Олевени | |
![]() Воздушен поглед на селото Олевени | |
Координати 40°58′0″N 21°22′0″E / 40.96667°N 21.36667°E | |
Регион | ![]() |
Општина | ![]() |
Област | Пелагонија |
Население | 146 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7221 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02087 |
Надм. вис. | 650 м |
Слава | Атанасовден |
![]() |
Олевени — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Околината на селото била богата со многу оревови стебла, па затоа мештаните на околните села, олевенци прво ги викале оревци, а подоцна овој збор се трансформирал во олевци и на крај во олевенци, со што и селото го добило името Олевени.[2]
Селото се наоѓа во Пелагонија, во југозападниот дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, под источната страна на планината Баба. Селото исто така се наоѓа недалеку од потпланинскиот локален пат Битола-Бистрица-гранична линија со Грција.[3] Селото е рамнинско, сместено на надморска височина од 650 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 11 километри во јужна насока.[3]
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2333.
Олевено е мало потпланинско село, сместено помеѓу Барешани на југ и Бистрица на север. Мештаните се снабдувале со вода за пиење од една чешма изградена во 1929 година, чија вода доаѓа од изворот Селиште. Претходно користеле бунарска вода.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Кула, Терзиов Врв, Св. Илија или Брце, Бабина Нива, Бела Вода, Тумба, Слогои, Љуљојца, Бел Камен, Чаир, Жабенска Река, Татарица, Кладенче, Големи Ниви, Горица, Коловози, Мазникоица, Калеинца, Топила, Беделица и Огради.[4]
Селото има збиен тип, а поединечни групи на куќи се наречени по родовите.[4]
Во антиката, патот Вија Егнација поминувал преку денешното село Олевени.[5]
Во отоманските документи, селото се споменува како Халевени во 1636 година (помеѓу 23 август и 1 септември) во еден договор за заем склучен помеѓу вакафот на Ибрахим Челеби и населението од селото. Заемот изнесува 4.000, а лихвата 600 акчиња.[6]
Остатоци од старини се наоѓаат на повисок терен западно од денешното село. Според преданието, таму најпрвин се наоѓало старото село Олевени. Подоцна било преместено на денешната пониска местоположба. Околу споменатото селиште постоеле четири црквишта: Св. Петка, Св. Илија, Св. Атанас и Св. Ана. Во 1936 година таму биле подигнати нови цркви, а околу нив биле пронајдени стари гробови.[4]
Атарот на селото не е голем и зафаќа простор од 4,7 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 301 хектар, а на пасиштата отпаѓаат 148 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото работат услужни објекти.[3]
За време на турското ропство земјата од ова село припаѓала на Сали-ефенди од Битола. Потоа ја наследиле неговите синови и ќерки, па така во 1912 година тука се затекнати 6-7 чифлици чии сопственици биле: Сулеман, Афус (од селото Злокуќани) и други. Тие имале и свои беговски кули. Малку своја земја имале само пет семејства: Бошковци, Размови, Ѓорговци, Котевци и Атанасковци. Жителите ја откупиле земјата од 1912 до 1936 година.[4]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Олевени живееле 230 жители, сите Македонци.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Олевени се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 24 куќи.[8]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Олевени имало 176 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[10]
Олевени е мало село, коешто во 1961 година имало 283 жители, од кои 279 биле Македонци, а тројца жители Албанци. Во 1994 година бројот се намалил на 154 жители, сите македонско население.[3]
Според пописот од 2002 селото брои 157 жители, од кои 156 Македонци и 1 Србин.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 146 жители, од кои 133 Македонци, 3 Албанци, 1 Србин, 4 останати и 5 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 230 | 176 | 279 | 302 | 283 | 295 | 267 | 234 | 154 | 157 | 146 |
Олевени е македонско православно село, родовите во селото се староседелски и доселенички.[4]
Според истражувањата од 1951 година, родови во селото:
Се знае за следниве иселени родови: Олевци (2 к.), живеат во Граешница, Христовски (1 к.), живеат во Породин и Каракачеви (1 к.), живеат во Канино.[4]
Од селото се имаат иселено над 200 лица.[2]
На крајот од XIX век, Олевени било чисто македонско село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Бистрица.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Велушина, во која покрај селото Олевени се наоѓале селата Барешани, Велушина, Граешница, Драгош, Жабени, Канино, Кишава, Лажец, Острец и Породин. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Бистрица, во која влегувале селата Бистрица, Злокуќани, Кравари, Крстоар и Олевени.
Во селото постои избирачкото место бр. 0151 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 114 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 123 гласачи.[19]
|accessdate=
(help)