Ракан или Рас Ракан (арап. رأس راكان) ― најсеверната точка на полуостровот Катар, која се наоѓа во Општина Шамал.[1] Таа е северозападната точка на островчето наречено Џазират Рас Ракан, но бидејќи каналот помеѓу ова островче и копното не е проодно за чамци, Џазират Рас Ракан може да се смета дека ја образува северната крајност на гребенот.[2]
Островчето е на речиси 2,5 км од брегот и до него може да се стигне со одење низ ниска вода. Најсеверниот град на Катар, Руајс, се наоѓа на 2,5 км југоисточно од островчето.[2] Ако му се пријде од северен правец, Руајс станува видлив пред да биде забележан Ракан.[3]
Џазират Рас Ракан е многу ниско островче во облик на Т, со прамени трева на него.[2] На јужната страна има неколку мали мангрови живеалишта.[4] Должината е 3 км од исток кон запад и е исклучително тесна. Главата во облик на Т, на нејзиниот западен крај, е долга 1,6 км.[2]
Во едно истражување од 2010 година, за крајбрежните води на Ракан, спроведено од Катарската статистичка служба, било откриено дека неговата просечна длабочина е 3.5 м и неговата просечна pH вредност била 7,74. Понатаму, водите имале соленост од 48,18 psu, просечна температура од 19,61°C и 4,86 mg/L растворен кислород.[5]