Лука Аџиќ (српски: Лука Аџић; роден на 17 септември 1998 година) е професионален српски фудбалер кој игра на позицијата играч од средниот ред. Моментално настапува за холандскиот клуб ПЕЦ Цволе.
Лука Аџиќ е роден во Белград.[1] Тој започнал да тренира во клубот на Црвена ѕвезда од Белград уште на 6-годишна возраст.[2] За првиот тим на Црвена ѕвезда Белград започнал да настапува во сезоната 2015–16, откако ги минал сите младински категории од истиот клуб. На почетокот на 2016 година, за време на зимската пауза Лука бил оддалечен од клубот, поради повредата на предните вкрстени лигаменти.[3] Поради оваа повреда тој бил надвор од фудбалските терени сè до месец мај истата година.[4] Лука го потпишал својот прв професионален договор со клубот на Црвена звезда на 3 март 2016 година и тоа во времетраење од 3 години.[5]
Аџиќ во следната сезона се вратил назад на терените по тешката повреда, но овој пат како дел од младинската екипа и тоа сѐ до крајот на првата полусезона, по што повторно му се приклучил на првиот сениорски тим на клубот.[6] Во меѓувреме, тој својот прв официјален настап за сениорскиот тим на Црвена ѕвезда Белград го имал на куп- натпреварот против екипата на БСК Борча, одигран на 26 октомври 2016 година на стадионот Рајко Митиќ.[7] Аџиќ своето прво деби во Српската Суперлига го имал на гостински натпревар против екипата на Металац Горњи Милановац кога влегол во игра на местото на Срѓан Плавшиќ во 83 минута од натпреварот. На истиот натпревар Лука го постигнал својот прв гол во сениорска конкуренција за победа на неговиот тим од 2-1. Ова се случило во последните минути од играта.[8] Аџиќ го постигнал својот втор гол за тимот во 23-от натпревар од сезоната 2016–17 во Српската Суперлига, и тоа против екипата на ОФК Бачка. И на овој натпревар тој влегол во игра како замена.[9] Аџиќ својот прв сениорски натпревар како стратер во екипата го имал во последното коло од српската прва лига и тоа против тимот на Раднички од Ниш.[10]
Во текот на претсезоната во летото 2017 година, Аџиќ бил еден од најдобрите 10 младински играчи на клубот.[11] Во квалификациите за УЕФА Лига Европа 2017-18, Аџиќ го носел дресот со број 11. На 29 јуни 2017 година, Лука го одиграл својот прв натпревар за тимот на европска сцена и тоа како замена за Рикардо Кавалканте Мендеш за време на натпреварот против малтешката екипа на Флоријана.[12] Тој за прв пат настапил на таканареченото вечно дерби против тимот на Партизан од Белград, заменувајќи го Славољуб Срниќ во 90 минута од натпреварот. Овој натпревар се одиграл на 27 август 2017 година.[13] Аџиќ во својата прва сезона успеал да постигне гол од директен слободен удар на натпреварот од Купот на Србија против тимот на Динамо од Врање и тоа на 11 октомври 2017 година.[14] Подоцна, за време на истиот натпревар, тој го постигнал својот прв хет-трик во професионалната кариера, со еден постигнат гол и две асистенции, асистирајќи му на соиграчот Александар Пешиќ.[15] Во воведниот натпревар од втората полусезона во Српската Суперлига 2017–18, одигран на 17 февруари 2018 година, Аџиќ го постигнал својот втор гол и тоа против тимот на Јавор Ивањица.[16] Неколку дена подоцна, на 21 февруари, Лука имал настап на евролигашки натпревар против тимот на ЦСКА Москва во УЕФА Европа Лигата.[17] На 18 март 2018 година, Аџиќ постигнал гол од директен слободен удар на натпреварот од 28то коло од Суперлигата на Србија против екипата на Мачва од Шабац.[18] Заменувајќи го Славољуб Срниќ во второто полувреме од натпреварот против Чукарички, одигран на 25 април 2018 година, Аџиќ постигнал гол, но и асистирал на Ел Фарду Бен Набухане за победа на својот тим од 3–0.[19] Во мај 2018 година, тој се здобил со повреда на палецот и го пропуштил остатокот од сезоната.[20]
Во мај 2018 година се појавиле извештаи за интерес од страна на тимот на Андерлехт, по што Аџиќ одбил да потпише нов договор со Црвена ѕвезда.[21] На 23 мај 2018 година, тој потпишал четиригодишен договор со белгискиот тим Андерлехт од Брисел, а трансферот изнесувал 800.000 евра.[22]
Лука Аџиќ извесно време бил позајмен на тимот од холанското првенство Емен. Тој постигнал гол на својот прв натпревар за тимот на Емен и тоа на 21 февруари 2020 година во натпреварот против екипата на Вилем II.[23]
На 31 август 2021 година, Лука му се приклучил на холандскиот клуб ПЕЦ Цволе како слободен играч, за времетраење од една година со можност за уште една.[24]
Лука Аџиќ бил повикан во фудбалската репрезентација на Србија до 18 години и одиграл неколку натпревари во 2015 година додека тренер бил Иван Томиќ.[25][26] Тој исто така бил член на репрезентацијата на Србија до 19 години во периодот на 2016 и 2017 година.[27][28] Лука го постигнал својот прв гол за тимот на Србија на пријателски натпревар против екипата на Бугарија, одигран на 21 февруари 2017 година.[29] Аџиќ својот прв повик во српскиот тим до 21 година го добил од страна на тренерот Горан Ѓоровиќ во август 2017 година.[30] Својот прв натпревар за тимот до 21 годишна возраст го имал на 1 септември 2017 година кога влегол во игра во 80та минута од натпреварот заменувајќи го Александар Месаровиќ, против екипата на Гибралтар.[31]
Клуб | Сезона | Лигашки натпревари и постигнати голови | Куп натпревари | Европски натпревари | Други натпревари | Вкупно | ||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Лига | Натпревар | Голови | Натпревари | Голови | Натпревари | Голови | Натпревари | Голови | Натпревари | Голови | ||
Црвена ѕвезда Белград | 2015–16 | Суперлига | 0 | 0 | 0 | 0 | - | - | 0 | 0 | ||
2016–17 | 7 | 2 | 3 | 0 | 0 | 0 | - | 10 | 2 | |||
2017–18 | 26 | 4 | 1 | 3 | 2 | 0 | - | 29 | 7 | |||
Вкупно | 33 | 6 | 4 | 3 | 2 | 0 | - | 39 | 9 | |||
Андерлехт | 2018–19 | Првата дивизија А | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 |
Вкупно во кариерата | 33 | 6 | 4 | 3 | 2 | 0 | 0 | 0 | 39 | 9 |
Лука е син на поранешниот фудбалер Иван Аџиќ [33] и внук на српскиот фолк пејач Шабан Шаулиќ.[34]