Социјални емоции се емоции кои зависат од мислите, чувствата или постапките на други луѓе, „како што ќе се доживеат, сеќаваат, очекуваат или замислуваат од лично искуство“.[1][2] Примери за социјалните емоции се срам, вина, љубомора, завист, воздигнување, емпатија и гордост.[3]
Основни емоции како среќа и тага бараат само свесност за сопствената физичка состојба, наместо свестност за состојбата на другите луѓе. Затоа, развојот на социјалните емоции е тесно поврзан со развојот на социјалното сознание, способноста да се замислат менталните состојби на другите луѓе, што генерално се развива во адолесценцијата.[4][5] Истражувања во ова поле покажаа дека дури и мали деца, на возраст од 2 до 3 години, можат да изразат емоции што личат на вина[6] и каење.[7] Меѓутоа, иако петгодишни деца се способни да замислат ситуации во кои би се почувствувале основните емоции, способноста да се опишат ситуации во кои би можеле да се доживеат социјалните емоции се појавува дури на седумгодишна возраст.[8]
Луѓето не само што можат да споделуваат емоции со другите, туку можат да доживеат и слично физиолошко возбудување со другите ако чувствуваат социјална поврзаност со другата личност. Една лабораториска студија од Цвир, Кар, Валтон и Спенсер (2011) покажа дека, кога учесникот почувствувал чувство на социјална поврзаност со странец (истражувачка конфедерат), учесникот доживеал слични емоционални состојби и физиолошки реакции на оние кои ги имал странецот, додека учесникот го набљудувал странецот како врши стресна задача.[9]
Социјалните емоции понекогаш се нарекуваат морални емоции, бидејќи тие играат клучна улога во моралот и донесувањето на морални одлуки.[10] Во невроекономијата, интердисциплинарно поле кое се обидува да го објасни човечкото одлучување, улогата што ја играат социјалните емоции во теоријата на игри и економското донесување одлуки штотуку почнува да се истражува.[11]
Откога функционалното снимање - особено функционалното магнетно резонантно снимање (fMRI) - станало популарно пред околу една деценија, истражувачите почнале да го проучуваат економското одлучување со новата технологија. Ова им овозможува на истражувачите да ја истражат улогата што ја играат емоциите во донесувањето одлуки на невролошко ниво.
Способноста да се опишат ситуации во кои ќе се доживее социјална емоција се појавува кај деца на околу 7-годишна возраст.[8] Во адолесценција, искуството на социјалните емоции веќе проникнува во секојдневната социјална размена.[12][13] Истражувањата кои користат fMRI откриле дека различни мозочни региони се вклучени кај различни возрасни групи при извршување на социјално-когнитивни и социјално-емоционални задачи. Областите на мозокот, како медијалниот префронтален кортекс (MPFC), супериорен темпорален сулкус (STS), мозочните полутопки и прекунеусот, кој се граничи со задниот цингулат, се активираат и кај возрасните и кај адолесцентите кога тие размислуваат за намерноста на другите, но медијалниот PFC повеќе е активиран кај адолесцентите, а десната СТС повеќе е активирана кај возрасните.[14] Слични ефекти беа пронајдени и кај помлади учесници, така што, кога учесниците извршуваат задачи кои вклучуваат теорија на умот, зголемена возраста е поврзана со зголемување на активирањето во дорзалниот дел на MPFC, а намалување на активноста во вентралниот дел на MPFC исто така беше забележана.[15]
Истражувањата кои ги споредуваат возрасните со адолесцентите кога доаѓа до нивното процесирање на основните и социјалните емоции, исто така, укажуваат на развојни промени во вклучените области на мозокот. Во споредба со адолесцентите, кај возрасните левата мозочна полутопка има посилна активност кога читаат приказни кои предизвикуваат социјални емоции.[16] Се смета дека темпоралните полови складираат апстрактно општествено знаење.[17][18] Ова сугерира дека возрасните би можеле почесто од адолесцентите да користат социјално семантичко знаење кога размислуваат за социјално-емоционални ситуации.[16]
Истражувачите за да ја истражат функцијата на социјалните емоции во економското однесување, ги проучуваат разликите во вклучените мозочни региони кога учесниците си играат со, или мислат дека си играат со друго лице, наместо да си играат со, или да мислат дека си играат со компјутер.
Едно истражување со fMRI покажа дека кај учесниците кои имаат тенденција да соработуваат на игри кои се играат од двајца играчи и се базирани на „доверба и реципроцитет“, верувањето дека играат со друг учесник го активира префронталниот кортекс, а верувањето дека си играат со компјутер не го активира овој дел од мозокот.[19] Оваа разлика не беше забележана кај играчите кои имаат тенденција да не соработуваат.[19] Авторите ја толкуваат оваа разлика како теоријата на умови што соработниците ја користат за да ги предвидат стратегиите на противниците. Ова е еден пример за тоа како социјалното одлучување се разликува од други форми на носење на одлуки.
