Религијата во Нигер има значајна улога во животот на земјата. Најголема религија во земјата според последниот попис е исламот со околу 94% од вкупното население[2]. Огромното мнозинство од муслиманите се сунити припадници на школата Малики.[3]. Други религии кои се практикуваат во Нигер се анимизам и христијанство.
Исламот на територијата каде денеска се наоѓа Нигер се проширил започнувајќи од 15 век, од проширувањето на Царство Сонгај на запад. Исламот во Нигер иако датира пред повеќе од еден милениум, своја доминација над традиционалните религии добил во текот на 19 и почетокот на 20 век, а бил обележан со влијанијата од соседните општества. Суфиските братства станале доминантна муслиманска организација. И покрај ова, различни интерпретации на исламот коегзистираат и во голема мера во мир едни со други, како и со малцинствата од други вери.
Исламот во Нигер претставува мнозинска религија. Верата ја практикуваат повеќе од 94% од населението, иако оваа бројка варира од изворот и процентот на населението кои се класифицирани како Анимисти. Најголемиот дел од муслиманите во Нигер се сунити припадници на школата Малики. Голем дел од заедниците продолжуваат да ги практикуваат елементите на традиционалните религии кое доведува до дополнително отежнување на статистичките показатели.
Освен сунитски муслимани, во земјата живеат и околу 7% шиити и 6% приврзаници на школата Ахмадија[3][4]. Хамалистите и Сенусите имале историско влијание на далечниот запад и на североисточниот округ во колонијалниот период, додека во последните триесет години се појавиле и вахабистички следбеници.[5]. Муслиманската заедница Ахмадија е исто така присутна и таа во земјата била основана во 1956 година.
Христијанството во земјата било донесено од француски колонијални институции, а неговите приврзаници вклучувале локални верници од образованието, елитата и колонијалните семејства, како и имигранти од соседните крајбрежни земји, особено Бенин, Того и Гана[3]. Христијаните сочинуваат помалку од 1% од населението. Според една проценка, тие се 0.4% и главно се присутни во регионите на Маради и Догондучи[3]. Тековните проценки го ставаат актуелното христијанско население на околу 56.000 лица со планиран раст што одговара на околу 84.500 христијани до 2025 година.[6].
Денеска во земјата се активни странски христијански мисионерски организации, продолжувајќи ја традицијата која датира од колонијалниот период. Првата католичка мисија била основана во 1931 година, додека првите протестантски мисионери пристигнале во 1924. Во доцните 1970-ти имало околу 12.000 католички и 3.000 протестантски преобратеници во Нигер, додека преостанатото христијанско население било составено од странци[7].
Бахајството во земјата започнала да се шири кон крајот на колонијалниот период.[8] Првите активисти во земјата пристигнале во 1966 година[9] и растот на религијата стигнало до точка на избор на Национално духовно собрание во 1975 година[10]. По периодот на угнетување, кога институциите на религијата станале нелегални кон крајот на 70-тите и 80-тите години, Националното собрание било повторно избрано во 1992 година. Бахајството има најголеми поддржувачи во југозападниот дел од земјата каде што бројат околу 5.600 верници[6].
Мал процент од популацијата ги практикува традиционалните домородни верски религии. Иако студиите проценуваат дека процентот е околу 6.6% или околу 1.055.000 лица[6], таквите бројки може да бидат погрешни бидејќи постои висока стапка на синкретизам во муслиманските заедници низ целата земја.
Верувањата на африканските традиционални религии вклучуваат и фестивали и традиции, практикувани од некои синкретични муслимански заедници, за разлика од неколку мали заедници кои ја задржиле својата предисламска религија.
|