Тешан Подруговиќ (српски: Тешан Подруговић, околу 1775 - ?) - српски ајдук од Херцеговина.
Тешан Подруговиќ се родил околу 1775 година во селото Казанци, во близината на Гацко, Херцеговина. Најпрвин, тој бил трговец, но откако убил некој Турчин (кој сакал да го убие него), заминал во ајдуци, а во 1807 година пребегал во Србија. Вистинското презиме му било Гавриловиќ, но луѓето го завикале Подруг или Подруговиќ зашто бил многу голем човек, т.е. „по друг човек“. Според Вук Караџиќ, тој бил паметен и чесен човек. Притоа, Караџиќ го истакнува Подруговиќ како најдобриот пејач на епски народни песни, кој знаел повеќе од 100 јуначки песни, особени песни за разни приморски, босански и херцеговски ајдуци и четобаши (15 песни за Мијат арамбаша). Иако знаел многу убаво да свири на гусли, Подруговиќ не ги пеел песните, туку ги раскажувал, и тоа го правел со големо чувство. Од Подруговиќ, Караџиќ запишал околу 20 песни, како што се: „Женидбата Душанова“, „Марко Крале и Љутица Богдан“, „Марко Крале и Вуча џенерал“, „Цар Лазар и царица Милица“, „Марко Крале и Муса Кесеџија“, „Сењанин Тадија“ итн.[1]