Меѓународен конзорциум за геном на рак ― доброволна научна организација која обезбедува форум за соработка меѓу водечките светски истражувачи за рак и геном. Конзорциумот бил лансиран во 2008 година за да ги координира големите студии за геномот на ракот кај тумори од 50 видови рак и/или подвидови кои се од главна важност низ целиот свет.
Систематските студии на повеќе од 25.000 геноми на рак на геномско, епигеномско и транскриптомско ниво ќе го откријат репертоарот на онкогени мутации, ќе откријат траги од мутагени влијанија, ќе дефинираат клинички релевантни подвидови за прогноза и терапевтско управување и ќе овозможат развој на нови терапии против рак.[1]
Конзорциумот вклучува податоци од Атласот за геномот на ракот и Проектот за геномот на ракот при Сангеровиот институт.
Вонредниот професор Ендрју Бјанкин кој е кралскиот професор и директор на Истражувачкиот центар за рак „Волфсон Вол“ при Универзитетот во Глазгов, е извршен директор и претседател на Конзорциумот од 2018 година.[2]
Конзорциумот е еден од најамбициозните биомедицински истражувачки напори после Проектот за човечкиот геном. Конзорциумот ќе помогне да бидат координирани сегашните и идните големи проекти за да бидат разбрани геномските промени вклучени во ракот од општ интерес. Каталозите произведени од членовите на Конзорциумот ќе бидат брзо и слободно достапни на квалификувани истражувачи, што ќе им овозможи на научниците од целиот свет да ги користат новите информации за да развијат подобри начини за дијагностицирање, лекување и спречување на многу видови рак.[се бара извор]
Целта на Конзорциумот е да обезбеди сеопфатен опис на соматските (ненаследни) геномски абнормалности присутни во широк опсег на човечки тумори. Со оглед на нашето сегашно знаење за хетерогеноста на видовите и подвидовите тумори, Конзорциумот постави цел да координира приближно 50 проекти, од кои секој ќе создава геномски анализи на приближно 500 примероци на рак од секоја класа. Сепак, добро е познато дека ракот е многу хетероген и може да бидат дефинирани стотици видови/подвидови. Затоа, наведената цел од 50 проекти на Конзорциумот не е наменета, и не може, исцрпно да го покрие целиот спектар на видови рак.[се бара извор]
Членовите кои предлагаат проект во одделението за финансирање и истражување во Конзорциумот, мора да се согласат со политиките на Конзорциумот, кои вклучуваат барања за брзо објавување податоци, за ригорозни стандарди за квалитет и за заштита на учесниците во студијата.[се бара извор]
Конзорциумот е финансиран од земјите-учеснички, од кои секоја е насочена на една или повеќе облици рак, со цел да бидат картирани геномите на најмалку 50 видови рак.[3] Секретаријатот на конзорциумот е во Онтарио Институтот за истражување на рак во Торонто, Канада,[4] кој исто така ќе управува со центарот за координација на податоци. Покраинската влада на Онтарио обезбедила финансирање од 40 милиони долари, а секој учеснички член на финансирање е очекувано да придонесе со 20 милиони долари за секој проект. Во 2009 година , Германската помош против ракот поддржала еден проект на Конзорциумот со 7,9 милиони евра. Ова била највисоката сума што една приватна организација ја дала. Парите биле дарувани од Германци.
Членството на Конзорциумот е отворено за сите лица кои се согласуваат да ги следат неговите начела и упатства. Конзорциумот добил обврски од организации за финансирање во Азија, Австралија, Европа и Северна Америка за 47 проектни групи во 15 јурисдикции за проучување на над 21.000 геноми на тумори. Проектите кои моментално се финансирани, се испитувани тумори кои влијаат на мочниот меур, крвта, коските, мозокот, градите, грлото на матката, дебелото црево, главата и вратот, бубрезите, црниот дроб, белите дробови, усната шуплина, јајниците, панкреасот, простатата, правото црево, кожата, меките ткива, стомакот, штитната жлезда и општо матката. Со текот на времето, се очекува дополнителни нации и организации да се приклучат на Конзорциумот. Геномските анализи на тумори спроведени од членовите на Конзорциумот во Австралија и Канада (рак на панкреасот), Кина (рак на желудникот), Франција (рак на црниот дроб), Германија (рак на мозокот), Јапонија (рак на црниот дроб), Шпанија (рак на крв), Обединетото Кралство (рак на крв, дојка, бели дробови и кожа) и Соединетите Држави (крв, мозок, дојка, дебело црево, бубрег, бели дробови, јајници, ректален, желудник и рак на матка) сега се достапни преку Центарот за координација на податоци сместен на мрежната страница на Конзорциумот.
Претставници со статус на набљудувач:
Секоја земја-учесничка има одреден вид на туморско истражување како нејзина примарна цел на истражување:[5]
Во контекст на огромните меѓународни напори за секвенционирање, и во пресрет на новото време на прецизна медицина, Меѓународниот конзорциум за медицина на геномот на ракот ќе го поврзе богатството на веќе собрани геномски податоци, како и новите геномски податоци што се создавани, со клинички и здравствени информации, вклучувајќи начин на живот, историја на пациентот, дијагностички податоци за рак и одговор и преживување по терапии, низ спектарот на рак. Користејќи ги овие големи интегрирани податоци, истражувачите, научниците, творците на политики и лекарите ќе можат да работат со пациенти, даватели на здравствени услуги и други за да развијат спречувачки стратегии, маркери за рано откривање на болеста, поспецифични критериуми и методи за дијагнози и прогнози, и интервенции засновани на усогласување на молекуларниот подвид на болеста на пациентот со најефективните комбинации на терапии.
Ова ќе доведе до откривање на нови терапевтски цели, попрецизни дефиниции за болеста и подобрени стратегии за спречување на отпорност кон лекови.