Канука | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Растенија |
Нерангирано: | Скриеносеменици |
Нерангирано: | Евдикоти |
Нерангирано: | Розиди |
Ред: | Миртовидни |
Семејство: | Мирти |
Род: | Кунцеја |
Вид: | Канука |
Научен назив | |
Kunzea ericoides (A.Rich.) Joy Thomps. |
Канука (латински: Kunzea ericoides, маорски: kānuka, бело чајно дрво или бурган)[1] — дрво или грмушка која расте само во Австралија и Нов Зеланд. Сѐ до 1983 г., кануката се сметала за припадник на родот тенкосеменик (Leptospermum) поради сличностите.
Кануката се среќава во Австралија и Нов Зеланд. Во рамките на Австралија, таа вирее во Јужна Австралија, Викторија, Нов Јужен Велс и Квинсленд.
Најраспространета е во крајбрежните шикари и како колонизатор на претходно опожарен терен, или пак поранешно земјоделско земјиште кое се враќа во природна состојба. Забележани се примероци и на 2000 метри надморска височина. Со нејзините мали, но многубројни цветови, ова растение може да обои цел рид во бело, и со тоа да даде ефект на снежна падина. Дрвото е многу тврдо и, иако не е издржливо во земја, се користи за пристанишни колци и рачки за алат. Кануката е особено популарен огревно дрво и гори мошне интензивно, ослободувајќи големо количество на топлина. Во Нов Зеланд, кануката расте до 30 метри во височина, со пречник на стеблото до 1 метар.
Папагалите од видот какарики (Cyanoramphus) ги користат листовите и кората на Кануката и на сродното дрво Манука, за да се ослободат од паразити. Освен што го голтаат материјалот, тие истиот го џвакаат, го мешаат со маслото од уропигијалната жлезда и така го нанесуваат на крилјата [2]. Мануката и кануката изгледаат слично и честопати луѓето ги мешаат - тие најлесно се распознаваат со опипување на листовите - Кануката има меки листови, додека Мануката има боцкави.[3]
„Канука“ на Ризницата ? |