Хорарна астрологија е гранка на астрологијата, при што астрологот одговара на конкретно поставено прашање. Астролошкиот круг се црта за точното време кога астрологот го чул и го сфатил прашањето. Постои несогласување меѓу хорарните астролози во врска со локацијата која се употребува при цртање на хорарната карта, односно дали е правилно да се земе локацијата на прашувачот, или локацијата на астрологот. Во минати времиња, астрологот и прашувачот се наоѓале еден наспроти друг, но овој проблем се појавува во денешни времиња, бидејќи постои комуникација по телефон или преку интернет, па така се случува прашувачот да е во Австралија, а астрологот во Европа. Сепак повеќето традиционални астролози, како локација го земаат местото во кое тие се наоѓаат.
Одговорите кои се добиваат од хорарната карта варираат од едноставни одговори како „да“ или „не“, до сложени објаснувања во врска со проблемот, како на пример мотивите на оние кои се инволвирани во случајот, или алтернативните можности за прашувачот.
Хорарната астрологија била практикувана со векови во Индија, а позната е како Прасна Шастра (санскрит: прасна = прашање), гранка на астрологијата која и денес се користи во Индија.
Англискиот астролог Вилијам Лили (1602-1681) се смета за последниот најголем хорарен астролог, и најверојатно еден од најдобрите познавачи и практикувачи на оваа гранка од астрологијата.
Во XX век, индискиот астролог Кришнамурти вовел во употреба нов систем наречен Кришнамурти систем, кој денес се користи во Индија. Разликата при употреба на овој систем е што прашувачот е замолен да одбере број од 1 до 249, а според бројот што ќе го одбере, ќе се пресмета асцедентот на хорарната карта.
Хорарната астрологија си има свој систем на работа. Најважна е позицијата на Месечината и аспектите кои таа ги прави со другите планети. Оној што поставува прашање, прашувачот, е претставен со планетата која владее со првата куќа од хорарната карта. Други важни елементи при анализа на хорарна карта се месечевите јазли, планетарните антисции, фиксните ѕвезди и некои од таканаречените арапски точки.
Вообичаено, во хорарната карта не се читаат сите планетарни позиции, ниту се разгледуваат сите куќи и планети, туку само оние кои се директно поврзани со прашањето. На пример, за прашање: „Каде е мачката?“, одговорот ќе го бараме во 6 куќа и нејзиниот владетел, затоа што 6 куќа традиционално се смета дека ги претставува малите животни (животни кои се помали од коза, или кои не може да се јаваат). Ако на врвот од 6 куќа се наоѓа знакот Вага, на пример, тогаш Венера како владетел на овој знак во хорарната карта ќе ја покаже изгубената мачка. Состојбата на Венера (нејзиното достоинство, аспектите итн.) ќе ни ја дадат состојбата на изгубеното животно.
Астролошките куќи ја играат најголемата улога во хорарната астрологија. Може да се употреби било кој систем на поделба на куќите, но вообичаено е да се користи системот наречен Региомонтанус.
Умешноста да се одреди во која куќа треба да се бара одговорот на поставеното прашање е најголемиот квалитет на астрологот. Доколку толкуваме погрешна куќа, и одговорот ќе биде погрешен. Куќите имаат по повеќе значења. Следува список на можни значења на куќите:[1]
На некои прашања е важна употребата на вртење на хороскопот, односно радикалните куќи се претвораат во т.н. дериватни куќи. Пример, ако мојот брат е претставен со трета куќа, тогаш неговите пари се куќата која е втора од третата = четврта куќа. Моето дете е петта куќа, а детето на моето дете (мое внуче) е петта од петтата = деветта куќа. Топката на моето куче - втора од шеста = седма куќа.
Најдете ги сигнификаторите, најдете аспект меѓу нив, и ќе имате позитивен одговор на прашањето. Аспектот е важен, но не е пресуден. Аспектот дава можност нешто да се случи. Ако нема можност, нема настан, но не мора да го означува позитивниот исход на прашањето. На пример: имав можност да ја запросам, но таа ме одби. Можноста сама по себе не беше доволна да се оствари планираното.[2]
Затоа, она што е важно при анализирање на хорарната карта се достоинствата и рецепциите на планетите. Аспектот носи можност да се делува, рецепцијата - желба да се делува, а достоинството - моќ да се делува.
Постојат два вида достоинства на планетите: случајно и основно достоинство, и имаат различно значење. На пример при прашање за судски спор основното достоинство покажува кој е во право, а случајното достоинство - кој ќе го добие спорот.
За планетата ќе речеме дека има основно достоинство доколку се наоѓа во свој знак или во знак во кој е во егзалтација. Доколку се наоѓа во изгон или пад - планетата е дебилитирана, и тогаш во хорарната карта врши лошо влијание. Но, планета која не е во ниедно основно достоинство, ниту е во изгон или пад, е перегринирана. Таа е налик на скитник, препуштена на околностите, и обично се смета за лоша.
Наједноставно кажано, случајно достоинство има планета која се наоѓа во аголна куќа, иако списокот на случајни достоинства и дебилитации е долг. Ситуации на случајна дебилитација:[3]
Казими или во срце на Сонцето, е планета која е на 17 и пол минути од Сонцето. Ова се смета за многу поволен аспект.
Колку светло има Месечината, толку е поспособна да делува. Посилна е кога расте (од млада кон полна), отколку кога паѓа (од полна кон млада). Најслаба е полната Месечина. Се вели дека Месечината е во празен од доколку до крајот на знакот во кој се наоѓа не прави никаков аспект со другите планети. При анализа на хорарна карта, Месечина во празен од е општ показател дека нема ништо да се случува. Ова е некогаш добро, но некогаш не е. На пример, ако прашањето гласи „Дали ќе ме избркаат од работа?“, а Месечината е во празен од, тогаш одговорот е: „Не, ништо нема да се случи.“[4]
Подрачјето во Зодијакот меѓу 15 степени Вага и 15 степени Скорпија се нарекува Виа Комбуста, или спален пат. Месечината не сака да е тука, се чувствува вознемирено, а ова е значајно при емотивни прашања.
Во хорарната астрологија се користат само главните аспекти, и тоа чисти аспекти: коњукција, тригон, секстил, квадрат и опозиција. При анализа на хорарната карта состојбата на планетите и нивните меѓусебни ставови, достоинствата и рецепциите, покажуваат дали аспектот е среќен или не, а не природата на аспектот. Па така во хорарната карта квадрат со добри рецепции може да е помоќен од тригон со лоши рецепции.
Ова е ситуација во хорарната карта кога двата главни сигнификатори немаат аспект меѓу себе, но некоја трета планета ги поврзува: прави аспект со едната, а потоа со другата планета. Ова се нарекува пренос на светлина, и обично означува вклучена трета особа во ситуацијата за која се однесува прашањето. На пример, планетата А оди кон Б, а Б оди кон Ц. На овој начин се поврзани планетите А и Ц.
Прохибиција е спречен аспект. На пример, А оди кон Б, ама налетува прво на Ц. Ова значи дека Ц ќе ја расипе работата, што и да означува Ц во конкретната хорарна карта. Имам состанок со Џули, ама се јави Џејн да се смириме, па заминав со Џејн.[5]
Антисција е грчки збор за „сенка“. Секој степен во Зодијакот има свој степен на антисција. Во хорарната карта важни се антисциите на планетите, затоа што коњукција или опозиција со планета преку антисција делува исто како физичка коњукција или опозиција на двете планети. Посебноста на овој аспект е во тоа што кога постои антисција, постои и нешто таинствено во врска со ситуацијата.[6]