Поврзување точки, позната и како точка до точка или спојување точки — вид загатка која се состои од низа точки означени со бројки.[1] Со повлекување на линиите кои ги поврзуваат точките се открива нацртот на објектот. Загатката често се заснова на едноставна линиска уметност којашто овозможува подобар приказ на создадената слика или помага во добивањето на сложение делови од сликата. Загатките со поврзување точки обично се наменети за деца. Употребата на броеви за означување на точките може да се замени со букви или други симболи со запазен редослед.
Поимот „поврзување точки“ може да се користи и како метафора на способноста за поврзување на една идеја со друга, за пронаоѓање на „големата слика“ или за издвојување на клучната одлика во мноштво податоци.[2]
Концептот на поврзување точки има примена во проблемот на патувачки трговец, каде што се бара оптимален избор на бројки за означување на точки во насока на минимизирање на вкупната должина на нацртаните линии.