Професор Балтазар е серија на цртани филмови за деца, за стариот истражувач Професор Балтазар.[1] Снимена е во периодот од 1967 до 1978 година во Загреб. Серијата има вкупно 57 епизоди, а секоја трае од 5 до 10 минути. творец на овој популарен цртан филм е познатиот аниматор Златко Гргиќ.[2]
Серијата и до ден денес останала најуспешниот проект на Загрепската школа за цртани филмови. Освен творецот на ликот на Професор Балтазар, Златко Гргиќ, во целиот проект учествувал тим од околу 20 луѓе, меѓу кои биле: Анте Зинановиќ, Павао Шталтер, Борис Колар, Милан Блажековиќ и Златко Боурек. Музиката за цртаниот филм ја компонирал Томица Симовиќ.[3] Името Балтазар на симпатичниот, стар, полн со позитивна енергија научник, кој со задоволство на многу инвентивен начин ги решава проблемите на своите сограѓани, му го дал Павао Шталтер.
Серијата брзо станала многу популарна и во тогашна Југославија, а и во светот вклучувајќи ги: Велика Британија, Германија, Холандија, Финска, Франција, Израел, Италија, Данска, Норвешка, Нов Зеланд, Португалија, Романија, Шведска, Шпанија, Иран, Грција, Канада и Зимбабве. Од 1971 до 1973 година, бил прикажуван и во САД на ABC во детската програма Curiosity Shop. Во 1980 година бил прикажуван во САД на Pinwheel, и на ABC во Австралија.
Во 2005 година почнало снимање на нови продолжетоци на овој култен цртан филм.