Елевтернски мост | |
---|---|
Поглед од југ | |
Координати | 35°20′17″N 24°40′15″E / 35.33806° СГШ; 24.67083° ИГД |
Носи | Пешачка патека до Елевтерна |
Преминува | Слив на потоците Фарангитис и Халопота |
Место | Принес, Крит, Грција |
Особености | |
Вид | Конзолно лаковен мост |
Материјал | Варовник |
Вкуп. должина | 9.35 м |
Ширина | 5.05−5.2 м |
Висина | 4−4.2 м |
Најдолг распон | 3.95 м |
Распони | 1 |
Историја | |
Завршен | Хеленистички период |
Местоположба | |
Елевтернскиот мост ― старогрчки конзолно лаковен мост во близина на критскиот град Елевтерна, Грција. [1] Сличен втор мост што се наоѓа на кратко растојание јужно од него се урнал кон крајот на 19 век, при што останале само многу малку траги.[2]
Добро сочуваната структура има единечен распон од 3,95 м, што е прилично големо за лажен лак. Отворот е пресечен од немалтерираните варовнички блокови во облик на рамнокрак триаголник чија висина е 1,84 м. Вкупната должина на мостот е 9,35 м. Неговата ширина варира од 5,1 до 5,2 м, при што структурата благо се приближува кон нејзината средишна точка над лакот (5.05 м ширина таму). Висината е помеѓу 4 и 4,2 м.[3]
Мостот, кој сè уште е во употреба, прв го опишал Англичанецот Томас Абел Спрат во неговите „Патувања и истражувања во Крит“, откако ја посетил наоѓалиштето во 1853 година.[4] Во тоа време, уште еден антички мост со триаголен лак сè уште стоел на неколку стотини метри, но, судејќи според подоцнежниот извештај, бил уништен некое непознато време пред 1893 година.[5]
Иако постои општа согласност дека двата моста во Елевтерна датираат од предримскиот период, попрецизното датирање е попречено од недостатокот на соодветни наоди.[6] Според Накасис, постоечкиот северен мост бил изграден некаде за време на хеленистичкиот период,[7] додека италијанскиот изучител Галијацо ја датира изградбата поточно на крајот на 4 или почетокот на 3 век п.н.е.[8] За помалиот, сега срушен јужен мост, Накасис претпазливо го поддржува датумот на доцното класично време.[9]