Пуста Река | |
![]() Поглед на селото Пуста Река | |
Координати 41°24′46″N 21°9′20″E / 41.41278°N 21.15556°E | |
Регион | ![]() |
Општина | ![]() |
Население | 53 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7550 |
Повик. бр. | 048 |
Шифра на КО | 16019 |
Надм. вис. | 940 м |
![]() |
Пуста Река — село во Општина Крушево, во околината на градот Крушево.
Ова високо село се наоѓа во крајниот северозападен дел на територијата на Општина Крушево, чиј атар се допира со подрачјето на општините Кичево, Демир Хисар и Пласница.[2] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 940 метри. Од градот Крушево е оддалечено 11 километри.[2] Низ самото село води регионалниот пат 2337.
Пуста Река е планинско село, сместено северозападно од градот Крушево. Се наоѓа на близу 1000 метри надморска височина, опколено со средновисоки планини, дел од планината Баба Сач и има многу убави терени со борови, букови и дабови шуми. Надморската височина и околните шуми го прават селото да има многу пријатна клима и во лето температурите не се многу високи. Низ селото тече мала рекичка која во лето пресушува, а повисок водостој има само во рана пролет кога се топи снегот од планините.
Соседни села на Пуста Река се: Преглово и Пласница од север, Цер од запад, Горно Дивјаци од исток, и Долно Дивјаци и Зашле од југ.
За настанокот на селото Пуста Река нема поточни податоци кога е настанато, но се знае како е настанато. Тоа настанало од тројца браќа кои биле по потекло од селото Вранештица (Кичевско).
За името на селото се смета дека е настанато поради тоа што селото било запалено и до темел изгорено трипати. Еднаш тоа било запалено за време на турското владеење а двапати било изгорено за време на Втората светска војна. Во Пуста Река за време и на турското ропство, а и за време на Втората светска војна била развиена свеста за слободна Македонија и бил развиен отпорот и кон двете ропства при што се појавувале помали „дружини“ кои се бореле против непријателот, а селото било познато како село јатак на ајдуци.
Познати се неколку народни херои кои во текот на Втората светска војна ги дале своите животи и во нивна чест во селото се подигнати неколку споменици. Значајно е да се спомене дека во близина на селото во месноста Грујова нива е создаден првиот Крушевски баталјон.
Може да се спомене дека како и во сите села од Западна Македонија така и од ова село има доста печалбари кои се заминати во европските и прекуокеанските земји.
Атарот на селото зафаќа простор од 11,3 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 672 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 238 хектари, а на пасиштата 195 хектари.[2]
Во основа, селото има полјоделско-шумарска функција. Во минатото, во селото работеле фабрички погон „Илинденка“, земјоделска задруга и услужни објекти.[2] Во селото на времето работел и хотел.
Во турско време работел рудник за злато во близина на селото.[3]
Населението нема поволни услови да се занимава со земјоделство и поради тоа произведува многу малку, колку за свои потреби. Само две куќи во селото одгледуваат овци, додека пак останатите одгледуваат говеда, коњи и друго.
Во пролетниот период жителите на ова село собираат шумски плодови, мовови и печурки кои ги продаваат за да обезбедат средства за издршка. Тие, исто така се занимаваат со лов на диви животни, бидејќи селото изобилува со преубави планински терени. Има поволни услови за одгледување на пчели и за развој на пчеларството.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов (Македонија, Етнографија и статистика) од 1900 година, селото Пуста Река имало 470 жители, сите Македонци.[4] Според секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) од 1905 година, во Пуста Река имало 400 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Пуста Река се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 61 куќа.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[7]
Селото преминало од средно во мало село, населено со македонско население. Во 1961 година, селото имало 415 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 173 жители.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Пуста Река живееле 134 жители, сите Македонци.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 53 жители, од кои 46 Македонци и 7 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 470 | 400 | 459 | 454 | 415 | 367 | 287 | 201 | 173 | 134 | 53 |
Пуста Река е македонско село.
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1951 година родови во селото:[14]
Селото има околу 80 куќи од кои повеќето се празни, бидејќи голем број на жители заминале во градовите Прилеп, Битола, Кичево, Скопје, како и во европските и прекуокеанските земји поради непостоење на основни услови за нормален живот.
Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1951 година: Славковци во Врбоец (едно семејство); Јовковци во Романија (три семејства); Коруновци во Крушево (едно семејство); Биљановци во Јабука во Војводина, Србија (едно семејство) и во САД (едно семејство); Јанковци во САД (едно семејство); Јаневци во Пласница кај Кичево (како домазет од 1950 година); Вијачовци во: Јабука во Војводина, Србија (едно семејство); Божиновци во Јабука во Војводина, Србија (едно семејство) и Чоктуровци во Романија (две семејства).[14]
Во XIX век, Пуста Река било христијанско село во рамките на Битолската каза (нахија Демир Хисар), на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Крушево, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Крушево.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крушево.
Во периодот 1952-1955, селото било дел на тогашната Општина Долно Дивјаци, во која покрај селото Долно Дивјаци, се наоѓале и селата Арилево, Горно Дивјаци, Зашле, Кочишта и Пуста Река. Општината Долно Дивјаци постоела и во периодот 1950-1952, кога влегувале селата Арилево, Горно Дивјаци, Долно Дивјаци и Пуста Река.
Во селото постои избирачкото место бр. 1204 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на старото основно училиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 67 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 64 гласачи.[17]
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link)
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link)
|