Сушење на дрво

Сушење на дрвото е систем од методи и техники за отстранување на непотребната вода (влага) од дрвото. Намалувањето на водата во дрвото се изведува со сушење. За сушење на масивното дрво се користат следниве начини:

  • сушење без доведување топлина и
  • сушење со доведување топлина (вештачко топлинско сушење).

Во првата група влегуваат: природното (атмосферско), механичкото и биолошкото сушење.

Во втората група влегуваат: конвективното и контактното сушење, сушењето со зрачење, со прегреана водена пареа, со високочестотна електрична енергија, во вакуум, со хидрофобни течности, со сончева енергија и со хемиски средства.

Најголема практична примена имаат природното сушење (на отворен простор, под стреи или комбинација од двете) и конвективниот метод (сушење во специјални објекти – сушилници). Покрај сушењето на масивното дрво, постојат методи и техники за сушење на фурнири и дрвени иверки. Сушењето на фурнирите се врши по вештачки пат во сушилници (кај некои сечени фурнири и по природен пат), додека сушењето на дрвените иверки се врши само по вештачки пат.

Македонска Енциклопедија, проф. д-р Борче Илиев, Шумарски факултет, Скопје, Сушење на дрвото стр. 1460-1461, МАНУ, Скопје, 2009.