Коритен Ξηροχώρι | |
---|---|
Координати: 40°48.0′N 22°47.7′E / 40.8000°N 22.7950°E | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Солунски |
Општина | Илиџиево |
Општ. единица | Каваклиево |
Надм. вис. | 190 м |
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 567 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Коритен или Ѓордино (грчки: Ξηροχώρι, Ксирохори; до 1926 г. Γιόρδινο, Ѓордино[2]) — село во Солунско, Егејска Македонија, денес во општината Илиџиево на Солунскиот округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 567 жители (2011).[3] Сè до крајот на Балканските војни селото било населено исклучиво со Македонци.[4]
Селото е сместено во областа Вардарија во Солунското Поле, 25 км северозападно од Солун и 5 км југозападно од Горчливото Езеро.[4]
На крајот на XIX век Коритен било чисто македонско село во Солунската каза. Меѓу 1896 и 1900 г. селото потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија[5]. Во 1900 г. според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во Коритен (Ѓорџе) (Коритенъ (Гьордже)) живееле 370 Македонци христијани.[6][7] По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Коритен (Koritin) имало 568 жители Македонци под егзархијата[6] и во селото работело бугарско училиште.[8] Во истата 1905 г. според училишниот инспектор на Солунската епархија Ефтим Спространов, учител во коритенското училиште бил Стојан Димитров од Градобор.[9]
Во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Селото значително настрадало во Втората балканска војна и многу од жителите побегнале преку границата, со што таа 1913 г. населението се намалило на 379 жители.[4] Во 1914 г. дел од населението бил приморан да се исели во Бугарија, а на нивно место се населени доселени Грци и 4 ромски муслимански семејства.[4] Во 1920 г. во Коритен е попишан 141 жител. По 1922 г. тука се доселени ште 59 грчки семејства, од кои 50 од Мала Азија, 5 од Источна Тракија и 4 од Кавказ.[4] Така, во 1928 г. Коритен е претставен како мешано македонско-дојденско село со 479 жители, од кои 243 лица (63 семејства) биле дојденци.[10]
Во 1926 г. селото е преименувано во Ксирохори (со значење „суво село“).[11]
Во 1940 г. се заведени 570 жители, а во 1951 г. се зголемило на 716 лица. Во текот на следното десетлетие населението бележи голем пад поради постепеното префрлање на жителите во новоизградената населба Нов Коритен (Ново Ѓордино) оддалечена еден километар од селото.[12] Така, во 1961 г. Коритен спаднал на само 169 жители, додека Нов Коритен имал 504.[12] Во 1971 г. во Стар Коритен се попишани 143 лица, а новиот имал 439. Во следните години, Стар Коритен престанал да постои и не се води на пописот во 1981 г., во кој Нов Коритен е заведен со 620 жители кои во 1991 г. значајно се зголемиле на 827 лица.[12] Денешниот Коритен (Нов Коритен) во 2001 г. доживеал пад на населението на 647 жители, за да се смали на 567 лица на пописот во 2011 г.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 570 | 716 | 169 (504) | 143 (439) | — (620) | — (827) | 647 | 567 |
Напомена: Напоредните бројки се дадени за годините на постоење на Стар и Нов Коритен. Пред нив бројките се однесуваат само на Стар Коритен, а по нив само на Нов Коритен.
|