Кај економијата на однесувањето, клучна критика е дека луѓето не секогаш дејствуваат на целосно рационален начин, како што претпоставуваат многу економски модели.[20][21][22]
На пример, во ултиматум играта, двајца играчи треба да поделат одредена x сума пари. Еден играч, наречен предлагач, одлучува сооднос по кој се делат парите. Другиот играч, наречен одговарач, одлучува дали да ја прифати понудата на предлагачот или не. Ако одговарачот ја прифати понудата на у сума пари, тогаш предлагачот добива х-у износ, а оној што одговара добива у. Но, ако одговарачот одбие да ја прифати понудата, двајцата играчи не добиваат ништо. Оваа игра е широко изучувана во економијата на однесувањето. Според моделот рационален агент, најрационалениот начин на кој може предлагачот да дејствува е да го направи y што е можно помал, а најрационален начин на кој може одговарачот да дејствува е да ја прифати понудата, бидејќи мала сума на пари е подобра од ништо. Сепак, овие експерименти покажуваат дека предлагачот и одговарачот дејствуваат различно од она кое се смета за рационално. Предлагачите имаат тенденција да понудат 40% од x, а понудите под 20% се отфрлени од одговарачите.[23] Користејќи fMRI скенирање, истражувачите открија дека социјалните емоции предизвикани од понудите може да играат улога во објаснувањето на резултатот. Кога понудите се сметани за неправедни, активни се три региони на мозокот: дорсолатералниот префронтален кортекс (DLPFC), предниот цингуларен кортекс (ACC) и инсулата. Инсулата е активна во регистрирањето на непријатност во телото. Се активира во повеќе случаи, еден од кои е кога луѓето чувствуваат социјална исклученост.[24] Авторите ја толкуваат активноста во инсулата како аверзивна реакција што ја чувствуваат луѓето кога ќе се соочат со неправедност, активност во DLPFC како начин на процесирање на идната награда, односно задржувањето на парите, а ACC е арбитер кој ги мери овие два спротивставени инпута за да донесе одлука. Дали понудата ќе биде одбиена или не, може да се предвиди (со корелација од 0,45) според нивото на активноста на инсулата на одговарачот.[11]
Проучувањата на невроекономијата и социјалните емоции се тесно поврзани и со проучувањето на казнувањето. Истражувањето со помош на ПЕТ скенирање покажа дека, кога играчите ги казнуваат другите играчи, се активира активноста во акумбенс јадрото (дел од стриатумот), регион познат по обработката, односно процесирањето, на наградите добиени од акциите.[25][26] Тоа покажува дека не само што се чувствуваме повредени кога сме жртви на неправедност, туку сме и психолошки наградни ако го казниме сторителот, дури и по цена на нашата сопствена корист.
Некои социјални емоции се нарекуваат и морални емоции поради тоа што играат клучна улога во моралот.[10] На пример, вината е непријатноста и каењето што човек ги чувствува поради неморалното или погрешното дело кое тој го извршил.[27] Вината е социјална емоција, бидејќи потребна е перцепција дека друга личност е повредена од овој чин за да се чувствува вината од страна на сторителот на повредливиот чин. Вината исто така има импликација во моралот, така што виновниот, поради чувството на вознемиреност и каење, ја прифаќа одговорноста за погрешното дело, што може да предизвика желба да се поправи или да се казни себеси.[28]
Не сите социјални емоции се морални емоции. Гордоста, на пример, е социјална емоција која вклучува восхитување на другите луѓе. Но, истражувањето на улогата што таа ја игра во моралното однесување дава проблематични резултати.[10]
Емпатијата е дефинирана од Ајзенберг и колегите како афективен одговор кој произлегува од разбирањето на туѓата емоционална состојба и е слична на она што другата личност го чувствува или би се очекувало да го почувствува.[29] Вината, која е социјална емоција со силна морална импликација, силнo корелира со емпатичната реакција; додека срамот, емоција со помалку морална конотација, е негативно корелирана со емпатичната реакција, кога се контролира вината.[28]
Воочената контролираност, исто така, игра важна улога во модулирањето на социо-емоционалните реакции и емпатичните одговори на луѓето.[30] На пример, учесниците кои треба да ги оценат академските перформанси на другите луѓе имаат поголема веројатност да назначат казни за оние луѓе кај кои лошата перформанса се толкува како резултат на низок напор, наспроти како резултат на ниска способност.[31] Стигмите, исто така, предизвикуваат повеќе емпатичен одговор кога се перципираат како неконтролирани (т.е. имаат биолошко потекло, на пример страдањето од одредена болест), за разлика од контролираните (т.е. имаат потекло од однесувањето, на пример дебелината).[32]
|hdl-access=
бара |hdl=
(help)
Видови чувства |
|
---|---|
Анксиозност • Апатија • Вина • Вознесеност • Глупавост • Гордост • Горчина • Депресија • Дефетизам •Досада • Ентузијазам • Задоволство • Засраменост • Збунетост • Изненадување;• Лутина • Љубов • Љубомора • Меланхолија • Навредност • Надеж • Носталгија • Огорченост • Одвратност •Омраза • Осаменост • Отфрленост • Паника •Презир • Разочараност • Самозадоволство • Сочувство • Срам • Среќа • Страв • Стравопочит • Страдање • Фанатизам • Фрустрираност • |