Канино | |
![]() Воздушен поглед на селото Канино | |
Координати 40°57′59″N 21°21′0″E / 40.96639°N 21.35000°E | |
Регион | ![]() |
Општина | ![]() |
Област | Пелагонија |
Население | 104 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7223 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02060 |
Надм. вис. | 640 м |
Слава | Мала Богородица |
![]() |
Канино — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Според легенда, името на селото потекнува од името на убавата Калина, што подоцна станало Канино. Други, пак, велат дека Канино го добило своето име по првите жители (дедо Коте), кој бил многу дружељубив човек и постојано канел гости, па така селото го добило името Канино.[2]
Селото се наоѓа во Пелагонија, во југозападниот дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, под источната страна на планината Баба. Селото исто така се наоѓа недалеку од потпланинскиот локален пат Битола-Бистрица-гранична линија со Грција.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 640 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 12 километри во јужна насока.[3]
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2333.
Селото е потпланинско, сместено во источното подножје на Баба Планина, помеѓу Велушина на југ и Барешани на север. Над Канино се наоѓа изворот Ѓуроа Ливада, од каде во 1951 година е спроведена вода за три чешми во селото. Претходно, мештаните користеле вода од други послаби извори. Низ самото село тече поток наречен Канинска Река.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Илов Врв, Гура, Рамниште, Присој, Гол Скапец, Лисичини Стени, Папрашица, Змијарник, Тумба, Дабица, Мечкарец, Дудулица, Киселички Дол, Кули и Попеј Врби.[4]
Селото има збиен тип, поделено на Долно и Горно Маало. На сретсело се наоѓа поголем празен простор. Маалата во селото се Шешкоско, Горно, Отадно и Долно.[4]
Во нивите на месноста Мечкарец биле ископувани ќерамиди и камен од ѕидови залепен со вар, но никој од мештаните не знае што се наоѓало таму. Месноста Кули се наоѓа јужно од селото. И таму има остатоци од стари згради.[4]
Канино се вбројува во постарите села во Битолско, што може да се потврди со родови за кои не се знае од каде се доселени. Такви родови се Јанкуловци, Иљови, Стојчеви, Пелтевци, Нешкови и други.[4]
Вкупно 6 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]
Атарот на селото не е голем и зафаќа простор од 5,3 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 259 хектари, на пасиштата отпаѓаат 161 хектар, а на шумите 96 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]
Во минатото, Канино било чифлигарско село и во него имало пет чифлици, кои припаѓале на Амет-ефенди, Ајрула, Бајрам, Адем и Етика. Адем бил Арбанас од Острец, кој живеел во Канино, но подоцна се преселил во Породин и во Турција на крај. Останатите сопственици живееле во Битола. До 1912 година, целото население работело како чифчии.[4]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Канино живееле 250 жители, од кои 190 Албанци и 60 Македонци.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Канино се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 28 куќи.[7]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Канино имало 192 Македонци, патријаршисти.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[9]
Канино е мало село, коешто во 1961 година броело 213 жители, а во 1994 година 127 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 селото брои 111 жители, од кои 107 Македонци, 2 Срби и 2 останати.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 104 жители, од кои 89 Македонци и 15 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 250 | 192 | 248 | 256 | 249 | 276 | 268 | 184 | 127 | 111 | 104 |
Канино е македонско православно село, родовите во селото се староседелски и доселенички.[4]
Според истражувањата од 1951 година, родови во селото:
До 1951 година од селото се иселиле 10 семејства во Битола и Северна Америка. Иселениците во Битола биле од родовите Јанкуловци и Толевци. Во Битола има уште иселеници од Размовци, Божиновци и Иљови. Иселениците во Северна Америка потекнувале од родот Трајчевци и други.[4]
Над 200 лица се иселиле во градовите Битола и Скопје, прекуокеанските земји и Европа.[2]
На крајот од XIX век, Канино било чисто македонско село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Бистрица.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Велушина, во која покрај селото Канино се наоѓале селата Барешани, Велушина, Граешница, Драгош, Жабени, Кишава, Лажец, Олевени, Острец и Породин. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Породин, во која влегувале селата Барешани, Жабени, Канино, Лажец и Породин.
Во селото постои избирачкото место бр. 0155 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на дом на културата.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 88 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 90 гласачи.[18]
|accessdate=
(help)