По церемонијата, јапонските вооружени сили продолжиле да се предаваат долж Тихоокеанското боиште, а последното големо предавање било на 25 октомври 1945 година, откако јапонските сили во Тајван му се предале на Чанг Кај Шек. Американците по завршувањето на војната ја окупирале Јапонија сѐ до 28 април 1952 година, кога стапил на сила Договорот од Сан Франциско.
На Конференцијата во Техеран, одржана од 28 ноември до 1 декември 1943 година, Советскиот Сојуз се согласил да ја нападне Јапонија „по поразот на Германија“, а на Конференцијата во Јалта (4 февруари - 11 февруари 1945) Советскиот Сојуз допрецизирал дека ќе ја нападне Јапонија во рок од 2 или 3 месеци по капитулацијата на Германија.[1][2] На 5 април 1945 година, Советскиот Сојуз го поништил Советско-јапонскиот пакт за неутралност потпишан на 13 април 1941 година, затоа што сега Советскиот Сојуз се спремал за војна со Јапонија.[3]
Најголемите јапонски сојузници во Европа почнале да се предаваат во 1945 година; последните италијански трупи се предале во „Реденцијата од Казерта“ на 29 април 1945 година,[4] а Германците се предале на 8 мај 1945 година,[5] со што Јапонија останала последна моќна држава од Оската која сѐ уште била во војна.
Конференцијата во Потсдам започнала на 17 јули 1945 г., и сојузниците претежно се занимавале со настаните кои требало да се случат во Европа по предавањето на Оската, но разговарале и за војната против Јапонија.[6] На 26 јули 1945 година била објавена Потсдамската декларација со која Јапонија се повикува на безусловно предавање, а во спротивно би се соочила со „брзо и целосно уништување“.
На 6 август 1945 година, врз Хирошима била фрленајадрена бомба. Тогаш за прв пат било употребено атомско оружје во војна. 70.000 луѓе веднаш биле убиени; до крајот на годината умреле уште 30.000.
На 9 август 1945 година, втора и помоќна атомска бомба со била фрлена врз Нагасаки. Првична цел бил градот Кокура, но густи облаци го покриле градот, па авионот бил пренасочен кон секундарната цел, Нагасаки. Бомбата веднаш убила 40.000 луѓе, а до крајот на годината умреле уште 30.000.[7]
Атомските бомбардирања биле една од можните причини зошто царот Хирохито решил да се предаде.[7]
На 9 август, по атомската бомба во Нагасаки, Хирохито на состанок со неговиот кабинет рекол дека не верува дека Јапонија може да продолжи да се бори. Следниот ден, јапонското Министерство за надворешни работи им пренело на сојузниците дека ќе ја прифатат Потсдамската декларација. Вечерта на 14 август, Хирохито направил аудио снимка во која изјавува дека ја прифаќа Потсдамската декларација. Снимката била емитувана следниот ден на пладне.[10]