадоволството од состојбата во српскиот фудбал како главна причина за неговата одлука.[8]
Репрезентација | Година | Натпревари | Голови |
---|---|---|---|
Југославија | 1995 година | 2 | 0 |
1996 година | 0 | 0 | |
1997 година | 2 | 0 | |
Вкупно | 4 | 0 |