![]() | |
Творец | Густав Климт |
---|---|
Година | 1912 |
Димензии | 190 см × 120 см |
Место | Приватна збирка |
Портрет на Адела Блох-Бауер II — слика на австрискиот сликар Густав Климт од 1912 година. Делото е портрет на Адела Блох-Бауер (1881–1925), членка на виенското високо општество, која му била и покровител и близок пријател на Климт.
Климт во 1907 година го завршил првиот портрет на Адела Блох-Бауер. За време на Втората светска војна, двата портрета биле меѓу уметничките дела украдени од нацистите од потомците на Блох-Бауер. По војната, Портретот на Адела Блох-Бауер II бил изложен во Австриската галерија Белведере до 2006 година, кога му бил вратен внукот на Адела Блох-Бауер.
Адела Блох-Бауер била сопруга на Фердинанд Блох-Бауер,[1][2] богат индустријалец кој ја спонзорирал уметноста и го поддржувал Густав Климт. Адела Блох-Бауер била единствената личност чиј портрет Климт двапати го насликал. Нејзиниот прв и многу попознат портрет беше наречен Портрет на Адела Блох-Бауер I. Портретите биле изложени во семејната куќа пред да бидат запленети од нацистите за време на Втората светска војна.[3] Австрискиот музеј каде што се наоѓале портретите по војната не сакал да им ги врати на нивните вистински сопственици, така што следела судска битка во Соединетите Држави и Австрија, што резултирало во јануари 2006 година, двата портрети на Адела Блох-Бауер и три други слики на Густав Климт да ѝ бидат вратени на Марија Алтман, внука на Фердинанд Блох-Бауер.[4]
Во ноември 2006 година, аукциската куќа Кристи го продала на аукција Портретот на Адела Блох-Бауер II за речиси 88 милиони долари, што било четврто уметничко дело по цена во тоа време.[5] Купувач била Опра Винфри.[6]
Во есента 2014 година, Портретот на Адела Блох-Бауер II му бил даден на долгорочен заем на Музејот на модерна уметност во Њујорк.[7] Во текот на летото 2016 година, Опра Винфри го продала на неидентификуван кинески купувач за 150 милиони долари.[6] Сликата е привремено позајмена на Новата галерија во Њујорк за изложбата „Климт и жените од златното доба на Виена, 1900-1918 година“.[8]
|