Марек Хласко ( Варшава, 14 јануари 1934 - Визбаден, 14 јуни 1969 ) полски писател, кој се смета за еден од најзначајните фигури на полската литература во втората половина на 20 век.
Раниот живот на Хласко бил обележан со разводот на неговите родители, но и со Втората светска војна, поради што тој и неговата мајка со години живееле во сиромаштија и немаштија, што значително влијаело на неговата идна работа, во која доминираат социјалните теми и темен, депресивен тон. Воспитувањето на Хласкo во повоена Полска било под влијание на неговиот неконформистички и бунтовнички карактер, одвишно однесување, но и скриената тенденција кон депресија. Својата младост ја поминал во ниско платена работа како возач и пишувал во слободното време, повремено објавувајќи написи во весници.
Професионалната кариера ја овозможил неговиот пријател Стефан Лос, кој го поврзал со Игор Њуерли, почитуван и етаблиран писател познат по тоа што бил ментор на млади таленти. Со помош на Њуерли добил стипендија од Полската литературна асоцијација, а во 1957 г. го објавил својот прв роман Осмиот ден во неделата (Ósmy dzień tygodnia) кој доживеал огромен успех. Хласко брзо се етаблирал како голема книжевна ѕвезда, но и брзо изградил имиџ на млад бунтовник. Во 1958 година за прв пат отпатувал во Париз, каде поради сличната облека и неконформистичкото однесување, бил прогласен за „ источноевропскиот Џејмс Дин “, но се здобил и со лоша репутација за вандализирање низ кафулиња. Одбивањето на полските власти да му го продолжат пасошот го натерало да замине во Западна Германија во 1959 година каде побарал политички азил, но по неколкугодишно талкање во Франција, Италија и Израел накратко се вратил во татковината. Во 1962 г повторно заминал во Западна Германија, каде што се оженил со актерката Соња Зиман.
Неговата ексцесна природа, поттикната во значителна мера од алкохолот, го довела и во судир со законот во Западна Германија, каде поминал неколку месеци под опсервација во психијатриска болница. Во 1965 година се развел од сопругата, а потоа со помош на пријателот Роман Полански се преселил во Холивуд и таму се обидел да ја продолжи кариера како сценарист.
Во декември 1968 година се степал на една од забавите со својот долгогодишен пријател, композиторот Ксистоф Комеда, кој паднал и сериозно си ја повредил главата, претрпувајќи крвавење на мозокот. Додека Комеда лежел во болница, Хласко изјавил дека „ако Комеда оди, одам и јас“. Кога Комеда во пролетта 1969 година починал, Хласко се вратил во Западна Германија.
Починал во неразјаснети околности, односно како резултат на мешање алкохол со апчиња за спиење; не е јасно дали се работи за несреќа или самоубиство.