Насловната страна на Ферагус (1833) | |
Автор | Оноре де Балзак |
---|---|
Земја | Франција |
Јазик | Француски |
Серијал | Човечка комедија |
Издадена | 1833 |
„Ферагус“ (француски: Ferragus) — роман на францускиот писател Оноре де Балзак. Романот, напишан во февруари 1833 година, е посветен на Хектор Берлиоз.
Огист де Моленкур е гардиски офицер кој е вљубен во убавата Клеманса, но љубовта е само платонска, зашто таа е омажена за берзанскиот посредник Жил Демаре. Нивниот брак е пример за среќа и љубов и ним им завидува целокупното високо општество во Париз. Еден ден, шетајќи низ улиците на сиромашниот дел на Париз, тој ја здогледува како влегува во една неугледна куќа. Мислејќи дека Клеманса има љубовник, офицерот започнува да ја следи. Еден ден, де Моленкур случајно среќава еден сиромашен, стар човек за кого дознава дека има љубовница со име Ида. По тоа откритие, на де Моленкур му се случуваат неколку „несреќни“ настани во кои тој едвај останува жив. Подоцна, де Моленкур откирва дека зад сето тоа стои Ферагус, некогашниот водач на ѕидарите, кој бил осуден на долгогодишна затворска казна, но успеал да избега од затворот, по што со години успешно бега од полицијата.
Најпосле, тој му ја соопштува тајната на господинот Жил, сопругот на Клеманса, ветувајќи му дека ќе му ја докаже неверноста на неговата сопруга. Жил разговара со Клеманса, но таа не сака да му ја открие тајната. Тогаш, и Жил започнува своја истрага и го открива местото каде се крие Ферагус, кој се мачи во болки по операцијата со која треба да го скрие својот вистински идентитет. Така, Жил дознава дека неправедно се сомневал во својата сопруга, бидејќи Ферагус не ѝ е љубовник, туку тој е нејзиниот татко. Имено, Клеманса долго време не го познавала својот татко, а за него дознала пред смртта на мајка ѝ и оттогаш започнала да одржува тајни односи со него. Истовремено, Ферагус цело време финансиски ја поддржува својата ќерка, овозможувајќи му на Жил да се збогати.
Сепак, по обвинувањата на Жил, Клеманса се разболува и набргу умира. Татко ѝ организира величествен погреб, а Жил, столчен од болката кон саканата сопруга, посакува да го откопа нејзиното тело, но не може да добие дозвола за тоа. Истовремено, откако добива потврда за верноста на сопругата, Жил го посетува де Моленкур со намера да го предизвика на двобој, но офицерот е речиси мртов, совладан од некоја непозната болест. Романот завршува така што Ида умира така што се фрлила во реката Сена, Жил добива една тајна пратка со пепелта на Клеманса, а стариот Ферагус продолжува да живее потполно скршен од болката поради смртта на Клеманса.[1]