Според една легенда се вели дека жителите на ова село произведувале опинци, односно биле опинчари, па со текот на времето овој збор се трансформирал во денешниот облик.[2]
Селото се наоѓа во Пелагонија, во јужниот дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 578 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 12 километри.[3]
Оптичари е полско село, југоисточно од градот Битола, кое е доста богато со ливади. Околни села се Поешево, Кравари и Жабени. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од два бунари, а извори во селскиот атар нема.[4] Денес, изграден е водовод за снабдување на населението со чиста и здрава вода за пиење.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Слатина, Крива Ливада, Анџиица, Белојца, Чаушица, Мангарица, Калдрма, Средорек, Воденички Пат, Тумба, Краешка, Градски Пат, Азмак, Лововардски Пат, Стари Лозја, Лапри, Деловите и Вачви.[4]
Селото има збиен тип, поделено на три маала: Долно, Средно и Горно Маало. Маалата се малку оддалечени едно од друго.[4]
Мештаните кажуваат дека некогаш во атарот на селото се наоѓале седум мали населби. Секое се наоѓало на по една „тумба“. Такви тумби биле: Горна Тумба, Афтарова Тумба, Долна Тумба, Слатина и други. Три тумби денес се наоѓаат во соседното Рибарско Блато. Во блатото една месност се нарекува Бачило.[4]
Некогашните мали населби наеднаш биле уништени и после тоа било основано денешното село. Основањето на селото изгледа било одамна, бидејќи во него има пет староседелски родови. Првиот пишан помен за Оптичари е од периодот меѓу 1650 и 1750 година.[4]
По Првата светска војна, во Оптичари биле населени шест српски семејства. Српските семејства биле иселени од страна на бугарските власти во 1941 година.[4]
Атарот на селото зафаќа простор од 16,7 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.530 хектари, додека на пасиштата отпаѓаат 140 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото работат продавници.[3]
Во 1912 година тука се затекнати 40 македонски домаќинства, од кои половината биле чифчии, а половината рајати. Таа година чифлици имале: Мемиш-ага, Шаќир-ага, Идриз-бег, Рифан-ефенди, Абдула, Малик, Салија и Рашид, сите од Битола. По 1912 година, земјата била разделена на жителите по основа на аграрната реформа.[4]
Во минатото, на месноста Анџиица југоисточно од селото, се наоѓал ан, во кој доаѓале патници на стариот пат од Битола кон југоисток. Сообраќајот на овој пат прекинал со изградбата на железничката пруга Солун-Битола, а со тоа се затворил и анот.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[9]
Оптичари е средно село по големина на населението, но со опаѓање на бројот на населението. Така, во 1961 година селото имало 712 жители, од кои 703 биле Македонци, а осум жители Турци. Во 1994 година бројот се намалил на 326 жители, а селото е населено само со македонско население.[3]
Според пописот од 2002 селото броело 317 жители, од кои 316 Македонци и 1 Србин.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 242 жители, од кои 233 Македонци и 9 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Оптичари е македонско православно село. Во минатото некое време во селото живееле и муслимански родови, турски и албански. Повеќето родови во селото се доселени.[4]
Според истражувањата од 1953 година, родови во селото:
Доселеници:Коларовци (1 к.), доселени се од некое село во Железник, овој род отсекогаш имал 1 куќа; Тупачовци (4 к.), доселени се од селото Обедник во Железник; Стојчевци (6 к.), доселени се од прилепското село Обршани; Иловци (1 к.), доселени се во турско време од селото Кравари; Милевци (5 к.), потекнуваат од селото Обедник во Железник, од Обедник најпрво се населиле во Кравари, а од Кравари во Оптичари; Станковци (5 к.) за нив се вели дека се Брсјаци, доселени се од некое село во Железник; Боротинци (1 к.), доселени се од Горно Оризари, подалечно потекло од селото Боротино; Чадија (1 к.), се викаат и Добромирци, доселени се од селото Добромири; Манчевци (3 к.), доселени се од селото Трн; Клаповци (2 к.), доселени се од селото Могила; Ракомот (1 к.), доселени се од селото Трн; Кураш (1 к.), доселени се од селото Поешево; Таневци (2 к.) доселени се од селото Новаци; Ѓентовци (2 к.), доселени се од селото Трн; Копановци (1 к.) потекнуваат од домазет кој дошол од Новаци; Думлиовци (1 к.) се викаат и Марулци, доселени се од селото Марул; Чарлинци (3 к.) родот го основал Ѓоре кој се доселил од Долна Чарлија; Чичкаровци (2 к.) доселени се од селото Трн; Тасевци (1 к.) доселени се од селото Новаци; Ранакот (1 к.) потекнуваат од домазет кој дошол од Буково; Ванчовци (2 к.) доселени се после Првата светска војна од селото Новаци; Преспанци (1 к.) доселени се 1927 година од селото Граждено во егејскиот дел од Преспа, таму се викале Петрејчинци; Павлевци (3 к.) доселени се од селото Жабјани, некое време живееле и во Долно Егри, од Долно Егри дошле во Оптичари во 1936 година; Бошко (1 к.) доселен од селото Долно Егри во 1937 година; Божин (1 к.) доселени се 1941 година од селото Средно Егри, таму се ист род со Шишаковци, кои биле старинци; Маџарот (1 к.) доселен основачот на родот како домазет во 1935 година од селото Ношпал; Пановци (2 к.) доселени се 1924 година од селото Орехово, старинци се во Битолско; Котевци (1 к.) потекнуваат од домазет кој дошол во 1935 од Долно Егри; Винарот (1 к.) потекнуваат од домазет кој дошол од селото Новаци во 1918 година; Кичевци (2 к.) доселени се од кичевското село Душегубица; Јошевци (3 к.) доселени се 1945 година од селото Церје во Мала Преспа; Нешковци (4 к.), Шолевци (3 к.), Јунаковци (3 к.) и Николовци (1 к.), доселеници од непозната старина, првиот род потекнува од домазет, во родот Николовци имало потурчена жена.
Муслимански родови:Маликовци (3 к.), доселени се од селото Бела Црква, зборуваат албански, но се издаваат за Турци; Реџеп (1 к.), доселен како домазет во 1941 година од некое албанско село во околината на Битола; Музафер (1 к.) доселени од некое село во Кичевско, зборуваат албански; Алитовци (1 к.) доселени се 1950 година од селото Коџаџик, зборуваат турски.
Иселеници има во Долна Чарлија (Вртковци, 8 к.), Карамани (Миленковци, 2 к.) и во Кравари (Тутунџиовци, 1 к.).[4] Од родот Преспанци две семејства се преселиле во Битола.[4]
Населението се иселувало во градовите Битола и Скопје, прекуокеанските земји и во Европа.[2]
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Бистрица.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било седиште на рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1950-1955, селото било дел од тогашната општина Логоварди, во која покрај селото Оптичари се наоѓале селата Долно Оризари, Карамани, Логоварди, Поешево и Трн.
↑ 2,02,12,2„Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2024-10-02. Посетено на 2024-10-02.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 3 октомври 2024.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Д-р Гоце Наумов и Слободан Стојкоски, Нови предисториски тумбиво Пелагонија, Национална установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Битола, 2015
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.
↑„Оптичари“. Мој Роден Крај. Архивирано од изворникот на 2018-08-01. Посетено на 30 декември 2021.