Фердинандо Галијани (италијански: Ferdinando Galiani; 2 декември 1728, Кјети – 30 октомври 1787, Неапол) — италијански економист и истакнат деец на просветителството. Ниче го нарекол „најдлабокиот и најпрониклив ум на XVIII век“,[1]
Галијани е роден во градот Кјети, а добил темелно образование кај чичко му во Неапол и Рим со намера да стане свештеник. Уште од раната младост пројавувал надареност во економијата, но уште повеќе се истакнувал со неговата духовитост. На возраст од 22 години се запопил[2] па напишал две дела со кои се прочул надалеку низ Европа. Во „Расправа за парите“ (Trattato della moneta) на тема монетарната политика се истакнал како застапник на меркантилизмот. Делото ја обработува трговската размена од разни агли, но секогаш со особен нагласок на безредието кое владеело во монетарниот систем на неаполската држава. Со другото дело, насловено како „Собир на смртта на џелатот“ (Raccolta in Morte del Boia) Галијани се прочул како хуморист, и уживал голема популарност во италијанските книжевни кругови кон крајот на XVIII век. Книгата се состои од низа расправи по повод смртта на јавниот џелат и претставува своевидна пародија на стиловите на тогашните неаполски писатели. Како голем познавач на политиката и истакнат општественик, Галијани поттикнал интерес кај кралот Карло[3] и либералниот министер Бернардо Танучи. Така, во 1759 г. бил назначен за секретар на неаполската амбасада во Париз. На функцијата се задржал десет години, по што се вратил во Неапол и станал советник во трговскиот суд. Во 1777 г. бил назначен за управник на кралските владенија.
Како економист, Галијани највеќе се истакнал со делото „Дијалози за трговијата со жито“ (Dialogues sur le commerce des blés), објавено на француски јазик во 1769 г. во Париз. Ова дело во лесен стил и полно пријатна досетливост го висхитило Волтер кој го опишал како мешавина од Платон и Молиер. Расправата се однесува на слободата во трговијата со пченка, со особен осврт на кралскиот указ од 1764 г., според кој извозот на мора да запре ако цената достигне извесна висина. Галијани ја изложува својата противтеза - дека систем воопшто не треба да постои бидејќи во различни важат различни услови, па затоа управата треба да се раководи според конкретниот случај.
Покрај сета остроумност, Галијани западнал во најтешката заблуда на меркантилизмот — дека една земја не може да добие без друга да изгуби. На истиот став бил Волтер, па дури и Пјетро Вери. Во претходната расправа, Галијани оди дотаму што застанува зад одлуката на властите да ја снижуваат вредноста на својата валута.
Сè до неговата смрт, Галијани редовно се допишувал со пријателите од Париз. Најзначајно меѓу нив е пријателството со Мадам д'Епине. Овие преписки се објавени во 1818 г.
„Фердинандо Галијани“ на Ризницата ? |
|