Нигрита Νιγρίτα | |
---|---|
Улица во центарот на Нигрита | |
Координати: 40°54.48′N 23°30.5′E / 40.90800° СГШ; 23.5083° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Серски |
Општина | Визалтија |
Општ. единица | Нигрита |
Надм. вис. | 80 м |
Население (2021)[1] | |
• Вкупно | 4.892 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Нигрита или Нигрид (грчки: Νιγρίτα) — гратче во Нигритско, Егејска Македонија, денес седиште на општината Визалтија на Серскиот Округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 4.892 жители (2021).
Гратчето е сместено во Серското Поле, 22 км јужно од градот Сер, во северното подножје на Богданска Планина.[2]
На Богданска Планина над Нигрита е сместена доцноантичката тврдина Кастри.[3]
Црквата „Св. Ѓорѓи“, едната од двете главни цркви, е изградена во XVI век.[4]
Гратчето настрадало од теророт на османлиските власти по обидот за востание на Леонидас Вулгарис во 1866 г.[5] Во текот на XIX век Нигрита била етнички мешано место со македонско и грчко, во кое, со време, грчкиот удел сè повеќе го истиснувал македонскиот.
Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Нигрита (Nigrita) имала 305 домаќинства со 350 жители Македонци и 650 Грци,[6][7] што значи дека Македонците веќе биле сведени на една третина од населението.
Во 1889 г. хрватскиот етнограф Стефан Верковиќ („Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“) напишал за Нигрита:
„ | Нигрита е христијанско село со една црква и две училишта, добар пазар и пет анови... Жителите се Грци, а има и Македонци, преселници од соседните села.[6][8] | “ |
Веќе на почетокот на XX век грчкиот елемент сосема го истиснал македонскиот. Според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) на почетокот на XX век Нигрита имала 2.500 жители Грци.[9] По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 во гратчето живееле 1.900 Грци и работеле две грчки училишта.[10]
Во 1906 г. врз темелите на постар храм е подигната втората енориска црква „Св. Атанас“.[11]
На 24 февруари 1907 г. во месноста Таш Олук кај Нигрита се одиграла битка помеѓу 40-члена македонска чета на МРО и една грчка чета, во која македонската страна изгубила 9 борци, а грчката — 4.[12]
За време на Првата балканска војна во 1912 г. гратчето било окупирано од бугарска војска и отворена е бугарска болница.[13] Во февруари 1913 г. во околината се воделе борби помеѓу бугарската и грчката војска, а во Втората балканска војна во јуни 1913 г. Нигрита е конечно окупирана од грчка војска и истата година е припоена кон Грција согласно Букурешкиот договор, кога населението броело 4.014 жители.[2] Во 1920 г. во гратчето се попишани 4.211 жители, и понатаму населението продолжило да расте, особено поради доведувањето на 1.026 грчки доселеници, но и поради доселувањата од околните села.[2] Нигрита станала управен центар на околијата и во 1928 г. достигната 7.199 жители.[2]
Во 1940 г. Нигрита достигнала 8.462 жители и три години подоцна е официјално прогласена за град. Поради бугарската окупација на источна Егејска Македонија за време на Втората светска војна, во Нигрита биле сместени грчки бегалци од таа страна на окупациската граница. Истото се случило и време на Грчката граѓанска војна, па затоа градот нагло добил многу поголемо население.[2] Сепак, веднаш по војните бегалското население го напуштило градот, па во 1951 г. се попишани 7.926 жители. Во 1961 г. Нигрита бележи значаен раст со 9.979 жители, но нивниот број подоцна почнал да опаѓа.[2] Така, во 1971 г. гратчето имало 7.301 жител, намалувајќи се на 6.531 во 1981 и 6.186 жители во 1991 г. Во следниот период бројот на жителите бележи понатамошен пад, со 5.566 во 2001 и 4.947 во 2011 г.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 8.462 | 7.926 | 9.979 | 7.301 | 6.531 | 6.186 | 5.566 | 4.947 | 4.892 |
Нигрита е управен и стопански центар, но нема значајни производни капацитети. Покрај трговијата, застапено е земјоделството. Околу гратчето има плодно земјиште, кое дава високи приноси на индустриски и земјоделски култури.[2]
|