Требиште | |
Поглед на селото од дворот на Бигорскиот манастир | |
Координати 41°37′41″N 20°35′21″E / 41.62806°N 20.58917°E | |
Регион | Полошки |
Општина | Маврово и Ростуше |
Област | Долна Река |
Население | 498 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1254 |
Повик. бр. | 042 |
Шифра на КО | 07081 |
Надм. вис. | 940 м |
Требиште на општинската карта Атарот на Требиште во рамките на општината | |
Требиште на Ризницата |
Требиште — село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Долна Река.
Селото првпат е забележано како Требиштем во документ од 1426 година, што може да има повеќе значења. Првото е да доаѓа од паганското значење на „требиште“ како жртвеник, олтар, вакавско земјиште или света шума. Второто е да доаѓа од „требено место“ или очистено место. Третото е од основата треб- што доаѓа од глаголот треби. И последното е дека доаѓа од „требиште“ што означува очистено место од дрвја и камења и претворено во нива.[2]
Требиште се наоѓа во областа Долна Река, во југозападниот дел на територијата на Општина Маврово и Ростуше, од десната страна на реката Радика, чиј атар се издига на планината Дешат, каде што се допира со државната гранична линија со Албанија.[3] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 940 метри.[3]
Селото е сместено на средно висока тераса, под Вели Врв на Дешат. Поседува бројни извори на вода и чешми.[4]
Месности во атарот на селото се следниве: Костадинов Лаз, Крушевица, Слатина, Банатски Дол, Пирок, Лојза, Параспур, Млаче, Шумица, Јавори, Виница, Рид, Леовец, Брдце, Планина, Осој, Лопушник, Корија, Старо Гумно, Коритишча, Горна Равен, Колиба, Лок, Чука, Пароски Ливади, Средорек, Старо Бачило, Сара, Ѓинина, Студена Вода и Бара.[4]
Селото има збиен тип и куќите се збиени на горниот дел од терасата, додека подолу се наоѓаат ниви, а над него се наоѓа шума. Мал дел од куќите се издвоени со поток од останатиот дел од селото.[4]
Во непосредна близина на селото, односно на левиот брег од реката Радика, се наоѓа и познатиот Бигорски манастир. До селото води асфалтен пат, а поголемиот дел од куќите се нови и современи.
Поради стрмниот предел, селото е изложено на опасност од свлечишта. Во близина на селото е активно и свлечиштето „Велебрдо“, кое последен пат било активно во периодот 1996-1999.[5]
Оддалечено е 23 километри североисточно од градот Дебар и 4 километри северно од општинскиот центар Ростуше.
Во минатото постоело село под денешната местоположба под името Ореово, веднаш до самата Радика. Тоа село било уништено од страна на јаничарите и останал само извесен Ѓорѓи. Подоцна, јаничарите се вратиле и ја запалиле куќата на тој Ѓорѓи, за потоа и тој да замине. Од ова село се наоѓаат остатоци од црква и гробишта.[4]
Денешното село е основано од доселеници од Порече во расчистен дел „Требиш“. За време на потурчувањето, дел од Мијаците биле исламизирани. Старите гробишта, додека биле христијани, се наоѓа во месноста Пирок.[4]
Во XIX век, Требиште било село во Реканската каза на Отоманското Царство. Пред 1885 година при обединувањето на нахиите Горна и Долна Река, селото било седиште на казата. Кон крајот на 1887 година, седиштето на казата било преместено во Жировница.[6]
Вкупно 6 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[7]
Селото зафаќа простор од 15,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина 1.014 хектари, пасиштата заземаат 358 хектари, додека на обработливото земјиште отпаѓаат 120 хектари.[3]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Требиште било село со 150 домаќинства и 409 жители.[8]
Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, етнографија и статистика“) од 1900 година во селото имало 832 Македонци (192 христијани и 640 муслимани).[9] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Требиште имало 336 Македонци под врховенството на егзархијата.[10]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Требиште се води како македонско село од мешана (муслиманска и православна) вероисповед во Реканската каза на Дебарскиот санџак со 129 куќи.[11]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[12]
Требиште е големо село, коешто во 1961 година броело 904 жители, од кои 640 биле Турци, 233 Македонци и 28 Албанци. Во 1994 година бројот се зголемил на 1.106 жители, од кои 156 биле Турци, 39 Албанци, 22 Македонци, а 889 се запишани како останати.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Требиште живееле 765 жители, од кои:[13]
* Жителите кои се изјасниле како Албанци, Турци и Бошњаци, всушност претставуваат Македонци со исламска вероисповед, бидејќи најголем дел од нив се изјасниле дека македонскиот јазик им е мајчин.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 498 жители, од кои 34 Македонци, 55 Албанци, 144 Турци, 19 Бошњаци, 204 останати и 42 лица без податоци.[14]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Требиште:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | 940 |
1953 | 354 | 268 | 399 | 1 | — | 2 | — | 1.024 |
1961 | 233 | 28 | 640 | 1 | — | 2 | — | 904 |
1971 | 379 | 0 | 414 | 0 | — | 355 | — | 1.148 |
1981 | 51 | 4 | 36 | 0 | — | 1.075 | — | 1.166 |
1991 | 17 | 33 | 52 | 0 | — | 1.118 | — | 1.220 |
1994 | 22 | 39 | 156 | 0 | — | 889 | — | 1.106 |
2002 | 303 | 159 | 277 | 0 | 18 | 8 | — | 765 |
2021 | 34 | 55 | 144 | 0 | 19 | 204 | 42 | 498 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Во Требиште отсекогаш живееле Македонци. Според записите на Томо Смилјаниќ - Брадина на почетокот на XX век во Велебрдо живееле следните македонски муслимански и христијански родови:[4]
Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуше, која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Ростуша, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Маврови Анови, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуше, во која денес се наоѓа селото.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар, додека во периодот по војната од 1957 до 1965 година се наоѓала во некогашната општина Маврово. Во рамките на општина Ростуша се наоѓало во периодот 1955-1957.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Ростуша, во која покрај Требиште се наоѓале и Аџиевци, Битуше, Велебрдо, Галичник, Јанче, Присојница, Ростуша и Сушица. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на истоимената општина, во која било единствено село.
Во селото постојат избирачките места бр. 0470 и 0470/1 според Државната изборна комисија, сместени во простории на основното училиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.219 гласачи.[16][17]
|