Филоколо

Цртеж од ракописот на Филоколо (Оксфорд, Библиотека Бодлијан)

Филоколо (изворно II Filocolo) е роман напишан од Џовани Бокачо помеѓу 1335-1336. Се смета дека е првиот роман на италијанската литература напишан во проза. Тој е заснован на многу позната приказна во своето време, Флуар и Бланшефлор.

„Френклиновата бајка“ во „Кантенбериските приказни“ на Џефри Чосер се заснова на „Филоколо“.

Ова дело потекнува од младоста на Бокачо; тоа е напишано за време на неговиот престој во Неапол во 1336 година.

Двајцата протагонисти се Флорио, син на кралот на Шпанија и Бјанкифјоре, сирак. Бидејќи пораснале заедно, тие се заљубени и принудени се да претрпат многу авантури и несреќи што ги делат. На крајот, по многуте патувања на Флорио во потрага по неговата љубов под псевдонимот Филоколо, тие се обединети.

За време на престојот во Неапол, Флорио, спречен од бурно море, шета покрај гробницата на Вергилиј, каде се наоѓа привлечен од мелодијата што доаѓа од соседната градина. Тука тој се среќава со Калеоне (кој го претставува самиот Бокачо), кој е дел од „благородната бригада“ и го поканува Флорио да им се придружи. Друг член на групата е Фјамета (Марија д'Акино) која е избрана за нивна кралица. Секоја од групите, пак, предлага љубовно прашање. Овој дел е особено значаен затоа што ја предвидува шемата на Декамерон.

Материјалот е извлечен од познатата традиција; авантурите на Флуар (Флорио) и Бланшефлор (Бјанкифјоре) биле добро познати во Европа како и оние на Тристан и Изолда. Во Италија имало позната песна во отава рима со наслов „Cantare di Florio e Biancifiore“ (Песна за Флорио и Бјанкифјоре). Сепак, Бокачо направил карактеристична верзија на приказната, започнувајќи го неговиот нов прозен стил.